Сообраќајниот хаос во Автокоманда ќе се решава со сообраќајна студија

автомобили, паркинг, сообраќај, автокоманда
Фото: Слободен печат / илустрација

За времено решение на проблемот со тешките товарни возила, Општина Гази Баба ќе покрене иницијатива пред надлежните институции да се предвиди времен режим на сообраќај за тешките товарни возила од 19 часот попладне до 07 часот наутро, останатиот дел од денот сообраќајот за тешки товарни возила да биде ограничен.

Сообраќајниот хаос и немањето доволно слободни места за паркирање се двата најголеми проблеми со кои во моментов се соочуваат жителите на Автокоманда. Оваа населба важи за главен сообраќаен центар на влезот на главниот град и како последица на тоа, низ тамошните улици, секојдневно транзитираат стотици возила за да стигнат до некоја од останатите општини во главниот град, состојба која дополнително им го нарушува мирното живеење на жителите.

Секојдневно низ оваа населба во Општина Гази Баба транзитираат стотици автомобили, но и тешки товарни возила и автобуси бидејќи, Автокоманда важи за инфраструктурен-сообраќаен центар на влезот на Градот и меѓусебно сообраќајно поврзување на општините Аеродром, Центар, Бутел и Чаир, но тоа допринесува и до целосен колапс на сообраќајот во оваа урбана заедница.

Надлежните од Општина Гази Баба во чии граници се наоѓа оваа населба, велат дека тие како општина работат на решавање на овој проблем со кој секојдневно се соочува локалното население.

-За урбаната заедница Автокоманда општината има изработено во повеќе наврати, а и последната година сообраќајна студија која од аспект на рационално одвивање на сообраќајот е завршена од страна на лиценциран проектант. Доколку истата студија ја одобри и Министерството за внатрешни работи, Секторот за сообраќај, ќе се пристапи кон нејзина полна импементација. За времено решение на проблемот со тешките товарни возила, Општина Гази Баба преку Секторот за комунални дејности и сообраќај ќе покрене иницијатива пред надлежните институции да се предвиди времен режим на сообраќај за тешките товарни возила од 19 часот попладне до 07 часот наутро, останатиот дел од денот сообраќајот за тешки товарни возила предлагаме да биде ограничен – информираат за своите идни активности надлежните од Општина Гази Баба.

Токму поради огромниот број возила кои на дневна основа минуваат низ улиците во Автокоманда, но и како последица на континуираното растење на бројот на жители, локалното население во Автокоманда се соочува и со проблемот на недоволно слободни паркинг места. Поради тоа граѓаните имаат проблем да си ги паркираат возилата во близина на местата каде што живеат или пак работат. Дополнителлен проблем кој се јавува во Автокоманда е и паркирањето по тротоарите и по јавните зелени површини и повторно како последица на огромниот број на возила и немањето доволно слободни паркинг места. Во овој случај, реализирањето на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај се одвива со пречки, односно поради тоа што автомобилите се паркирани на тротоар, пешаците, велосипедистите но и дечињата и повозрасните граѓани се принудени наместо на тротоар, да пешачат на коловозот, притоа секојдневно загрозувајќи си ги здравјето и безбедноста.

-Точно е дека урбаната заедница Автокоманда се соочува со голем недостиг на паркинг места. Во наредниот период се планира да преку непосредни средби со граѓаните се утврди план и динамика за решавањето на овој проблем. Постојат повеќе можности за решение, од типот на изградба на монтажни паркинзи кои ќе ги предвидиме во буџетот за 2022 година, изградба на катна гаража како и воспоставување на систем на движење на возила во дел на улиците само во една насока. Сепак начинот и приоритети за решение на овој проблем ќе ги определат граѓаните на Автокоманда а решение за сообраќаниот хаос во Автокоманда ќе има – информираат од Општина Гази Баба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот