Спасовски смета дека безбедносната состојба на границите генерално поволна

Оливер Спасовски министер за внатрешни работи - фото: Дргаган Митрески / Слободен печат

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска пред амбасадорите од земјите-членки на ЕУ рече дека безбедносната состојба на државните граници во моментов е генерално поволна.

Како главни предизвици тој ги издвои илегалното минување, криумчарењето мигранти и секундарните движења на мигрантите, но не се регистрирани, напомена, посериозни загрозувања на јавниот ред и мир и јавното здравје како резултат на мигрантската криза.

-Во првите десет месеци спречени се 22 806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани. Најголем дел од обидите за илегални преминувања, впрочем како и во претходните години, се спречени на јужната граница со Република Грција, 20 858. На оваа граница е забележан пораст за речиси 30 отсто во однос на истиот период лани. Во однос на земјата на потекло на мигрантите при спречените обиди, доминираат мигрантите од Сирија со 9 290 кои во однос на минатата година се значително зголемени, додека во првите топ пет земји се вбројуваат и мигранти од Пакистан, 5 324, Авганистан 1 737, но и Индија, Мароко и Куба, рече Спасовски.

Според Спасовски, кој имаше излагање, а потоа и одговараше на прашања на амбасадорите, досегашната соработка во справувањето со илегалната миграција покажа дека кога се работи заедно, може успешно заеднички да се решат предизвиците.

-Со потпишувањето на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата за гранична и крајбрежна стража во земјава, воспоставивме одржливи, трајни решенија за справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основните принципи на кои се темели меѓусебната соработка. Имплементацијата на овој Договор ќе придонесе за посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани, како и за ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијалните идни закани, а со тоа, како што додаде, и за справување со сериозниот криминал со прекугранична димензија, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот