Скриениот хорор на македонското здравство (3 дел): Многу се 10.500 евра за лоша интубација, намали на 7.300 евра!

Клинички центар пациент медицински лица медицинско лцие лекари болничари
Лекари туркаат болнички кревет на Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

„Слободен печат“ го објавува третото продолжение од серијалот „Скриениот хорор на македонското здравство“. Нашето истражување покажува дека во граѓанските судови болниците како здравствени институции редовно исплаќаат драконски отштети во илјадници евра за пациенти на кои им биле повредени пациентските права поради лоши интервенции, заборавена газа во телото, одбивање да се пружи лекарска помош и слични причини.

Судењата траат со години и бараат психолошка кондиција бидејќи болничките установи се борат до крај да докажат дека грешката не се случила. Но, честопати не успеваат и парите се одлеваат од болничките сметки.

Болниците, пак, имаат склучено договори за осигурување од професионална грешка со осигурителни компании, а во некои здравствени установи каде што таа законска обврска не е испочитувана, дознавме дека има хирурзи што приватно уплатуваат во осигурителна компанија полиса за заштита од професионална одговорност.

Лоша интубација за влакно ќе убиеше пациентка и одлеа 450 илјади денари од Клиниката за уво, нос и грло

 

На 7 јуни годинава Апелацискиот суд Скопје ѝ досуди нематеријална отштета од 450 илјади денари на пациентка. Парите треба да ѝ ги исплати Универзитетската клиника за уво, нос и грло за повреда на личните права, телесното и душевното здравје, за претрпени физички болки, страв и намалена општа животна активност.

Тоа што го поминала оваа жена, е благо речено хоророт на македонското здравство. На 18 мај 2017 година, таа се јавила во државната Клиника за уво, нос и грло поради отежнато дишење на носот и поради искривена носна преграда.

Наредниот ден, на 19 мај 2017 година, оториноларинголог и анестезиолог ја оперирале за да го отстранат хируршки деформираниот дел. Но, по операцијата жената почнала отежнато да дише, почнала да отекува во лицето, вратот и во главата и почнала да се задупува.

Таа била во животозагрозувачка состојба, критичен пациент ставен на кислородна поддршка, на интензивна нега. По интубацијата ѝ се парализирала гласилката.

 

Поликлиника за уво, грло, нос / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

„При лекувањето на пациентката на Клиниката за уво, нос и грло вработените направиле грешка. Пропустот се состои во тоа што за време на операцијата при интубација, во душникот било предизвикано оштетување, односно раскинување на ‘рскавицата од душникот, поради што по операцијата настанала комуникација меѓу душникот и градната празнина. Навлегувал воздух од надворешната средина преку отворот на душникот внатре во градната празнина. Затоа, таа по операцијата имала отоци на лицето, на вратот и на градниот кош и тешко дишење. Покрај тоа, вработените специјалисти лекари направиле пропуст, зашто пациентката им се жалела дека има проблеми со дишењето и ги молела да ѝ помогнат, но не ѝ помагале, односно не презеле никакви мерки за да ги утврдат причините за нејзиното страдање“, пишува во правосилната пресуда од Апелацискиот суд Скопје.

Дури неколку денови по операцијата бил консултиран пулмолог и по направената компјутерска томографија на вратот и на градниот кош, се утврдило што се случува и жената била препратена на КАРИЛ за да ѝ се спасува животот.

„Доколку пациентката не била упатена на КАРИЛ во крајно тешка и животозагрозувачка состојба и доколку не ѝ била направена пункција во градниот кош и не ѝ бил поставен дрен за да се извади насобраниот воздух од градната празнина, најверојатно таа ќе починела“, пишува во пресудата што ја поседуваме.

Според пресудата, вработените во Клиниката што учествувале во ставањето септопластика и кои учествувале во натамошно следење на работите, не постапувале во дадените околности како што требало, односно не го посветиле потребното внимание што се бара според правилата на нивната работа.

Тужителката претрпела физички болки, страв и душевни болки. Откако ги почувствувала првите симптоми, отокот на лицето, на вратот и на градниот кош како и тешкотиите со дишењето, трпела болки со силен интензитет и остар карактер.

Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Тие биле постојани и траеле три дена, додека не ѝ била направена пункција на градниот кош заради отстранување на насобраниот воздух од градната празнина. Таа имала чувство дека ќе се задуши и дека ќе умре и стравот со таков интензитет траел додека не ѝ била направена пункција на градниот кош.

Душевната болка била долго присутна кај неа, а поради парализата на левата гласилка таа има зарипнат глас и се заморува при зборувањето поради што избегнува контакти и разговори со личностите што некогаш ѝ биле блиски и драги. Поради претрпените повреди кај неа настанала пареза на левата гласилка и тоа претставува трајна и непоправлива последица поради што таа има зарипнатост и отежнат говор.

За ваквото хорор искуство на Клиниката за уво нос и грло, најнапред биле досудени 650 илјади денари отштета, но потоа Апелација сметала дека тоа се премногу пари, па ја намалила оштетата на 450 илјади денари колку што добила пациентката на крајот, по 6 години од штетата што ѝ била сторена.

Адвокатот на пациентката за „Слободен печат“ потврди дека парите се исплатени, а потврда добивме и од болницата. Сепак, болницата најверојатно ќе си ги добие парите назад, откако ќе ги побара од осигурителната компанија со која има договор за осигурување од професионална одговорност склучен преку годишните јавни набавки.

Често парите ги плаќаат осигурителни компании, со полиси набавени преку јавна набавка

 

Парите досудени како штети во граѓанските парници кон оштетените пациенти, честопати се одлеваат од осигурителните компании. Откако болниците ќе ги исплатат штетите од буџетите на самите болници, потоа ѝ се обраќаат на осигурителната компанија да признае барем дел од фактурата. Иако се тужени државните клиники, сепак нивниот буџет е заштитен зашто претходно на јавна набавка си купуваат осигурување.

Тоа им го налага и Законот за здравствена заштита според кој здравствените работници се етички, стручно и материјално одговорни, а здравствената установа ја осигурува нивната одговорност за штетата што би можеле да ја предизвикаат при вршењето на здравствената дејност.

Така и Клиниката за уво нос и грло во 2022 година направила една клучна набавка, односно склучила договор за јавна набавка на услуги за осигурување. Слично на набавката за медицински потрошен материјал, осигурување на имотот и на возилата, клиниките си набавуваат и гаранција за лекарските грешки што би можеле да ги банкротираат.

Клинички центар
Влез во Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Од договорот за набавка на услуги за осигурување на оваа клиника, се гледа дека осигурувањето опфаќа осигурување од штета од професионална одговорност со осигурително покритие од 900 илјади денари поединечно по специјалист, по штетен настан за вкупно 23 лекари од кои тројца се анестезиолози, четворица дијагностичари, 12 хирурзи и четворица специјализанти.

Покритието на Клиниката за уво нос и грло за 32 медицински сестри и еден дефектолог е 300 илјади денари поединечно по штетен настан. Набавката што е направена е со годишен агрегат од вкупно шест милиони денари вкупно за целата клиника како правно лице.

 

Клинички центар
Влез во Клинички центар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Осигурителната компанија е всушност должна да ги изврши паричните исплати на оштетените трети лица според ризиците наведени во техничката спецификација. Оваа клиника ја разгледувавме од аспект на осигурувањето од професионална одговорност, затоа што е осудена во случајот со пациентката која добила 450 илјади денари отштета за лошата интубација при операцијата на носот.

Меѓутоа, оваа конкретна досудена штета од 450 илјади денари, нема да биде покриена со најновиот склучен договор за осигурување на лекарите, бидејќи се однесува на настан од 2017 година. Најверојатно штетата ќе ја покрие осигурителната компанија со која Клиниката имала склучено осигурителна полиса во 2017 година, кога се случил немилиот настан.

„Во врска со вашето барање, сакаме да ве известиме дека ја разгледавме доставената пресуда и приложениот договор за јавна набавка на услуги за осигурување. Пресудата што ни ја доставувате е за настан случен на 18 мај 2017 година и нашето друштво не е странка во постапката. Договорот за јавна набавка е склучен меѓу нашето друштво и Клиниката за евентуални настани доколку се случат во времетраење на договорот, односно за период од 15 август 2022 година до 15 август 2023 година. Имајќи го предвид наведеното, пресудата со датум на настан од 2017 година не е поврзана со договорот што го приложувате и настанот нема осигурително покритие во нашето друштво“, велат за „Слободен печат“ од осигурителната компанија, која во 2022 година склучила договор за осигурување од професионална одговорност на Клиниката за уво нос и грло.

Вакви договори со кои лекарите се штитат од своите грешки, имаат речиси сите клиники во државата. Со нив се покриени од штетите што произлегуваат од која било телесна повреда, ментална повреда, болест, заболување или смрт на кој било пациент причинети со кој било медицински, забарски или парамедицински акт, по грешка од страна на болницата или лекарот во врска со извршувањето на дејноста на осигуреникот во здравствена установа на територијата на Македонија наведена во полисата.

Различните клиники имаат различни договори, што им покриваат до 50 илјади евра како општа одговорност на Клиниката кон трети лица, а за лекари некои осигурувања даваат осигурително покритие до 100 илјади евра по поединечен штетен настан и годишен агрегат од 500 илјади евра. Вакви договори имаат најголемите универзитетски клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Болката од тоа да се биде жртва на лекарска грешка е во клинч со лекарскиот углед и интегритет, а правдата е некаде на средината. Во Македонија е тешко да се биде лекар, но уште потешко е да се биде пациент.

Со години Министерството за здравство јавно објавува списоци на најдобрите лекари на листи од по сто лекари за да им оддаде признание. Но, она што никогаш не се истакнува и за кое постојат само записи во анонимизираните судски пресуди, се иницијалите на инволвираните во несовесното пружање медицинска грижа за кое колективна одговорност сносат целосно државните клиники.

Скриениот хорор на македонското здравство (1 дел): Извинете госпоѓо, не било тумор – сме ви заборавиле газа во телото по царскиот рез!

Скриениот хорор на македонското здравство (2 дел): Медицински туризам од врата на врата низ три болници во Скопје на тешко повредена пациентка во ризик да остане инвалид!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот