Спонзорирано од Сашо Мијалков

Фото: Слободен печат

Сметам дека секое претерано и пренагласено мешање во вмровските работи е штетно, бидејќи пораките испратени кон Мицкоски се слични на спонзорираните пораки на Мијалков, а тоа би требало да биде последната работа што демократската јавност во Македонија би требало да ја прави.

Пред две недели на Фејсбук објавив еден прилично безобразен статус, во кој истакнав дека не сум заинтересиран за реформите во ВМРО-ДПМНЕ. Во таа пригода употребив и еден срамен збор, кој нема смисла да го повторувам и сега, но мојата порака до јавноста беше дека навистина не ми е битно кој ќе биде наредниот претседател на оваа политичка партија.

А зошто е тоа така? Па јас не сум член на ВМРО-ДПМНЕ и спротивно на активностите на еден куп официјални претставници на СДСМ, сметам дека нема што јас или кој било друг аутсајдер да има мислење за внатрешните работи во оваа партија. Канонадата од пораки, статуси, твитови и јавни настапи, во кои функционерите, членовите и симпатизерите на СДСМ го повикаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да поднесе оставка на функцијата, почна уште по првата минута по прогласувањето на неофицијалните резултати од парламентарните избори во земјава, на кои ДПМНЕ беше поразен. Уште во првиот момент помислив дека актуелната власт ја прави истата грешка како и врхушката околу Никола Груевски од пред неколку години.

Кога Груевски беше премиер, неговите портпароли, советници, аналитичари, идолопоклоници и клиентелисти редовно бараа оставки од Зоран Заев по оние изборни кланици во кои ДПМНЕ извојуваше големи победи. Од „жолтата куќа“, а подоцна и од „белата палата“, се испраќаа „добронамерни“ совети за реформи во СДСМ, за тоа дека земјата страда поради фактот дека нема вистинска опозиција, дека социјалдемократијата како идеја и идеологија е уништена во Македонија, благодарејќи на лошото работење на Заев. И токму таквото агресивно пропагирање против Зоран Заев беше еден од клучните фактори поради кои тој подоцна стана најпопуларниот политичар во нашата држава. Затоа сметам дека луѓето блиски до СДСМ не би требало да ја повторат истата грешка на своите политички неистомисленици, туку своето политичко дејствување да го насочат кон некои други далеку поделотворни цели.

Слична кампања води и Сашо Мијалков, кој сепак има полно право да бара реформи во ВМРО-ДПМНЕ и оставка од Мицкоски, бидејќи тој долго време беше член на партијата, каде што вршeше и значајни функции и кој внатрепартиската борба ја води главно преку Фејсбук.

Значи некогашната „сива еминенција“ и персонификацијата на моќта во Македонија, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, чие име се изговараше со шепот, за кого се плетеа неверојатни легенди, кој по симнувањето од власта стана многу повеќе од „средно богат бизнисмен“, со отворено писмо му се обраќа на Мицкоски, окривувајќи го за тоа дека му нанел голема штета на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку оставиме на Заев и СДСМ да бираат, ќе те изберат тебе за уште десетпати по ред да те згазат на избори, а ти да ја бараш вината за поразите на друго место, а не во себе и луѓето со кои соработуваш“, му порачува „бате Саше“ на даскалот со статусот објавен на Фејсбук, кој стана вирален бидејќи беше спонзориран.

Затоа и сметам дека секое претерано и пренагласено мешање во вмровските работи е штетно, бидејќи пораките испратени кон Мицкоски се слични на спонзорираните пораки на Мијалков, а тоа би требало да биде последната работа што демократската јавност во Македонија би сакала да ја прави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот