ШТО СЕ СЛУЧУВА: Секое трето дете во Македонија е жртва на врсничко насилство

Фото: Профимедиа

Во Македонија 42 отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години, според податоците на УНИЦЕФ за 2018 година пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето. Во светски рамки, половина од учениците на оваа возраст, или 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците, малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето. Според Светската здравствена организација, 30 отсто од децата во земјава се изложени на запоставеност, а податоците на УНИЦЕФ велат дека 52 отсто трпат физичко насилство во домот.

Секое трето дете во средно училиште во Македонија било жртва на врсничко насилство, а секое второ било сведок на таков немил настан. Жртвите на врсничко насилство честопати не сакаат да им кажат на своите родители или наставници за лошото искуство. Причината за таквиот чекор е стравот од можноста и тие да бидат малтретирани или пак „оцрнети“ од соучениците. Анализите утврдиле дека овој вид насилство е поприсутен кај момчињата отколку кај девојчињата. Полициските анализи бележат рапидно зголемување на оваа негативна појава во земјава.

Според националноста, врсничкото насилство е поизразено кај децата од македонскиот етникум, а потоа следат малолетниците од албанска и ромска националност. Според местото каде се случува, од досега спроведените анализи на низа невладини организации и институции, бројките покажуваат дека 70 отсто од настаните се случуваат во просториите на основните и среднообразовни институции, а 30 отсто на отворен простор. Повеќе од шеесет отсто од децата врсничкото насилство го оцениле како голем проблем во нивното образование, а позагрижувачки е фактот кој говори дека децата помеѓу 10 и 18 години повеќе се загрижени за емоционалното малтретирање од врсниците, отколку за успехот во образованието.

Од полицијата велат дека најновата „жртва“ во расправија меѓу малолетници е седумнаесет годишен ученик од Гостивар. Тој со остар предмет бил расечен на десната рака во расправија меѓу ученици која подоцна прераснала во физичка пресметка. Инцидентот се случил во средното медицинско училиште во Гостивар. Покрај овој случај, полицијата во изминатите десет дена регистрирала шест инциденти меѓу ученици, во кои и жртвите се исто така ученици. Од вкупно седум инциденти меѓу ученици, дури шест се случиле во Скопје.

Во Скопје на булеварот „АСНОМ“ физички било нападнато 13-годишно момче од друго малолетно лице, пред училиштето во скопско Јурумлери имало физичка пресметка меѓу малолетник од селото и друг малолетник од село Идризово. На малоленикот од село Јурумлери му била укажана лекарска помош во комплекс клиники „Мајка Тереза“. Скопјанката А.Т. (57) во МВР пријавила дека во Скејт парк на булеварот „Кочо Рацин“ нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Шеесетгодишната Д.К. од скопско Бојане пријавила дека на булеварот „Гоце Делчев“ нејзината 17 – годишна ќерка била физички нападната од С.Е. од село Ласкарци. Четириесет и четиригодишниот С.С. од Скопје пријавил дека во основно училиште во населба Кисела Вода, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Во полициската станица во Карпош, Н.В.Г.(49) од Скопје пријавила дека на фудбалско игралиште две лица физички го нападнале нејзиниот 15-годишен син.

Врсничко насилство или т.н. булинг е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку интернет мрежите, социјалните мрежи.

Жртви се момчиња и девојчиња, без оглед на етничко или социо-економско потекло. Најчесто жртвите се чувствуваат поразлични од групата врсници. За да се спасат од ваквото насилство, децата ги потиснуваат своите лични карактеристики со цел да се прилагодат на групата на врсници со што би се избегнал ризикот од булинг.

Според УНИЦЕФ, потребни се три клучни мерки за намалување на насилството во училиштата. Прво треба да се создаде училишна средина во која секој ќе се чувствува безбедно, сигурно и ќе има чувство на припадност. Втората мерка е училиштата да бидат информирани за ефектите од траумата и да прифатат дека семејното насилство е насекаде и дека образованието треба да се спроведува на начин со кој ќе се ублажи и ќе се намали хаотичното влијание од семејното насилство врз развојот на мозокот на детето, при што ќе му се помогне да се концентрира на учењето. Третата мерка е училиштата да имаат едукација за карактерот, при што децата ќе градат основни знаења и вредности кои ќе им помогнат да се снајдат со ризиците и да развијат атрибути со кои ќе се гордеат.

Психологот Татјана Миливојевска вели дека „убав корен“ за започнувањето на врсничкото насилство најчесто е кај децата кои потекнуваат од дисфункционални семејства, родители зависници, еднородителски семејства, каде има нарушени брачни односи или домски деца.

– Врсничкото насилство меѓу малолетниците се манифестира на толку неверојатни и најбизарни патолошки форми како мачење животни, малтретирање на врсниците на најморбидни начини, емоционално насилство и друг вид насилство. Има најразлични видови на врсничко насилство. Прво е вербално каде познаниците се нарекуваат со погрдни имиња, се исмеваат, омаловажуваат, навредуваат или им се дофрлуваат навреди. Потоа следи физичко, односно удирање, туркање, рушење, крадење и уништување предмети. Трето е социјалното насилство, односно озборување, избегнување, игнорирање, изолирање, ширење лаги и гласини. Најтешкото е психолошкото насилство односно насилство кое е проследено со заканувачки погледи, гримаси, исмевање, несакани допири и коментари од сексуална природа, изнудување пари, следење и уценување – нагласува Миливојевска.

Според неа, вистинска уметност е да се победи насилството без никакви последици.

– Искоренувањето на врсничкото насилство од училиштата е долг процес кој бара голема посветеност од страна на наставниците, психолозите и родителите. Многу е важно да се подигне свеста за неговата сериозност и зачестеност. Факт е дека постои насилство во сите училишта. Наставниците да научат како да ги препознаваат формите на насилство, особено кога се работи за емоционално и физичко малтретирање. Знаците не се толку очигледни, но секој наставник може да забележи. Откако ќе се утврди дека постои врсничко насилство во училницата, не треба веднаш да се прибегне кон казнување на насилниците. Но, најважно е да се разговара со двете страни посебно, но и заедно – тврди Миливојевска.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот