Скопје град на опасно дивеење

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Тешко е да се разбере потребата на некои луѓе да живеат сосема неодговорно, да не се грижат за околината, за своите сограѓани, за она што е општествен имот (значи на сите нас). За ништо подалеку од нивната влезна врата.

Може ли нормално да се живее и да се функционира во град во кој дивеењето стана основен начин на однесување и тоа во сите сфери? Многу тешко. Опкружени сме со дивотии секојдневно – диви депонии, диво градење, дивеење по улиците, по парковите, по детските игралишта. И барем еднаш, мора да престанеме за сѐ да ги обвинуваме градските и општинските власти, државата и лошата судбина, туку да си го ставиме прстот на чело и сите да се запрашаме: Што правиме, луѓе?

Трагичната смрт на младата Викторија, која беше прегазена на пешачки премин кај „Сити мол“, на сите ни ги стегна душите. Сиот бес се истури врз уште помладиот возач што ја усмрти. Клетви, навреди, барања за доживотен затвор, за бесење – лавина од гнев се истури по социјалните мрежи. Колку синови и ќерки возат „бесни“ возила по скопските улици брзо, непромислено и под дејство на алкохол, па и дроги? Кој им дозволил да ги возат тие автомобили? Колку возрасни го прават истото? Колку граѓани почитуваат сообраќајни прописи и ограничување на брзина?

Е, потоа се случуваат несреќи. Се случуваат.

Неодамна по социјалните мрежи се вртеше видео на кое млад човек со огромна брзина вози по Партизанска и без запирање ги поминува сите семафори без оглед дали светат црвено или зелено. Ете, тоа е едно од дивеењата што ни се случуваат низ градов. Да се доведе во опасност својот и животот на кој било друг граѓанин што случајно ќе се најде на патот, само за да се соберат „лајкови“ на Фејсбук, сериозно укажува дека нешто опасно тргнало надолу. Дека здравото размислување како процес станува помалку важно, наспроти јуначењето со будалштини.

Се разбира, од сообраќајното дивеење и од неговото смирување не може да се исклучи полицијата. Мора да ја има 24 часа на булеварите. Да казнува! Без исклучоци и без оглед кој е, чиј е! Треба и поригорозни казни. Но, пред сѐ и најважно треба ум во глава кај секој оној што ќе седне зад волан. Ако го нема, ич нека не седнува.

Тешко е да се разбере потребата на некои луѓе да живеат сосема неодговорно, да не се грижат за околината, за своите сограѓани, за она што е општествен имот (значи на сите нас). За ништо подалеку од нивната влезна врата. Тоа се оние што создаваат диви депонии очекувајќи некој друг да подзачисти зад нив, па и кога ќе исчисти, не се откажуваат од своите навики да фрлаат ѓубре кај што сакаат. Такви се оние што мислат дека е доволно кесата со отпад да ја фрлат од балкон, а дека таа по некое чудо самата ќе „слета“ во контејнер. Има луѓе што уживаат да уништуваат општествен имот, да се изживуваат врз клупите по парковите, врз лулашките по детските игралишта. Па, дури и да фрлаат монтажни тоалети во Вардар. Да, има такви. Дивеење пуштено на најсилно.

И згора на тоа, дивее короната. Во моментов сме среде нов пик, со нов и стар сој, со најмногу досега заразени дневно и голем број хоспитализирани граѓани. Дали тоа го смени однесувањето на голем дел од луѓето? Не. Полни кафеани, дружби, забави. Маски евентуално во продавници и во автобуси. Си се шетаат заразени, демек колку да се претрча само до аптека или на пазарење. Внимавање и грижа за здравјето – нула. За вакцинирање нема ни да спомнувам. Па потоа, кој ни е крив? Локалните власти или државата? Не џабе рекле старите – од умот си патиме!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот