Со празни џебови во златната доба

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Ако живееме во златна доба, во првата година од средните училишта не би имало 20 отсто помалку ученици, не би имало 23 отсто помалку дипломирани студенти и не би имало милион граѓани на Србија помалку отколку пред само десет години. Кога тоа ќе му го кажете на Вучиќ, ќе ве прогласат за србомразач

Како би ѝ било на Србија ако не е во златна доба? Би ѝ било подобро, но тоа би подразбирало дефинитивно разбивање на илузијата за незапаметено добар живот, која властите грчевито ја распламтуваат.

Илузијата ја поддржуваат луксузните автомобили по белградските улици, становите што се продаваат за повеќе од 4.000 евра за квадрат или скапите летувања, кои први се распродаваат. Да, златната доба постои, но наменета е за владејачката елита, која сите механизми за корупција ги разработи како швајцарски часовник, а начините на добивање избори ги усоврши според принципите на Коза ностра.

Каква-таква полза има и армијата од 700.000 членови на владејачката Српска напредна партија и тука златната доба им отстапува простор на оловните години, во кои живее огромното мнозинство од 6 милиони жители, вклучувајќи и оние половина милион во апсолутна сиромаштија, без основни средства за живот, и околу 2 милиони луѓе во ризик од сиромаштија. Зошто 350.000 граѓани, главно млади и образувани, побегнале од златната доба, е прашање на кое функционерите не сакаат да одговорат.

Таквиот систем прогласи златна доба, клучна мантра што претставниците на власта ја користат за зачувување на социјалниот мир и за придобивање на гласачкото тело. Србија како економски тигар, кинески змеј, лидер на регионот…

Претседателот не пропушта можност на телевизија (а се појавува речиси секојдневно) да спомне колку километри автопат се изградени, колку пруги се обновени, колку клинички центри се кренати, трипати отвора фабрики. Редовно пропушта да каже дека тоа е направено со енормно задолжување на земјата, кое достигна 35 милијарди евра.

Колективната казна на златната доба потоа удира врз малите претприемачи и селаните, кои ја плаќаат цената на великите монополисти склони кон криминал и со цврсти врски во врвот на власта. Додека елитата се богати, мнозинството од населението осиромашува. Од едната страна „заслужните“, кои и не мораат да работат ништо, а дома носат цркавица од 1.000 евра, а од другата сѐ повеќе сироти, кои се на работ на егзистенцијата и не можат во џебот ни да го замислат она што го слушаат на режимската телевизија. (Не)официјални грабежи има на сите страни, а официјална стратегија за борба против сиромаштијата нема од 2003 година.

Сето тоа време фабрика од 14.000 ботови работи со полн капацитет за да ја потврди виртуелната реалност, да ја „позлати“ објективната економска, но и духовната беда на земјата. За да биде иронијата целосна, ботовите – главно вработени во јавниот сектор – се финансираат од буџетот, што значи дека оние што се напаѓани и оние што се излажани плаќаат сто милиони евра годишно за нивната „талентирана активност“.

Нивно е да ја шират пропагандата на претседателот дека никогаш не се живеело подобро, дека минималците, платите и пензиите се повисоки од кога било. Точно, во апсолутни износи, но тоа нема врска со реалноста на животот. Таа статистика е поразителна. Растат цените и јавниот долг, додека реалната куповна моќ и производството бележат пад.

Во Србија официјалната инфлација во јуни изнесуваше 13,7 отсто, најмногу во изминатите две децении. Тоа што сега бавно опаѓа на прв поглед делува охрабрувачки, но нејзиното забавување не значи спуштање на цените, туку само нивно побавно кревање. Точно е дека храната, поради војната во Украина, поскапи насекаде низ светот, но поскапувањата, во однос на Србија, се повисоки само во две држави во Европа – во Турција и во Унгарија. Храната отиде нагоре 22,1 отсто. Мантиите во Нови Пазар поскапеа 100 отсто.

– На граѓаните во Србија не им е битно што компјутерите или телевизорите во изминатата година поскапеле само 4 отсто, но секојдневно го чувствуваат драматичното кревање на цените на храната за 23 отсто, на струјата за 27 отсто, на гасот за 29 отсто или на домувањето за 22 отсто, бидејќи за таа намена го трошиме поголемиот дел од нашите пари – вели економистот и потпретседател на Партијата на слобода и правда, Душан Никезиќ.

Јавните инвестиции се во пад од 43 проценти, субвенциите што ги дава државата за 31 отсто, во низводна линија се и градежната и преработувачката индустрија, има пад на прометот во трговијата на мало. Номиналната плата во однос на 2022 година е повисока за 14,8 отсто, но реално е пониска за 0,3 проценти.

Земјата „економски се распаѓа“ пред нашите очи, како што оценува Никезиќ, па може да се каже дека прецизните проценти го втеруваат Вучиќ во лага. Не му е грижа. Константно бомбардира со приказната дека во Србија се живее подобро од кога било, дека платите и пензиите се највисоки во историјата, а животниот стандард е на завидно ниво. Во исто време продолжува да сонува за меганационален стадион, кој би чинел стотици милиони евра. И тоа во време кога државата не е во состојба да обезбеди пари за да овозможи децата со ретки болести да се лечат во странство.

Оваа власт нема ни знаење ни волја, па затоа и не треба да чуди тоа што Србија со раст на БНП од само 0,7 проценти во првиот квартал од 2023 година е под европскиот процес и развиените европски земји како Шпанија, која има раст од 3,8 проценти, Данска од 2,4 проценти или Италија со раст од 1,9 отсто, но и од земјите во регионот, како Црна Гора која забележа раст од 6,1 отсто, Хрватска од 2,6 отсто, Романија од 2,8 отсто, Бугарија од 2,3 отсто или Северна Македонија со раст од 2,1 отсто.

– Светската економија оди по друм, а нашите политичари на власт низ шума. Тие шират оптимизам без никакви покритие – смета економскиот новинар Миша Бркиќ.

Србија и понатаму е меѓу четирите најсиромашни земји во Европа. Кога би живееле во златната доба на Перикле, во првата година од средните училишта не би имало 20 отсто помалку ученици, не би имало 23 отсто помалку дипломирани студенти и не би имало милион граѓани на Србија помалку отколку пред само десет години. Кога тоа би му го кажале на Вучиќ, ќе ве прогласат за србомразач, кој на својата земја ѝ сака сѐ најлошо. Вистината ќе да е на друго место. Најлошо е во власта.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот