Спасовски: Цел на акцијата во Љуботен беа конкретни лица

Луѓето за кои реагирате не соодветствуваат со вашиот првичен став дека сите се залагаме за борба против криминал и корупција. Акцијата е насочена кон конкретни лица што учествуваат во нелегални активности. Апсолутно, цел на која било акција не се граѓаните на Љуботен или на кое било друго населено место, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи му на Ејуп Аљими.

Пратеникот на ДУИ на собраниската седница праша зошто полицијата го вознемирила населението на скопски Љуботен со употреба на, како што рече, прекумерна сила и воени возила во акцијата во вторникот во која беа запленети околу 14 тони тутун „вирџинија” нелегално увезен во земјава.

Спасовски рече дека истрагата била водена подолго од Финансиската полиција, а самата акција спроведена со поддршка на МВР врз основа на наредба од Јавното обвинителство кое е  надлежно за предметот. Во акцијата биле извршени претреси на 13 локации во Љуботен, Арачиново, Сингелиќ и во Визбегово, така што, рече Спасовски, акцијата не е насочена само кон граѓаните на Љуботен.

– Секој чесен граѓанин, домаќин, апсолутно нема потреба од страв и негодување. И тие  се против луѓе, нивни соседи, кога гледаат како  на недозволен начин ставаат милиони в џеб. Од 400-500 куќи во село Љуботен, претрес е извршен само во девет објекти, на девет лица. Тоа уште еднаш потврдува дека не е целта секој граѓанин на Љуботен во однос на која било акција, туку таргетирани лица кои учествувале во ваков нелегален начин на трговија. Секој кој произведува и продава тутун, се знае како се пријавува, каде и како се врши откуп итн. Има законска забрана за трговија или производство на вид на тутун „вирџинија” – рече Спасовски.

Запленети се, рече, околу 14 тони тутун, од кои 96 отсто е тутун од трговија што е незаконска активност. Запленети се и пет машини за режење тутун во селото. Забрането е да режат и да продаваат тутун зашто тоа ја нарушува стабилноста на финансискиот систем и директно влијае на буџетот.

Спасовски не ги соопшти имињата на осомничените во акцијата, но рече дека и претходно биле евидентирани во МВР за различни кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот