Средба Азески-Мицкоски: Идната Влада ќе го слуша бизнисот, ама и неговите поплаки

Азески-Мицкоски/Фото: МИА

Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе била исклучително внимателна, конзервативна кон ветувањата, особено во делот на економијата, на која ќе биде ставен акцент, ама и економската програма на актуелната влада ќе биде предмет на ревизија, рече лидерот Христијан Мицкоски во Стопанската комора

Бизнис-заедницата, а особено Стопанската комора на Македонија очекува од идната Влада, ветување и работа во следните 10 години со акцент на економијата, рече претседателот на комората, Бранко Азески на средба со делегација од ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Христијан Мицкоски. Тој вети дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително внимателна, конзервативна кон ветувањата, особено во делот на економијата на која ќе биде ставен акцент.

– Очекуваме да оствариме висок резултат на парламентарните и на претседателски избори и да ја формираме следната Влада, а во програмата на Владата дел ќе бидат сугестиите кои што беа дадени од СКСМ – рече Мицкоски. Од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претставниците на бизнисот добија ветување дека „идната влада ќе го слушала гласот на стопанствениците, но и нивните поплаки“.

Азески изјави дека со Мицкоски се сложиле дека не треба да се прават компромиси на сметка на економскиот развој.

– Ако не обезбедиме консензус за враќање на правната држава, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата нема да биде има економски развој и затоа ја охрабруваме идната влада да води таква бескомпромисна политика. Не сакаме да бидат само потврдувани разните желботеки што се повторуваат на секои четири години, туку бизнис-заедницата сака професионален однос и контакт бидејќи се работи за економија, за конкретни пари, затоа владата мора да биде внимателна во работата и да не глуми водење економија зашто тоа создава негативни парични ефекти. Оттука е најбитно да се види колку ни е долга чергата за да не се задолжуваме – поентираше Азески.

ВМРО-ДПМНЕ има внимателен пристап, има проекција како ќе се одвива буџетот во наредните четири години и со колкав фискален простор може да се располага.

– Како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници – истакна Мицкоски. Тој најави дека економската програма на актуелната влада ќе биде предмет на ревизија.

– Имаше и иновативни рецепти за пица, па ќе видиме каде заминаа парите на граѓаните. Што се однесува на даноците, ветуваме предвидлив рамен данок намален на 8 проценти, а данок до 5 проценти на добивка за мултинационални компании за да се придвижи економијата напред. Мора да водиме битка со сивата економија каде гледаме голем простор за работа. Не може едни компании што се дисциплинирани и редовни плаќачи на данок на сметка на други компании што ја стимулираат сивата економија -рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот