Сметководителите ќе стават клуч на врата ако им ги сменат условите за работа

Фото: МИА

Спротивно на законот да се бара со Правилник (интерен акт на институтот) во друштвото за вршење на сметководствени работи да има вработено најмалку еден овластен сметководител со полно работно време (управител), тврдат сметководители за „Слободен печат“ и бараат Министерството за финансии да го преиспита

Новиот Правилник за начинот и постапката за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар е преригорозен и ќе предизвика затворање на поголем број друштва за вршење на сметководствени работи, оценуваат овластените сметководители, со барање Министерството за финансии да го преиспита. Правилникот е донесен како интерен акт од Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (здружение формирано според закон), стапи на сила на крајот на август и со него се пропишуваат поригорозни услови за добивање на лиценца за вршење на дејност од законски пропишаните.

-Во услови на економска криза, криза на пазарот на трудот и регистрирани стручни лица од одредени области, самоволно, спротивно на законот да се бара со Правилник (интерен акт на институтот) во друштвото за вршење на сметководствени работи да има вработено најмалку еден овластен сметководител со полно работно време (управител), во најмала рака е услов кој може да доведе до затворање на поголем број микро и мали друштва за вршење на сметководствени работи – тврдат сметководители за „Слободен печат“.

Тие сметаат дека спротивно на одредбите наведени во законот, Институтот преку свој интерен акт „Правилник за начин на и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар“ од 25 јуни годинава и прочистен текст со дополнување од 29 јуни, одредува незаконски услови за добивање на лиценца за вршење на дејност, иако во самиот наслов воопшто не се споменуваат постапки и услови за добивање на лиценца.

-Меѓу сметоводителите кружат „информации“ дека управителот на друштвото за вршење на сметководствени работи мора да е овластен сметководител со полно работно време, што е спротивно со Закон за вршење на сметководствени работи, но и со Закон за трговски друштва – појаснуваат упатените од секторот.

Тие бараат поништување на правилникот кој не се носи во согласност со Закон за вршење на сметководствени работи и да се избегне било каква дискриминација на сметководствените работници со сите останати работници согласно Законот за работни односи, каде се предвидува можност за редовно вработено лице со полно или скратено работно време и вработено лица на определен период.

-Законот забранува било какви дискриминации меѓу работоспособните лица, што значи дека Институтот со овој Правилник ги надминал во целост своите овластувања и се поставил над законодавецот со објавување на својата интернет страница документ кој е интерен акт, а не Правилник издаден од Министерство за финансии како подзаконски акт согласно горенаведениот закон. Исто така напоменуваме дека правилникот изобилува со доставување на дупли документи за различни процедури и воспоставен ценовник за услуги кој ги надминува економските можности на сметководствените работници во било да се регистрирани како трговец поединец или друштво – стои во дописот упатен до Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот