Странските инвеститори порачуваат: Конкурентска позиција само со исти царини како во ЕУ

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, чека одговор од Владата дали ќе биде продолжен рокот за преполовените царини на 12 производи. Оттаму велат дека се во постојана комуникација и дека се надеваат на позитивен одговор од Владата. За да ја задржат конкурентската позицијата, инвеститорите бараат и израмнување на царините на ниво на оние во ЕУ.

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство потсети дека денес истече рокот до кога важеа намалените царински стапки на производите, кои им се неопходни за нивниот технолошки процес. Станува збор за специјални електронски компоненти, кои се произведуваат само во Азија. Нивните царини беа преполовени за период од 6 месеци и се движеа од 3,5 до 7,5 проценти. Бидејќи Владата не соопшти дека ја продолжува одлуката, од денеска стапките се враќаат на старите позиции и ќе изнесуваат меѓу 10 и 15 проценти. Во ЕУ царинските стапки на 12-те производи се движат од нула до 3,7 проценти. За да ја задржат конкурентската позицијата, инвеститорите бараат израмнување на царините на ниво на оние во ЕУ.

– Во постојана комуникација сме со Владата и се надеваме на позитивен одговор – вели за „Слободен печат“ Елена Милевска Штрбевска, координатор во Советот на странски инвеститори.

Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко-напредно производство при Стопанската комора на Македонија, за „Слободен печат“ вели дека, ако Владата не ја продолжи одлуката, тоа ќе ги направи производителите неконкурентни.

– Специфичните електронски компоненти што се вградуваат во нашите производи ги има само во Азија и при увоз од овие земји се плаќаат непотребно високи и нелогични царини. На наша иницијатива во декември минатата година, а со цел да бидеме поконкурентни во однос на производителите од Источна Европа, Владата ги преполови царините за овие производи. Одлуката важеше од 1 јануари до 1 јули годинава. Сега чекаме одговор дали ќе биде продолжена – додава Мизо.

Компаниите со напредно производство во Македонија веќе евидентираа просечен пад на месечните приходи од повеќе од 80 проценти во април. Тие побараа грантови за големите извозни фирми, шестмесечен мораториум за обврските што ги имаат кон државата, кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и продолжување на субвенциите за исплата на плати. Инвеститорите вработуваат 28 илјади луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот