Спасовски: Отворивме истрага за да откриеме кој од полицијата изнесува документи кај опозицијата и медиумите

Токму еден од уапсените луѓе во акцијата „Двојник“ е оној што ги извадил документите на 27 јануари и тие документи од тој датум се наоѓаат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа лице работи во правните служби токму на издавањето на личните документи. Втората можност за да се добијат сите овие податоци е периодот кога човек на ВМРО-ДПМНЕ раководеше со МВР, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вечерашното гостување во „Само вистина“.

– Ова е обид за саботажа од страна на опозицијата. Покажав еден документ кога министер за внатрешни работи барал да му се достават сите податоци за што се водат истражни податоци. Исто така, тој барал пристап до системот на Интерпол. Ова се сериозни сомнежи и затоа повикав Обвинителството да одработи и да ги утврди аспектите. Ние како МВР отворивме посебна криминалистичка обработка која се однесува на вработени, и сегашни и поранешни, кои во одреден момент ваделе документи и ги давале во опозицијата или во медиумите. Не е ова само за пасошите, туку и за други документи. До сега имаме прибрано многу податоци и ќе знаеме кој на каков начин вадел документи и затоа секој мора да размисли какви постапки прави., Не вреди да земате плата од граѓаните, да се заколнете дека ќе почитувате Устав и закони и тоа нешто да го погазите заради партиски интерес или интерес од криминални и бизнис понуди, рече Спасовски.

Ако погледнете во регионот, тогаш ќе видите дека постојат исти такви случаи како што е „Двојник“ кај нас, додаде тој.

– Има во Србија, во Хрватска, а кај нас започна во времето на поранешниот режим. Како еден од најзначајните примери се оние работи што се случија за двајцата бегалци Горан Грујовски и Никола Бошковски кои имаат други идентитети. Истрагата за „Двојник“ продолжува и ќе биде санкциониран секој оној што учествувал во криминалот, без разлика за кого се работи. Има лица кои се учесници во аферата, а кои не се вработени во МВР. Сите детали ќе бидат детално анализирани. Важно е тоа што институциите веднаш реагираа и спроведоа истрага којашто даде резултати. Еден добар дел од пасошите е направен во периодот додека беше министерот Наќе Чулев, меѓутоа траеше истрагата. Беше потребно подолго време за да заврши целосно истрагата, односно да имаме цврсти докази. Секој нов доказ којшто се прибавува, ако се отвори перспектива дека има вмешаност на други луѓе, секако дека тие ќе се соочат со лицето на правдата, рече Спасовски.

На прашањето дали планира да ги објави списоците со имињата на луѓето чии идентитети биле злоупотребени во „Двојник“, тој одговори дека не треба да се прави предвремена сензација.

– Сензација во истрагите воопшто не е потребна. Ќе бидат заштитени сите лица чии идентитети биле загрозени. Јас првиот ден кога дојдов во МВР реков дека треба да направиме неколку важни процеси. Декриминилизација, професионализација и департизација. Вие сега гледате дека највисоките структури во МВР во времето на режимот биле злоупотребувани за да ја окупираат државата. Сепак, ова МВР сега покажа капацитет дека знае да се справи со овие работи. Меѓутоа, дали постојат луѓе кои и сега се дел од тој систем, секако дека постојат и секако дека тие во еден момент можеби ќе направат потег за партиски цели. Имаме точен податок како материјалите од „Двојник“ стигнале до опозицијата, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот