Со 300 илјади денари од општинскиот буџет набавени нови играчки за градинките во Карпош

Фото: Општина Карпош

Општина Карпош обезбеди 300.000 денари за набавка на комплети играчки и дидактички материјали, кои ќе бидат распоредени низ сите 13 објекти на детските градинки кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа. Оваа практика Општината ја спроведува континуирано од 2012 година со цел да се обновува и унапредува фондот на играчки и дидактички материјали, но досега за оваа намена се издвојувале околу 100.000 денари годишно од општинскиот буџет.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски денеска ја посети детската градинка „Пролет“ во населбата Козле и ги врачи новите комплети, наменети за најмалите карпошани.

Нашите градинки во општина Карпош се во добра кондиција, децата се згрижени на најсоодветен начин, а посебно ми е драго што нема ниту едно дете да чека да биде запишано во градинка, а слушаме дека во Република Македонија има околу 4000 деца што чекаат за упис што е недозволиво. Тоа зборува за промашувањето на сите нас што не сме граделе тоа што сме требале, а тоа се објекти за детска заштита. Кога во Европа и светот владее „бела куга“, се намалува бројот на жители, се намалува бројот на новородени деца, а нам ни се случува 4000 деца да не бидат згрижени во градинка, тоа е навистина срам за целото општество – рече Јакимовски.

Од Општина Карпош информираат дека целта е да се повлечат од употреба старите нефункционални играчки и да бидат заменети со нови еколошки дидактички материјали. На овој начин треба да се постигне поквалитетен воспитно – образовен пристап, кој ќе влијае на подобрување на психо – физичкиот развој на децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот