Споделени видеа и фотографии од Струшко и од Скопско: Чуваат дива мечка како домашно милениче?!

Десетици фотографии од мало мече кое со текот на месеците пораснало, се чува на синџир и се шета како да е куче, се споделени на социјалната мрежа Фејсбук на приватен профил на машко лице од Струшко. Од коментарите под фотографиите произлегува дека човекот што го чува дивото животно е од Македонија, условите во кои се чува животното се најверојатно во некое село, а друштво на мечето му прават кучиња, кои се одгледуваат за продажба и чинат 400 евра за едно.

Згрозени граѓани од ваквата појава ги пратија фотографиите до нашата редакција, затоа што сметаат дека животното се чува во несоодветни услови, се држи на синџир заробено и во друштво на големи кучиња од нејасни причини, можеби за тренинг за борби.

Галетановски: Опасност за околината и за безбедноста

„Слободен печат“ се обрати до директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, кој ни потврди дека диво животно дома не смее да се чува од граѓани што немаат дозвола за тоа.

– За да се одгледува диво животно, мора да постои дозвола, која ја имаат национални паркови како Јасен, а и Зоолошката градина. Станува збор за животно за чијашто грижа мора да има посебен персонал, посебни услови и живеалиште и кое по природа е диво животно, може да претставува опасност за околината и за безбедноста – ни изјави Галетановски.

Фејсбук-профилот каде што се гледа дека поголема мечка е дел од домашната атмосфера на овој граѓанин не е единствениот случај. На социјалната мрежа „Тик-ток“ не стивнуваат коментарите и реакциите за друго, посебно видео, со наслов ,,скопски фраери имаат мечка за милениче“. На видеото се гледа куче од расата аргентинска дога, кое најнапред си игра со мечето, но потоа го напаѓа. Машки глас го одвраќа од намерата да продолжи со нападот.

Непознато е како овие диви животни завршиле во рацете на граѓани, дали ги користат како спаринг-партнери за тренирање кучиња за илегални борби од кои се заработуваат големи пари, или служат само како домашни миленичиња. Законот за заштита на животни забранува мечка да се чува како домашно животно. Министерството за внатрешни работи е запознаено со ваквата појава, но оттаму не ни одговорија дали ќе постапат или дали случајот е во надлежност на некоја друга институција.

 МЖСПП е надлежно да ги заплени и да ги згрижи

Министерството за животна средина изработува студија за воспоставување на центар за згрижување повредени и запленети диви животни во Република Северна Македонија. Во текот на изминатите години во повеќе наврати на подрачјето на државата се евидентирани случаи на повредени диви животни. Често причина за вакви случувања се прекинатите биокоридори за миграција на дивите животни со развојот на патната инфраструктура, изградбата на енергетски и хидроенергетски објекти, рударските активности, пожари, поплави, но и незаконско ловење и фаќање на животните со замки.

МЖСПП, како надлежно државно тело за спроведување на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени диви растителни и животински видови, има регистрирано случаи на нелегална меѓународна трговија и промет со диви видови, нивни делови и деривати на територија на нашата земја. Запленетите диви животни мора да се одземат и соодветно да се згрижат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот