Со 150 милиони евра ќе се реконструира железничката инфраструктура

Фото: МИА

Владата на вчерашната 47. седница ја разгледа Информацијата за доделување на грант преку 25-ти повик за техничка помош и за шестиот повик за инвестициски грант за изградба на делницата Крива Паланка – граница со Република Бугарија како дел од коридорот VIII. Во таа насока му укажа на ЈП за железничка инфраструктура  Железници на Република Северна Македонија”- Скопје, да ја достави апликацијата за овој грант до Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.

Со овој грант значително ќе се забрза процесот на довршување на железничката пруга помеѓу Северна Македонија и Бугарија, како дел од обврските на нашата земја во развојот на Паневропскиот коридор 8. Македонија.

Арсовски на новинарско прашање посочи дека изградбата на пругата кон Бугарија се одвива во три фази.

– Првата, од Куманово кон Бењаковце за која се обезбедени 47 милиони евра и таму изградбата е 55 проценти реализирана, но знаете дека се раскина договорот со изведувачот. За втората фаза се обезбедени 147 милиони евра, 70 милиони од нив се од ЕБОР, 70 милиони се грант од ЕУ. Бидејќи за оваа фаза се распиша тендер за изведувач, а беше претходно раскинат договорот за првата фаза, Владата донесе одлука да го поништи тендерот за втората фаза и двете фази, првата и втората да се тендерираат заедно. Претквалификацијата на оние што се пријавија заврши. Сега ЕБОР ги евалуира фирмите што влегоа во претквалификација. Во однос на третата фаза од пругата претходно се обезбедени 60 милиони грант од ИПА 2 Програмата, сега ЈП „Железничка инфраструктура” аплицира за 150 милиони евра до Фондот ВБИФ за Западен Балкан, рече портпаролот на Владата.

На седницата исто така е прифатена согласноста на Комисијата за заразни болести на барањето на група општински и меѓуопштински превозници за зголемување на дозволениот број патници од 50% на 75% од вкупниот капацитет во превозните средства утврдени со закон за оваа намена.

Портпаролот Муамед Хоџа информираше за одлуката на Владата да ја усвои Информацијата за проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија”.

Проектот се однесува на унапредување на енергетски-ефикасна реконструкција и модернизација на избрани јавни објекти во образовниот сектор (Студентски домови во државна сопственост) во Северна Македонија, конкретно зголемување на енергетската ефикасност, структурниот интегритет и основната удобност. Програмата ќе се фокусира на студентски домови во државна сопственост во следните градови: Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и Штип.

Заедно со обновата на енергетската ефикасност на зградите и структурното зајакнување, основните мерки за удобност ќе бидат суштински дел од Програмата, како што е реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, итн. со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите.

– Програмата ќе стартува со  студентскиот дом „Стив Наумов”, а освен во Скопје како капитален зафат ќе бидат опфатени и студентските домови во Прилеп, Охрид, Битола и Штип, рече Хоџа.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата ја усвои Информацијата за проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективната социоекономска интеграција на Ромите повратници од Западен Балкан”, и ги задолжи МТСП и Канцеларијата на Претседателот на Владата да ги координираат активностите за имплементацијата на проектот.

На новинарско прашање владиниот портпарол Арсовски информираше за неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со градоначалниците на Охрид, Струга и на Дебарца за усогласување на напорите на централната и локалните власти за заедничка акција отстранување на ризиците по заштитените Охридски регион и Охридското Езеро.

– На средбата премиерот им пренесе на градоначалниците дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм којшто повикува на заедничка акција на Владата и на надлежните ресорни министерства како централна власт и на општините Охрид, Струга и Дебарца. Премиерот ја афирмираше определбата на Владата во координација со локалните самоуправи на трите општини за усогласено спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион со плановите за развој на општините водејќи грижа за сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на културното и природното наследство, рече Арсовски. 

Според него, заедничка констатација од средбата било да продолжи координацијата меѓу Владата и општините на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион и на развојните планови на општините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот