Си-Ен-Ен: Документите покажуваат – Кина покажувала помал број на заразени отколку што навистина имала

Фото: ЕПА

Си-Ен-Ен објави ексклузивни документи за кои наведува дека ги покажуваат значајните пропусти на Кина на почетокот на епидемијата на коронавирусот.

Документите кои се од кинеската провинција Хубеи покажуваат дека Кина прикажувала помали бројки на заразени со коронавирус, дека и биле потребни недели да дијагностицираат нови случаи и дека не ја известиле јавноста за пикот на сезоната на грипот во Хубеи во декември минатата година, што се поклопува со времето за кое се сомнева дека во Кина се појавиле нови случаи на коронавирусот, пишува Си-Ен-Ен.

Податоците од 10 февруари покажуваат 5.918 нови случаи, повеќе од двојно од бројката која ја објави Кина

Во извештајот со ознака „интерен документ, доверливо“, локалните здравствени власти во провинцијата Хубеи, во која вирусот прв пат беше откриен, наведуваат дека вкупно 5.918 новооткриени случаи биле регистрирани на 10 февруари, повеќе од двојно од официјалниот број на потврдени случаи.

Фото: EPA-EFE/GENO ZHOU CHINA OUT

Таа поголема бројка во тоа време не била јавно објавена, а изгледа дека Кина ги прикажувала податоците за на тој начин да ја намали сериозноста на епидемијата.

Таа бројка се наоѓа во низата на откритија содржани на 117 страници на документи од центарот за контрола и спречување на болести во Хубеи, чија автентичност беше проверена од Си-Ен-Ен.

Кина одлучно ги отфрли обвинувањата на САД и другите западни влади дека намерно ги криела информациите поврзани со вирусот, тврдејќи дека била искрена спрема светот од избивањето на пандемијата. Меѓутоа, иако документите не даваат докази за намерно криење на пронајдоците, тие откриваат бројни недоследности во она за што властите знаеле и она што било откриено за јавноста.

На што сѐ укажуваат документите

Документите кои го опфаќаат нецелосниот период меѓу октомври 2019 и април оваа година, укажуваат на нефлексибилен здравствен систем ограничен од бирократија и постапки кои не биле подготвени за решавање на кризата која избила. Во неколку критични моменти во раната фаза на пандемијата, документите даваат јасни докази и укажуваат на многу институционални пропусти, пишува Си-Ен-Ен.

Највпечатливо е колку бавно се дијагностицирани локалните пациенти со ковид-19. Иако властите во Хубеи пред јавноста ги претставија своите постапки со почетното избивање на пандемијата како ефикасни и транспарентни, документите покажуваат дека локалните здравствени власти се потпирале на неисправни механизми на тестирање и известување за нови случаи.

Извештајот во документите со почеток во март покажува дека просечното време меѓу појавата на симптоми до потврдена дијагноза биле 23,3 денови. Експертите на Си-Ен-Ен рекле дека тоа значајно го отежнало следењето на болеста, како и борбата против неа.

Кина од почетокот тврдеше дека е искрена, сега нема коментар

Кина одлучно ги бранеше своите постапки при избивањето на епидемијата. На конференција за новинарите на 7 јуни, кинескиот државен совет ја објави Белата книга велејќи дека кинеската влада секогаш ги објавувала информациите поврзани со епидемијата на „вистински, отворен и транспарентен начин“.

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Си-Ен-Ен го контактираше кинеското Министерство за надворешни работи и Националниот здравствен комитет, за одговор на откритијата во документите, но не добиле одговор.

Експертите: Документите покажуваат што се знаела Кина во првите месеци

Здравствените експерти утврдија дека документите јасно покажуваат што се знаела Кина за епидемијата на коронавирусот во првите месеци.

„Јасно е дека погрешиле, и не зборуваме само за грешки кои се случуваат кога имате работа со новиот вирус – туку и бирократски и политички мотивирани грешки во начинот на кој постапувале со епидемијата“, рекол Јанжонг Хуанг, постар соработник за глобално здравство при Советот за надворешни односи, кој поопширно пишувал за јавното здравство во Кина. „Тоа имаше глобални последици“, додаде тој.

Пикот на сезоната на грип во Хубеи се случил кога се појавувале првите заразени со коронавирус

Во истото време, документите покажуваат дека во Кина се одвивала уште една здравствена криза: Хубеи се соочувал со значајна епидемија на грип. Тоа предизвикало пораст на случаи на 20 пати повеќе од бројката забележана претходната година, покажуваат документите. Се тоа направило додатен огромен притисок, на и онака пренатрупаниот здравствен систем.

„Епидемијата на грипот, како што се забележува во документот, не била присутна само во Вухан во декември, туку и во соседните градови Јичанг и Џианинг. Останува нејасно какво влијание или поврзаност има избивањето на грипот врз избивањето на епидемијата на коронавирусот. И додека во документите нема конкретни докази дека двете паралелни криви се поврзани, информациите за тоа каков навистина бил пикот на сезоната на грипот во Хубеи треба да бидат јавно објавени.

Откритијата кои излегоа во документите кои ги прикажуваат првите податоци од коронавирусот во Кина, се појавуваат во време кога САД и ЕУ го зголемуваат притисокот на Кина за целосна соработка со Светската здравствена органзација за откривање на изворот на пандемијата која се прошири низ секој дел од светот и зарази над 60 милиони луѓе, додека 1,46 милиони починаа.

Документите во Си-Ен-Ен ги дал свиркач, проверена е нивната автентичност

Документите во Си-Ен-Ен ги дал свиркач кој побарал анонимност. Тој рекол дека работи во кинескиот здравствен систем и дека е мотивиран да ја разоткрие вистината која била цензорирана во чест на колегите кои исто така проговориле.

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Документите се проверени од шест независни експерти кои во име на Си-Ен-Ен ја истражиле веродостојноста на нивната содржина. Еден експерт со блиски врски со Кина известил дека некои од извештаите ги видел за време на доверливо истражување кое почнало оваа година. Европски безбедносен функционер со познавање на кинески внатрешни документи и постапки исто така потврдил дека документите се вистински.

Светот од Кина доби пооптимистични податоци од вистинските

Документите покажуваат широк распон на податоци за два одредени дена, 10 февруари и 7 март, кои се во значајна мера различни отколку што Кина зборуваше јавно.

На 10 февруари, кога Кина извести за 2.478 нови случаи на коронавирус, документите покажуваат дека всушност имало 5.918 новопријавени случаи.

„Потврдени случаи“ според тој извештај има 2.345, „клинички дијагностицирани случаи“ 1.772 и „сомнителни случаи“ – 1.796.

Според се, може да се заклучи дека светот од Кина доби пооптимистични податоци од оние кои биле вистински.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот