Шведска лута на Курдите кои обесија кукла со ликот на Ердоган во Стокхолм

Фото: Profimedia

Шведскиот премиер Улф Кристерсон го осуди денеска протестот на Курдите што се одржа вчера во центарот на Стокхолм, каде демонстрантите на бандера обесија кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и оцени дека тоа го саботира настојувањето на Шведска да се приклучи во НАТО.

Министерството за надворешни работи на Турција вчера изрази протест до амбасадорот на Шведска, затоа што пред градското собрание во Стокхолм беше обесена кукла. Турските официјални претставници оценија дека тоа е „гнасен чин” и „терористичка пропаганда” на поддржувачите на забранетата Курдска работничка партија во Турција.

Турците посочија дека овој случај е спротивен на договорот меѓу Шведска и Финска со Турција, членка на НАТО, од која очекуваат одобрение за нивниот прием во Алијансата, и дека ќе се сузбие делувањето на курдските активисти.

Претседателот на Парламентот на Турција, Мустафа Шентоп ја откажа посетата на шведскиот Риксдаг, која беше закажана за следниот вторник.

Шведскиот премиер Кристерсон денеска го осуди бесењето на куклата со ликот на Ердоган и рече дека е „исклучително сериозно” да се исценира „лажно погубување на странски демократски избран лидер” во Шведска, каде претходно беа убиени двајца водечки политичари: премиерот Олоф. Палме во 1986 година и министерката за надворешни работи на Ана Линд во 2003 година.

„Би рекол дека ова е саботажа против апликацијата на Шведска за НАТО. Опасно е за шведската безбедност да се однесува на овој начин“, рече тој.

Бесењето на куклата го осуди и шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билсторм кој на Твитер напиша дека Владата „најостро ги отфрла заканите и омразата кон политичките претставници” и смета дека „симболичната погубување на избраниот претседател на Турција пред Градското собрание е одвратно”.

Група која себеси се нарекува „Шведски комитет за солидарност за Рожава” соопшти дека стои зад протестот. Рожава е курдски назив за северна и источна Сирија.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека ПКК и сродните курдски групи во Сирија „поставуваат мини на патот на шведското членство во НАТО” и дека „одлука на Шведска е дали сака да ги исчисти овие мини или свесно ќе стапне врз нив”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот