Случај Тамара: Хелсиншки се сомнева за неосвесно водење на постапката

Тамара Димовска

Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира дека за случајот за малата Тамара се јавува сомнеж за неосвесно водење на постапката. Според Хелсиншки, предметот досега требаше да биде завршен. Вчера судењето се одложи, бидејќи обвинителката Наташа Гоџовска телефонски го информирала судот дека ќе се изземе од предметот, за што обвинителството соопшти дека барањето обвинителката го поднела поради постоење на законски пречки за понатамошно постапување на јавната обвинителка во предметот, поради нови околности кои настапиле во периодот од претходната до вчерашната главна расправа. Хелсиншки сега бара одговори од ОЈО за да објаснат кои се тие пречки што ги имала обвинителката за да се повлече од предметот.

– Го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги образложи причините за изземање на обвинителката, за што Хелсиншкиот комитет ќе поднесе и официјално барање. Воедно напоменуваме дека правната сигурност може да се обезбеди само со утврдување на одговорност на сите чинители со цел задоволување на кривичната правда.

Хелсиншкиот комитет во февруари 2015 година, заедно со мајката на Тамара поднесоа кривична пријава за кривичното дело несовесно работење во службата.

– Од поднесувањето на кривичната пријава поминати се речиси 5 години, а предметот сè уште не е завршен. До закажувањето на првото рочиште, Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати реагираше до Основното јавно обвинителство за долгото водење на предистражната постапка.  Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година.  Од тогаш закажани се 19 рочишта, од кои дури 8 се одложени поради различни причини. Дополнително одолговлекување во текот на постапката настапи и поради пречекорување на рокот од 90 дена помеѓу одржување на две рочишта, во кој случај, согласно закон, главната расправа мора одново да почне и сите докази мора повторно да се изведат – реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

За случајот за малата Тамара обвинети се 12 доктори и членови на комисии кои одбија лекување во странство за малата Тамара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот