Солта што се фрла по улиците има ефект до минус 7 степени, можна е голомразица

Чистење снег со машини на плоштад / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Зимските служби на Град Скопје, на сите скопски општини и на вработените во јавните претпријатија се вклучија во расчистување на снежните наноси.

Снегот што го „покри“ главниот град ги алармираше градските и општинските власти, но и јавните претпријатија, навремено да интервенираат со механизацијата со која располагаат, со расфрлање сол по сообраќајниците, но и со ангажирање работници за побрзо, полесно и поефикасно расчистување на снежните наноси.

Како што информираат градските власти, екипите на зимската служба вчера и во текот на ноќта постојано беа на терен и ги чистеа булеварите и улиците под надлежност на Градот, а биле фрлени 300 тони индустриска сол.

Чистењето на сообраќајниците и на тротоарите го вршат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Покрај чистењето на сообраќајниците, активни се и тимовите и на другите градски јавни претпријатија, кои интервенираат со луѓе и со механизација во чистењето на јавните површини, расчистување на паднатите дрвја и на сливниците – информираат од Град Скопје, од каде што им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

Од Град Скопје потсетија дека индустриската сол што се користи за топење на мразот и на снегот има ефект до минус 7 степени Целзиусови и предупредија дека поради ниските температури, можно е појавување голомразица на коловозот.

И зимските служби на сите скопски општини се вклучија во расчистување на снежните наноси.

Општина Аеродром го чистеше снегот од улиците, тротоарите, велосипедските патеки и другите површини во нејзина надлежност.

Уште при првите врнежи, веднаш беа ставени на располагање сопствените возила за чистење снег, а за таа цел се набавени и околу 200 тони сол, што се користи да се спречи појава на голомразица. Активиран е и кризен штаб, со кој директно раководи градоначалникот Тимчо Муцунски – информираат од Општина Аеродром.

Оттаму ги потсетуваат жителите и правните лица дека според Законот за јавна чистота, имаат законска обврска да го чистат снегот пред влезовите на своите домови и објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до нив.

Од Општина Кисела Вода информираа дека покрај тоа што со механизација се расчистуваше  снегот и се фрлаше сол на замрзнатите површини, со цел да им излезат во пресрет на своите жители, отвориле и телефонски број за контакт, за полесно решавање на проблемите поврзани со новонастанатата состојба.

– Службите на Општината се достапни 24 часа за граѓаните што имаа потреба од дополнителна интервенција за расчистување на напластениот снег. Контакт може да се оствари на телефонскиот број 075/309-548 (Далибор), на [email protected] или на фејсбук-страницата на Општина Кисела Вода – велат од општината.

Од Општина Гази Баба, пак, информираа дека ниту едно населено место не останало отсечено од сообраќај поради снежните наноси.

– Во населеното место Црешево отворивме мобилен пункт на кој се доставени количини сол. Заврши првата фаза од чистењето во која се опфатени главните улици во Железара, Автокоманда, Ченто, Стајковци, Црешево, Виниче, Смилковци, Булачани, Раштак, Страчинци и Брњарци, а сега започнува и втората фаза во која ќе се исчистат поголемите локални улици – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Зимската служба на Општина Центар фрлила 44 тони сол на улиците. Како што информираат од оваа скопска општина, нивните екипи постојано се на терен и го расчистуваат наврнатиот снег на улиците, тротоарите и јавните површини во општината. Оттаму велат дека особено внимание им се посветува на критичните места, во подножјето на планината Водно.

Со пет специјални возила за расчистување снег се чистат коловозите, јавните површини, тротоарите, велосипедските и пешачките патеки, а на улиците се фрлени и 44 тони сол за превенција од замрзнување на коловозот. Се расчистуваат сите улици на територија на општината, а општината е во постојана комуникација со граѓаните, со цел навремено и ефикасно дејствување на терен – соопштија од  Центар и информираа жителите да пријавуваат снежни наноси на телефонскиот број 076 381 673.

Во Општина Карпош покрај расчистувањето на улиците, акцент ставиле на т.н. „критични точки“.

Интервенирано е на клучните „критични точки“ во општината, во таканаречената „висока зона“ во населбите Жданец, Трнодол, Нерези, на мостот кај Бардовци и на улицата Ловќенска. Во моментот се интервенира на улиците Леринска и Загрепска до Институтот за белодробни заболувања Козле. Досега не е регистриран застој и проблеми во сообраќајот. Во текот на ноќта и во раните утрински часови беа ангажирани и комунални инспектори од општината, кои ја следеа состојбата на терен – информираа од Општина Карпош.

Интензивно расчистување на снегот беше забележан и во другите скопски општини.

Екипите на  ЈП „Водовод и канализација“ постојано биле на терен и ги чистеле сливниците и шахтите на територијата на градот, со цел системот да биде подготвен да ги прими водите по топењето на снегот.

ЈП „Комунална хигиена“ во координација со Градот Скопје исто така беше на терен.

Екипите на претпријатието го расчистуваат и централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Се расчистува реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, а континуирано се посолуваат пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и пешачките мостови во централното градско подрачје за да се овозможи безбедно и проодно движење на пешаците – велат од претпријатието.

Кога станува збор за заштита на зеленилото и дрвјата во градот, за нивно чистење од снегот беа задолжени екипи на ЈП „Паркови и зеленило“.

Интензивно се чистат и се ослободуваат натежнатите гранки од снегот, со цел да се избегне кршење и оштетување на младите садници и грмушки. Исто така, се расчистуваат и пешачките патеки во парковите – информираат од ова јавно претпријатие.

„На Точак“: Надлежните да ги чистат пешачките и велосипедските патеки како коловозите

Снегот што падна во Скопје им го отежна движењето на пешаците и на велосипедистите поради ненавременото чистење на патеките на повеќе локации во главниот град.

Кога гледаме исчистени коловози, а пешачки и велосипедски патеки со снег, се прашуваме кое превозно средство го фаворизираат градските власти? Посебно кога се гледа дека не се чистат пешачките острови на локација на која секојдневно страдаат пешаци и велосипедисти поради возачи на коли што не го почитуваат пешачкиот премин и семафорот. Со оставање на снегот на патеките, се отежнува движењето на ранливите учесници во сообраќајот и се зголемуваат шансите да бидат удрени од моторните возила – велат од „На точак“.

Велосипедистите велат дека очекуваат градските и општинските власти да ги чистат пешачките и велосипедските патеки еднакво ревносно како што ги чистат коловозите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот