Сите се за компромис, никој не попушта!

Или-или В сабота на 30 мај истекува третата одлука за прогласување вонредна состојба, овој пат во траење од 14 дена, што ја донесе претседателот Стево Пендаровски на предлог на Владата. Ако дотогаш не биде договорен датумот за изборите, тогаш или ќе мора да биде прогласена нова вонредна состојба или изборите ќе се одржат без опозицијата!

Двете најголеми партии, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, официјално сѐ уште се далеку од посакуваниот консензус за датумот кога ќе се одржат вонредните парламентарни избори, иако се навестува можност дека сепак ќе ги усогласат ставовите ако секоја од нив направи мала отстапка. В сабота на 30 мај истекува третата одлука за прогласување вонредна состојба, овој пат во траење од 14 дена, што ја донесе претседателот Стево Пендаровски на предлог на Владата. Ако дотогаш не биде договорен датумот за изборите, тогаш или ќе мора да биде прогласена нова вонредна состојба или изборите ќе се одржат без опозицијата!

Според едни толкувања на владината уредба за изборите од 22 март, предизборните дејства се замрзнати на 22 дена пред гласањето и штом се заврши вонредната состојба, тие автоматски продолжуваат, што значи дека ќе се гласа на 21 јуни. Но, според ВМРО-ДПМНЕ тоа не е така и штом ќе заврши вонредната потребни се околу 50 дена за организирање на изборите.

Втор камен на сопнување помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се здравствените услови и колку ќе биде безбедно да се гласа додека епидемијата со коронавирусот не е стивната. ВМРО-ДПМНЕ поради здравствената криза инсистира изборите да бидат одложени за крајот на август или за почетокот на септември, а СДСМ е подготвена да го одмрзне целиот процес, доколку Комисијата за заштита од заразни болести одлучи дека е безбедно да се гласа.

 

Лидерска средба до сабота

 

Се очекува до сабота да се одржи лидерска средба кај претседателот Пендаровски во обид да се најде компромис пред истекот на третата вонредна состојба. Од кабинетот на Пендаровски велат дека претседателот ќе закаже средба ако има приближување на ставовите на двете партии.

Тие деновиве ги почнаа и преткампањските активности. Дел од носителите на листите на СДСМ се сретнаа со своите регионални изборни штабови и имаа обраќања пред граѓаните, а дел од носителите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да снимаат спотови со апели граѓаните ова лето да летуваат во Македонија.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во изјава за медиумите викендов рече дека и бојкотот е опција ако СДСМ инсистира на брзи избори на 21 јуни, но изрази надеж дека партиите сепак ќе постигнат компромис. Претседателот Христијан Мицкоски беше покатегоричен – сака избори подоцна и нема да прифати ултиматум.

– Ние сме подготвени за компромис околу датумот за избори. Такво е нашето функционирање, да имаме разбирање и да постигнеме компромис. Но, не прифаќаме ултиматуми од типот – или на 21 јуни или нема избори, односно ќе има без опозиција. Слободно, нека им се со среќа – рече Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев викендов од Струмица порача дека изборите се решение, а не проблем.

– Државата ни се наоѓа во крајно комплицирана состојба пред новиот бран на епидемијата наесен, заедно со сезонскиот грип, за што предупреди и СЗО, а сме со распуштено Собрание и со техничка Влада што имаше мандат да ги организира предвремените избори на 12 април. Со другите кандидати за пратеници потврдивме дека е крајно одговорно да се најде решение изборите да се одржат пред почеток на летото, најмногу поради здравјето – рече Заев.

Тој додаде дека спроведувањето на изборите бара внимателност и одговорност, а тие се единствениот демократски механизам за да го вратат граѓаните легитимитетот на законодавната и на извршната власт. Заев повтори дека изборите се потребни за да се обезбедат целосно функционални институции, кои ќе го штитат здравјето и ќе ја рестартираат економијата и затоа треба да се одржат во првиот можен термин, согласно со законите и состојбата со епидемијата.

– Ние сакаме избори на кои ќе учествува опозицијата. Имаме силен демократски капацитет, и како и досега, ќе направиме сѐ опозицијата да си ја преземе својата одговорност. Заврши времето кога опозицијата, во тоа време СДСМ, дознаваше од телевизија кога ќе се одржат изборите. Се разбира, доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го кочи овој неопходен демократски процес, ние нема да имаме избор освен да ги почитуваме законските рокови на изборниот процес – порача Заев.

Тој повтори дека ќе се водат прилагодени и контролирани кампањи, со сите мерки на заштита и без масовни настани и е уверен дека институциите ќе ги обезбедат сите превентивни мерки за 100 отсто заштита на граѓаните на денот на гласањето, а набљудувачката мисија на ОБСЕ и на ОДИХР ќе биде гаранција дека слободно изразената волја на граѓаните ќе биде легитимна.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски викендов порача дека 18 држави ќе организираат избори пред летото, а предлозите за избори на крајот на август или почетокот на септември се опасни за здравјето. Според него, тоа се да нема воопшто избори и да се создаде уставна криза.

 

Се бара Комисијата за зарази да пресече

 

Ставот дека не може да има избори на 21 јуни, освен со здравствената криза ВМРО-ДПМНЕ го поткрепуваат и со мислењето на ДИК. Генералниот секретар Јанушев посочи дека во мислењето што ДИК го доставила до претседателот Пендаровски е посочено дека им се потребни минимум 35 до 50 дена за да се подготват за изборите.

– Мислењето на ДИК не е мислење на еден човек. Ова мислење е врз основа на сите членови на ДИК што имаа состанок со претседателот Пендаровски. Во СДСМ се вразумуваат и ги прифатија нашите барања дека со глава во ѕид, со уцени, со поставување ултиматуми, не се постигнува ништо и навистина ми е драго што ретерираат од првичните ставови. Од првиот момент ние очекуваме дека сепак ќе се најде начин да се седне и консензуално да се договори датумот – рече тој.

Јанушев побара Комисијата за заразни болести да даде став дали е безбедно да се оди на избори.

И министерот за администрација и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски смета дека е клучно Комисијата за заразни болести да излезе со јасен став кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори.
– Не треба политичарите да одлучуваат. Целиот овој период сите одлуки се носеа согласно со препораките на Комисијата. Најважно е начинот на кој ќе се спроведуваат изборите. Тука треба најмногу да посветиме енергија, како ќе обезбедиме услови за безбедни избори. Од аспект на заштитни маски, апсолутно е обезбедена државата за да може да функционира општеството, не само за изборите – кажа Манчевски.

Според него, ако нема договор за избори на 21 јуни, тогаш мора да се продолжи вонредната состојба. Ако има договор, вонредната ќе престане в сабота и до гласањето остануваат 22 дена.
– Освен ВМРО-ДПМНЕ никој друг не зборува против избори. Јасно е, ако до 30 мај нема договор за избори, ние ќе мораме да ја продолжиме вонредната состојба. Имаме секој ден нови заразени, тоа е факт, но далеку сме од претходните недели – рече Манчевски.

Дескоска: Или изборен датум или вонредна состојба

 

Министерката за правда Рената Дескоска објасни дека според Уставот, изборите мора да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.

– Уредбата беше со цел да запрат изборните дејства што беа почнати пред вонредната состојба. Сите се сеќавате дека имаше прва лидерска средба ,на која се даде задача на експертите да размислуваат и да разговараат околу можностите за прекинување на изборните дејства. Со оглед на тоа што не се свика Собранието, единствено можно правно решение за прекин на изборите е носењето на оваа уредба – рече Дескоска.
Таа додаде дека ова е прифатено и усвоено во заклучокот на ДИК, потпишан од претседателот Оливер Дерковски, во којшто се вели дека „по завршувањето на вонредната состојба, ДИК ќе донесе ревидиран роковник во кој ќе бидат предвидени оние дејства што не биле преземени пред прогласувањето на вонредната состојба“.

Дескоска е со став дека лидерите може да разговараат за одредени рокови или термини за избори, но тие термини мора да бидат во рамките на Уставот, односно „ако не се продолжи вонредната состојба, изборите неминовно паѓаат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот