Фото: Пиксабеј

Скопје летово молеше за капка вода, се бара ли решение за во иднина?

Проблемот со недостигот на вода пројде, но за 8-9 месеци повторно ќе се најде на дневен ред со ист интензитет или уште поголем отколку изминатово лето. Затоа сите кандидати за градоначалници на главниот град мора водоснабдувањето да го стават меѓу најприоритетните проекти што на подолг рок мора да се спроведуваат во Скопје.

Дојде есента и скопјани се чини подзаборавија на проблемите со водоснабдувањето кога одредени населби во градот, особено во повисоките зони, летово со недели останаа без вода.

Недостигот на вода во услови кога и Рашче и петте бунари во Нерези и Лепенец работеа на максимум се „решаваше“ со секојдневни апели до населението за рационално користење на водата за пиење, кои како што е познато беа без голем успех.

Оние што имаа вода, не штедеа за полевање дворови и полнење базени, додека другите стравуваа за своето здравје поради неможноста да одржуваат лична хигиена и хигиена во домот, молеа за помош и бараа цистерни со вода за да се надмине некако кризниот период.

Одредени делови од Скопје секое лето имаат проблеми со вода, но тоа што се случуваше оваа година беше аларм што требаше да ги поттикне надлежните да бараат решение за состојбата која, според експертите, ќе станува сѐ потешка со секоја измината година.

Потоа помина летото, се намалија температурите, се испразнија базените и се намали потребата од разладување на дворовите, водата стигна до секој дом и како што тоа постојано се случува, проблемот повеќе не се споменува сѐ додека повторно не се актуализира.

Алармантно во Скопје, Рашче работи на максимум, а сепак половина град нема вода

Како што е познато, водоводната мрежа во Скопје е стара со децении и низ неа се губи речиси половина од испорачаната вода од изворот, а притоа градот постојано се шири, се градат нови згради, се зголемува бројот на население. Рашче и бунарите се единствените извори за водоснабдување на градот, а не е познато дали се бараат нови извори, дали се работи или се истражува затоа што такви одговори од „Водовод и канализација“ годинава не добивме. Притоа, експерти предупредија дека опасно е Рашче да се форсира максимално за да не се случи градот да остане без вода.

На изворот Рашче толку му е капацитетот, повеќе од ова не може да даде, работиме со максимален број вклучени бунари, од технички аспект тоа може да доведе до колабирање на бунарите, до уривање. Рашче исто така се празни максимално, не дај боже да се случи нешто, ќе останеме без пивка вода – алармираше летово Зоран Стојанов, оперативен директор во „Водовод и канализација“.

Д-р Златко Илијовски од Градежниот институт во емисијата „Вин-вин“ на Телма посочи дека бунарскиот систем Нерези-Лепенец во Скопје има капацитет од околу 1.400 литри вода во секунда, но анализите што се правеле при изработката на елаборатот за заштита на бунарскиот систем покажале дека можноста за експлоатација максимално е до 500 литри во секунда.

Значи, околу 35 проценти ние можеме да користиме безбедно, а кога таа количина ќе биде надмината, се создаваат услови за повлекување поголема количина вода од реката Вардар кон бунарите. Во тој случај ние имаме нечиста вода, бидејќи Вардар е од четврта категорија во тој дел на теренот – предупреди Илијовски.

Во Скопје летово во одредени денови се трошеа 350 илјади метри кубни на дневно ниво, потрошувачка што ја немало во изминатите години. Па и таа максимална потрошувачка не ги задоволуваше потребите на градот, па цели населби беа без вода.

Град Скопје: Проблем не е водата, проблем се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат

Сепак и покрај тоа, во предизборната кампања за претстојните локални избори ретко кој од кандидатите излезе со ветувања за решавање на проблемите со водоснабдувањето во Скопје.

Конкретни мерки за стабилно и сигурно водоснабдување најави кандидатката за градоначалник од СДСМ, Каја Шукова. Според неа, тие се итна санација на водоводната мрежа, изградба на современ систем за собирање и пречистување отпадни води, намалување на загубите, искористување на дождовницата и воведување нови технологии за водни пумпни станици и резервоари.

Скопје мора да има стратегија и мора да има вода – еднакво за сите – порача Шукова.

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, неодамна објави дека во неговиот тим се приклучува инженерот Дејан Димовски, кој има долгогодишно искуство како раководител за електромашинско одржување, техничко следење и мониторинг во ЈП „Водовод и канализација“.

Со оваа одлука, како што соопштија од неговиот тим, јасно е дека еден од главните фокуси на Левица во Скопје ќе биде решавањето на хроничните проблеми со водоснабдувањето во градот, како и воспоставување силни и ефикасни јавни претпријатија, целосно ослободени од влијанија на приватни интереси.

За нечии зелени бавчи и дворови, пола Скопје секојдневно со часови е без вода

Токму Димовски за кризната состојба со водата и за водоснабдувањето во Скопје говореше и пред градските советници. На прашањето што работи претпријатието за да ги спречи загубите на вода што се провлекуваат години наназад, што се работи за да се санираат овие проблеми, тој објасни дека според своите ингеренции, јавното претпријатие треба да даде вода онолку колку што системот овозможува и технички да ги одржува постојните капацитети.

Инвестирањето во нови водоснабдителни системи и подобрување на системите се инвестиции на самите општини. Генерирањето на ДУП не значи само изградба на нови населби и згради, претходно треба да се финансира и во водоводна и канализациска мрежа. Тоа не го прави јавното претпријатие. Кое било решение што општината ќе го направи според стандардите за водоснабдување, ЈП „Водовод и канализација“ го прима како дел од системот и го одржува со наплатата на вода – објасни тогаш Димовски.

Тој нагласи дека е неопходно да се размислува за пронаоѓање нови бунарски подрачја во Скопје.

ВИДЕО | Пукна водоводна цевка во Влае, без вода останаа повеќе делови на Скопје

Проблемот со недостигот на вода пројде, но за осум-девет месеци повторно ќе се најде на дневен ред со ист интензитет или уште поголем отколку изминатово лето. Затоа сите кандидати за градоначалници на главниот град мора водоснабдувањето да го стават меѓу најприоритетните проекти што на подолг рок мора да се спроведуваат во Скопје. Доколку не се започне со време да се бара решение за нормално снабдување, проблемите со вода сѐ пожестоко ќе нѐ удираат секое наредно лето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот