Скриениот хорор на македонското здравство (2 дел): Медицински туризам од врата на врата низ три болници во Скопје на тешко повредена пациентка во ризик да остане инвалид!

Ургентен хируршки центар клинички
Ургентен хируршки центар / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Илјадници евра отштета државните болници во земјава им плаќаат на пациентите на кои им заборавиле газа во телото при операција, или пак не ги ни погледнале во чекалницата на Ургентен центар иако итно морале на операција, а во спротивно им се заканувал траен инвалидитет.

Истражувањето на „Слободен печат“ открива дека болниците се заштитени од пациентските наплати за лекарските грешки или фаличните болнички услуги, така што купуваат полиси во осигурителни компании, кои им покриваат различни суми или барем дел од отштетните побарувања за разлутените и оштетени пациенти или, пак, на семејствата што неповратно ги загубиле најблиските.

Тешко на оние пациенти што решиле својата нагрденост предизвикана од лоши интервенции, душевна болка, страв, материјална загуба и сронато здравје да ги наплатат во судовите. Некои од трагедиите што реално се случуваат во македонските болници се куриозитет во медицината и за нив жртвите се благодарни што се живи. Но, има и случаи кога болниците плаќаат отштети и затоа што не пружиле медицинска услуга.

Случај „медицински туризам од врата на врата низ три болници во Скопје“ на тешко повредена пациентка во ризик да остане инвалид

 

На први јуни годинава Апелацискиот суд Скопје ги одби жалбите на три државни клиники од Скопје и ја потврди пресудата со која на пациентката В.С. трите клиники треба солидарно да ѝ платат материјална штета во износ од 211 илјади денари.

Таа во ноември 2017 година паднала на градските гробишта Бутел и се здобила со тешки телесни повреди. Скршени ѝ биле долните краеви од двете коски на потколеницата и ѝ бил исчанчен скочниот зглоб. Овие повреди треба да се третираат исклучиво оперативно во првите часови по повредата, поради опасност од траен и тежок инвалидитет. Итна операција била неопходна, ама три државни клиники не го виделе тоа. По незгодата, сопругот на пациентката, со сопствено возило ја однел во Ургентниот центар на ТОАРИЛУЦ. Според документите од судот со кои располагаме, вработените во Ургентниот центар не излегле да ја внесат жената во болницата, иако станувало збор за итен случај, туку неа ја внел сопругот со количка што едвај ја добиле.

Ургентен хируршки центар на Клиника / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Но, дури и кога дошла во чекалницата, жената не била прегледана, ниту оперирана во ургентниот центар на ТОАРИЛУЦ, туку чекала без лекарско око да ја погледне 40 минути. Сопругот трипати интервенирал во собата каде што биле лекарите, а лекар излегол третиот пат само за да им каже дека нема место во болницата и дека пациентката не може да биде примена.

Усно ги упатил да одат во ГОБ „8 Септември“ без писмен упат, ниту бил обезбеден превоз со санитетско возило. На Ургентен центар, било толку ургентно дента, што дежурните лекари не ни провериле по телефон дали има место во ГОБ „8 Септември“. Едноставно патот на пациентката со скршени нозе, до оваа здравствена установа што треба да ги згрижува најитните и животозагрозените – бил за џабе.

Клиниката на суд се бранела дека жената не ја имале запишано во дневникот како пациент на критичниот ден, што е точно, со оглед на тоа што не ја примиле, не ја прегледале и не ја згрижиле, иако времето течело, а сериозноста на повредата била голема.

Точно е и тоа дека пациентката не била запишана во дневникот на пациенти, со оглед на тоа што и по 40-минутно чекање во ходникот на Ургентниот центар, никој од вработените не ја примил, не ја прегледал, ниту пак ѝ пружил основна медицинска помош.

Со скршеници на нозете, со возило на роднина, оттаму пациентката отишла во ГОБ „8 Септември“ каде што ја прегледал дежурен лекар. Ама и дежурниот во ГОБ „8 Септември“ ценел дека не постои можност за спроведување операција во текот на тој ден, па ја препратил во Градска болница, исто така без упат и без организиран превоз со санитетско возило, по примерот на колегите од Ургентниот центар.

„Тоа што во ГОБ ‘8 Септември‘ дента имало само дежурен лекар на одделението за трауматологија и немало друг, не значи дека пациентката нужно морала да биде препратена во Градска болница и дека во ГОБ ‘8 Септември‘ не можело да ѝ се укаже здравствена заштита. Во согласност со основните начела за здравствена заштита и законите, вработените во ГОБ ‘8 Септември‘ имале можност да повикаат друг лекар од истата болница да дојде на работа и да ја изврши операцијата, со оглед дека итната медицинска помош и болничката здравствена заштита се остваруваат и преку дежурство, но и преку постојана приправност и готовност на останатите вработени, кои нужно не мора да бидат физички на работа, но на повик во вакви услови нужно би требало да дојдат на работа заради навремена заштита на здравјето на пациентката“, пишува во пресудата.

Но телефонски повик да дојде лекар во болницата – немало.

ГОБ 8 септември во Скопје. / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Затоа, од ГОБ „8 Септември“ пет часа по настанувањето на скршениците на нозете во 17 часот и 30 минути, пациентката затропала на вратите на трета клиника – Градската болница во Скопје да бара итна операција, која во претходните две јавни здравствени установи не ѝ ја овозможиле. Таму бил направен обид за репозиција на скршеницата и бил ставен гипс, ама операција немало. Наместо тоа, лекарот ѝ напишал упат да оди пак на ТОАРИЛУЦ (каде што истиот ден ја игнорирале и ја оставиле 40 минути во чекалница), па таму да ѝ направат преглед и операција, со образложение дека апаратите во Градска болница не работат.

„Нема докази дека евентуално тој ден не работеле определени медицински апарати во оваа клиника и нема докази дека за евентуалните такви околности биле известени одговорните лица во Градската болница. Судот цени дека доколку навистина некој медицински апарат не работел, сето тоа би било уредно документирано во медицинската документација. За судот нејасен и неуверлив е исказот на дежурната во оваа болница, која неубедливо посведочила дека ‘претпоставува дека имало некој проблем, можеби не работел рендгенот поради што не ја примиле пациентката и не ја оперирале‘, што не е поткрепено со писмени докази“, се заклучува во пресудата во која редакцијата на „Слободен печат“ имаше увид.

Вратата на „Систина“ се отворила откако три државни клиники ѝ ја затвориле!

 

Голготата на пациентката не завршила во Градската болница. По вторпат истиот ден се вратила во ТОАРИЛУЦ, но на враќањето му претходел еден важен телефонски разговор, кога лекарката од Градска се обидела да ја најави кај колегите. Кога лекарката се јавила да ја најави пациентката дека ќе дојде на ТОАРИЛУЦ, вработените во оваа клиника веднаш телефонски се изјасниле дека не можат да ја примат. Лекарката ги запознала со ова пациентката и семејството, но тие сепак сакале уште еднаш да се обидат.

Стигнале во болницата и сопругот побарал жената да биде примена на ТОАРИЛУЦ. До тоа не дошло и пациентката веднаш заминала со друго возило во „Систина“ каде што веднаш, во вечерните часови, била оперирана како итен случај. Сопругот во меѓувреме останал на ТОАРИЛУЦ да бара писмено образложение за причините за одбивање да биде хоспитализирана неговата сопруга, но писмено образложение не добил и само си го губел времето барајќи си ги правата на здравствена заштита за здравственото осигурување што го плаќала пациентката.

И со судска пресуда од Апелација е зацементирано дека оваа пациентка претрпела материјална штета поради постапувањето на вработените во трите државни болници ГОБ „8 Септември“, Градска болница и ТОАРИЛУЦ, кои се здравствени установи вклучени во мрежата на Фондот за здравствено осигурување, а пациентката имала здравствено осигурување. Трите болници се одговорни зашто не ја прегледале и не ја примиле, не ја лекувале, не ја хоспитализирале и не ја оперирале жената, иако станува збор за итен случај. По исцрпувањето на сите можности, со скршеници на нозете и талкање од врата на врата, таа била принудена да се обрати за операција во приватна болница каде што била хоспитализирана како итен случај и истиот ден била оперирана. Но, паричната казна за трите болници за ваквото флагрантно кршење и на законите и на Хипократовата заклетва е нешто повеќе од 3 илјади евра.

„Трите болници се солидарно одговорни на пациентката да ѝ надоместат материјална штета од 210.945 денари зашто имале должност да преземат нужни дејства на координација и соработка меѓу своите вработени при упатување на пациентката во други здравствени установи“, пресуди Апелација.

За оваа пресуда, пациентката правдата ја доби 5 години по денот на настанувањето на скршениците на нозете.

 

 Случај „заборавена газа во оперативното поле која не била пратена на хистопатологија”

 

Кај што на човек ќе му заборават газа во телото при операција, па уште и ќе му требаат седум години тоа да го докаже. Вака накусо може да се сумира судската сага за следниот оштетен пациент, кој конечно правдата ја дочека по години и години вештачења и адвокатски бисери во судница. Апелација ја урна првостепената пресуда со која се досудил надоместок, затоа што требало да се сослуша и лекарот што ја заборавил газата при операцијата. Судот сметал дека така ќе утврди дали станува збор за газа зашто „лекарот ја вршел интервенцијата и ги има сите квалификации да ги разјасни околностите“. Лекарот што ја заборавил газата во телото на пациентот, требало да каже дали ја заборавил или не. Тој одговорил негативно, дека не ја заборавил, но судот ценел дека тоа го кажал само за да одбегне одговорност.

Сѐ почнало кога малолетен пациент имал три операции на државната Клиника за трауматологија во 2015 година поради претходна повреда на десната нога во сообраќајна незгода.

Табла од ургентен хируршки центар на Клиника / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

На 20 април 2015 година, при вршење на вториот оперативен зафат, била направена лекарска грешка на начин што кај пациентот била заборавена газа, како туѓо тело што предизвикало тегоби и несакани последици. Вештото лице доктор Агим Рамадани констатирал дека пациентот добил и инфекција на местото на операцијата поради што морало да се чисти раната. И по чистењето на раната, пациентот продолжил со маките, болките, и затоа направил неколку снимања по разни институции за да ја најде вистинската причина бидејќи состојбата не му се смирувала. На крај бил примен на Клиника за трауматологија и таму се лекувал од 10 до 19 август 2015 година. Таму му нашле дека има туѓо тело околу десниот колк со димензии 5 сантиметри на 5 сантиметри. Поради тоа, му направиле операција и го извадиле туѓото тело. Потоа пациентот почнал да заздравува, а рендген-снимките покажале дека станува збор за заборавена газа што се користела во минатата операција за чистење и компресија на крвните садови. Како последица му останала голема лузна на десниот колк и над коленото, кои според пресудата „кај едно мало дете претставуваат нагрденост од висок степен и трајна последица од лекарска грешка“. Според судот, лекарската грешка е направена при втората операција од страна на доктор И.Ш. и постоела опасност да се развие некроза на коските околу заборавената газа, при што пациентот сигурно би ја изгубил десната нога. Шесте месеци по направената лекарска грешка, кај пациентот имало силни физички болки од јак интензитет, пациентот бил ограничен во своите движења, како ученик не можел за себе да прибави животни радости, да вежба, да се дружи и да си игра со другите деца во училиштето, не можел да трча зашто од раната течел гној. И родителите биле исплашени.

Но, адвокатот на ТОАРИЛУЦ не само што не се откажувал од предметот, туку и во судница го бранел лекарот, дека газата не била пратена на хистопатолошко вештачење и затоа не можело да се докаже дека е газа!

„Вештото лице доктор Агим Рамадани во врска со приговорот од болницата дека туѓо тело не било испратено на патохистолошко испитување од кое би се утврдило дали е туѓо тело или фиброза од меките ткива, објаснува дека ваквата теза е чудна и нестручна зашто на хистопатолошко испитување се праќа само биоптичен материјал, кој се вади при оперативниот зафат, а не текстилен материјал заборавен во оперативното поле, а дека тој бил присутен покажува снимањето каде што многу јасно се нацртани контурите на туѓото тело. Фиброзното ткиво не дава таква слика при снимањето и не прикажува таков контраст“, пишува во пресудата.

Лекарот, пак, кој ја извел операцијата, во судница изјавил дека пациентот по првата операција не се придржувал до советите и препораките на лекарите, со што можеби ја предизвикал инфекцијата. И дека не заборавил газа при операцијата.

За операциите што биле извршени во 2015 година, паричниот надоместок од 750 илјади денари пациентот го добил дури во април годинава. Од нив, 200 илјади денари се за претрпена физичка болка, 150 илјади денари за претрпен страв, 300 илјади денари за нарушена животна способност и 100 илјади денари за претрпена душевна болка поради нагрденост.

Продолжува утре (10.8.2023) со случај „Многу се 10.500 евра за лоша интубација, намали на 7.300 евра!“

Скриениот хорор на македонското здравство (1 дел): Извинете госпоѓо, не било тумор – сме ви заборавиле газа во телото по царскиот рез!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот