Старата фабрика оди на јавно наддавање: Активистите не се откажуваат од идејата „Купром“ да прерасне во културен центар

Фото: Фејбук група „Ѓорче Петров“

Објектите на поранешната фабрика „Купром“ в четврток ќе се продаваат со јавно наддавање по пат на електронска аукција. Како што е објавено на системот за е-аукција ќе има три наддавања, првото започнува во 12 часот, второто во 12.30, а последното во 13:30 часот на кои објектите ќе се продаваат без утврдена почетна цена.

Во првиот пакет ќе се наддава за административната зграда на некогашната фабрика за бакар со површина од 548 метри квадратни и за деловна зграда, каде што влегуваат производствени магацини, хали, стоваришта со површина од 1833 метри квадратни, за кои вкупната проценета вредност е 69,6 милиони денари односно околу 1,1 милион евра. Во вториот пакет е предвидено наддавање за деловна зграда со површина од 515 метри квадратни и проценета вредност од нешто повеќе од 12 милиони денари или околу 200 илјади евра. Третото наддавање ќе биде за шест објекти од фабриката со вкупна површина од 2238 метри квадратни со проценета вредност од околу 64 милиони денари или нешто повеќе од еден милион евра.

Руинираните објекти на „Купром“ се наоѓаат на влезот на општината Ѓорче Петров во населбата Хром. Фабриката со децении напуштена, денеска е комплетно уништена, демолирана и претставува опасност за секој што ќе се реши да влезе во неа. Жителите на околината велат дека во неа се собираат бездомници и наркомани, па со години бараат да се најде решение за напуштениот објект.

Фото: Зелен хуман град

Сепак и покрај се просторот на фабриката претставува атрактивно градежно земјиште, затоа што на него според сѐ уште важечкиот ГУП, се предвидува изградба на објекти за домување.

Активистите од невладината организација „Културно ехо“ уште пред три години поднесоа иницијатива до Град Скопје и Агенцијата за планирање на просторот, во која побараа во Генералниот урбанистички план за Скопје основната намена на четврт СЗ 25, каде што се наоѓа фабриката „Купром“, да биде променета од А – домување во Б – јавни дејности и институции. Нивна идеја, за која се залагаат со години е фабриката да прерасне во културен, едукативен и креативен центар.

Сега, со оглед на тоа дека „Купром“ ќе се продава со јавно наддавање на 29 март, „Културно ехо“ бара од Град Скопје и од Агенцијата за планирање на просторот да го прекинат тригодишниот институционален молк и да излезат со свој став за иницијативата – ја поддржуваат ли оваа промена на ГУП-от или не? – прашуваат од „Културно ехо“.

И од „Зелен хуман град“ ја поддржуваат идејата „Купром“ да биде културна оаза на Скопје и сметаат дека тоа што се дозволува вакви објекти да останат запуштени среде градска средина или, уште полошо, да се претворат во нови бетонски џунгли, ќе претставува уште еден пораз за Скопје.

Локација совршена за културен центар, од настани, до галерии, до концерти и простор за секој скопјанец и скопјанка да избегаат од секојдневниот хаос. Локација каде што без многу напор, институциите може да ја претворат во културна оаза на Скопје. Постојат мал милион начини тоа да се постигне, дали преку приватно-јавно партнерство со сегашните сопственици на парцелата, дали преку експропријација (откупување) на земјиштето преку Општина Ѓорче Петров или Град Скопје, или негова пренамена преку новиот ГУП што уште е во изработка – велат од „Зелен хуман град“

Фото: Фејсбук група „Ѓорче Петров“

Тие ги повикуваат граѓаните кои сакаат да го видат овој простор како вистинска градска културна средина, да извршат директен притисок врз институциите што можат да ја реализираат оваа идеја. Оттаму ги поучуваат да испраќаат мејлови со поддршка на проектот до секторот за култура и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Ѓорче Петров, да организираат протест пред надлежните институции, вклучително пред Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и пред Министерството за култура, но и да бараат состаноци со советниците во овие две локални самоуправи, за и од нив да добијат поддршка за проектот.

Борбата за која било тема во Скопје и во Македонија мора да се одвива заеднички, синхронизирано и со инволвираност на сите граѓани. Не оставајте борбата да ја води една организација, една група или еден човек, надевајќи се и давајќи поддршка само преку социјални медиуми. Сплотете се, само масовноста прави вистински промени во Македонија! – порачуваат од „Зелен хуман град“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот