Сите на готовс за првиот викенд без ДДВ во државава

Продавниците за време на пандемијата ковид-19/ Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Трговците и граѓаните се подготвени за претстојниот „Викенд без ДДВ“. Првите уште пред една недела ги најавија своите акции и ги наполнија магацините и рафтовите. Дел од граѓаните велат дека ќе ја искористат оваа можност да купат нешто што навистина им треба, иако износот е лимитиран.

Извесно е дека компјутерите и лаптопите се први на списокот, но се меркаат и некои поевтини парчиња мебел и домашна бела техника. „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет антикризни мерки и ќе опфати околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“.

Ќе се купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ-опрема, во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку денови на трансакциските сметки ќе биде исплатен назад целиот ДДВ. Преку оваа мерка, според процените, ќе се оствари промет од 170 милиони евра, кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра.

Колкав поврат може да се очекува

Според измените на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица, фискалните сметки што ќе бидат цел на целосен поврат на данокот на додадена вредност ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на УЈП, најдоцна три дена од рокот на издавање. Враќањето на целосниот износ на данок, ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.

Законската стапка на ДДВ е 18 проценти, а повластената стапка од 5 проценти се однесува на повеќе производи и услуги – храна, училиштен прибор, компјутери. Така, на пример, за еден просечен компјутер од 20.000 денари, повратот на данок ќе изнесува 1.000 денари.

Со ДДВ од 5 отсто се оданочени и книгите, лековите, а облеката има данок од 18 проценти. Пет проценти ДДВ има и на бебешката опрема, пелетите, печки на пелети и котли на пелети, топлинска енергија за греење. Ако во „Викендот без ДДВ“ престојувате во хотел, од сметката ќе ви бидат вратени 5 отсто, бидејќи и таа услуга има толкав данок.

Експерти: Потрошувачката мора да се раздвижи

Во изминативе денови пратениците од власта и од опозицијата ги судрија копјата околу оваа мерка. Од опозицијата побараа да се воведат посебни протоколи за време на продолжениот викенд без ДДВ, а бараа и да се прошири листата на производи за кои граѓаните ќе имаат право на поврат. Претходно власта го одби амандманот на опозицијата, со кој се предлагаше ваквата мерка да се реализира четирипати, и тоа два годинава и два викенди следната година.

Експертите се согласни дека потрошувачката мора да се раздвижи, бидејќи граѓаните се попретпазливи и не сакаат да трошат.

– Мерката „Викенд без ДДВ“ е политичка одлука и таа беше најавена и очекувана. Генерално не може да има даночна евазија, можноста за купување со поврат на данокот може да ја користат само регистрираните апликанти. Нема простор да манипулација, бидејќи мерката е осмислена за корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“. Во врска со дилемата дека на тој начин државата ги чести и богатите, кои имаат пари и кои исто ќе си купуваат без ДДВ, можам да речам дека тоа е елиминирано уште во почетокот со лимитираност на износот за купување до 30.000 денари. Според тоа, сметам дека мерката е издржана – вели за „Слободен печат“, Павле Гацов, даночен експерт.

Според професорката Марија Зарезанкова-Потевска, државните авторитети треба да размислуваат за покомплексни мерки, бидејќи земјава станува сѐ позадолжена, а животниот стандард на граѓаните се намалува.

Викендот без ДДВ нема да предизвика сериозна даночна дупка во буџетот, бидејќи станува збор за мала сума до која е дозволено купување во трговијата. Сепак, ова не е некоја сериозна економска мерка во оваа ситуација, кога јавниот долг се продлабочува секојдневно, а најголемиот дел од граѓаните примаат минимална плата – вели за „Слободен печат“, Зарезанкова-Потевска.

Со маски и дистанца нема опасност од корона

Она што се постави како дилема е здравствениот аспект на „Викендот без ДДВ“ во време на коронавирус.

Претстојниот „Викенд без ДДВ“, нема да претставува ризик за здравјето на граѓаните, бидејќи има протоколи и се знае по колку лица смеат да влезат на затворено, а дополнително на тоа е задолжителното носење маска и држењето дистанца, смета министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова вели дека акцијата „Викенд без ДДВ“ требало и порано да се случи и така ќе им се помогнело на родителите да дојдат до поевтин компјутер.

– Животот мора да продолжи и мора да се научиме да живееме со вирусот. Мислам дека ваквиот викенд нема да придонесе за поголеми турканици во продавниците, бидејќи народот нема пари. Нереално е да се очекува дека сите 350 илјади корисници на  апликацијата „Мој ДДВ“ ќе тргнат по дуќаните. Но, како и да е, граѓаните се исплашени и се дисциплинирани, сѐ повеќе носат заштитна опрема бидејќи не сакаат да плаќаат казни, така што генерално нема опасност по здравјето – вели за „Слободен печат“, д-р Лилија Чолакова-Дервишова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот