Што се крие зад неуспешното губење на килограмите? Болести што не дозволуваат да ослабете и покрај упорното држење диети

Дојдовте во фаза кога веќе се казнувате себеси бидејќи сте можеле да бидете поодговорни и да вложувате повеќе напор, но едноставно не разбирате што правите погрешно, за вашата диета воопшто да не напредува. Пред да се препуштите на стресот, кој дополнително може да му наштети на здравјето на организмот и да се одлучите за уште построг режим на исхрана, прашајте се дали сè е во ред со вашето здравје?

Важно е да се биде свесен за фактот дека нашиот организам е како швајцарски часовник и ако го нарушиме, тоа ќе го забележиме на нашето здравје. Кога станува збор за внес на намирниците со цел губење на килограмите, не смеете да гладувате, туку треба да се држите до здраво намалување на калориите.

Но, ако правите сè што треба, а диетата никако не успева, проверете го здравјето кај лекар, бидејќи во прашање може да бидат и здравствени проблеми, кои го спречуваат успешното слабеење, вели Ана Абрахамсберг.

СТРЕС

Стресот влијае врз секоја болест, вклучително и врз дебелината. Одлична идеја е да разговарате со психолог, а бихевиоралната терапија е идеален начин да ги изнесете сите проблеми на површина и, со стручна помош, да ги решите. Најважно е да ги промените навиките, а преку контакт со психолог ќе биде многу полесно да го препознаете проблемот и да ги пронајдете алатките што ви се потребни за да се промените.

ЦРЕВА

Цревата се голем орган, така што можеме да замислиме што сѐ во нив се случува и колку се важни за здравјето на организмот. Може да биде алергија на храна, интолеранција, лошо варење… Тешко е да се знае без преглед кај лекар. Денес, пребиотиците и пробиотиците се популарни препарати што ги хранат нашите корисни бактерии, затоа се препорачуваат на сите кандидати. Но, да се вратиме на почетокот – важна е храната што ја внесуваме, начинот на кој ја внесуваме и количината.

ВОЗРАСТ

За жал, и возраста влијае врз успешноста на диетата, најчесто поради слабата физичка активност, а и метаболизмот работи побавно. Иако можеби е потешко во постарата возраст да се изгубат килограмите, важат истите правила како и за трудниците – наталожените килограми може да се изгубат, но е потребно време за тоа.

ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА

Симптомите на хипотиреоза се резултат на забавените метаболички процеси што можат да бидат еден од проблемите кога станува збор за губењето на килограмите. За да се утврди дека тироидната жлезда е една од пречките, неопходно е да се проверат хормоните на штитната жлезда, бидејќи без лабораториски наод не може ништо да се тврди. Тешката хипертиреоза може да се препознае без проверка, односно без преглед, според отечените очни капаци и лицето, сонливоста, длабокиот глас и тешкото движење, но таквите пациенти ретко се среќаваат.

CUSHING СИНДРОМ

Тоа е нарушување на функцијата на надбубрежната жлезда и е причина за прекумерно лачење стероиди. Состојбата има своја клиничка слика и тоа е различен вид на адипозитет (прекумерна телесна тежина) отколку нутритивниот. Пациентите имаат силни сини стрии на стомакот и на бутовите, месечево лице (moon face), комплетно се менува физичката слика, а дека тоа е причината за дебелината, може да се потврди врз основа на клиничката слика.

ДИЈАБЕТЕС

Дебелината доведува до дијабетес, не се дебелеете од шеќерната болест. Кај овие пациенти прво се одредува инсулинот и Ц-пептид за да се види состојбата, а тие во повеќето случаи имаат инсулин, но не за таа прекумерна тежина. Целта е со таквите пациенти да се разговара, да им се даде до знаење дека ова е состојба кога можат самите многу да си помогнат, затоа што за да почне диета, прво во амбулантата треба да му се објасни на пациентот дека има премногу килограми за количината на инсулин што тој ја има. Додека поединци нема да реагираат, повеќето од нив веднаш се подобруваат следејќи ја редукциската диета.

ПОЛИЦИСТИЧНИ ЈАЈНИЦИ

Отпорноста на инсулин (инсулинска резистенција) и во случај на полицистични јајници е основниот проблем кога е во прашање губењето на килограмите. Иако пациентките не се дијабетичарки, добиваат таблети за дијабетичари, кои влијаат врз инсулинската резистенција и им се регулира циклусот.

Дебелината може да биде причина за многу промени

Луѓето не се свесни колку е големо оптоварувањето за локомоторниот систем да носи вишок килограми и не знаат дека зглобовите можат сериозно да настрадаат. Покрај тоа, како последица на дебелината, капацитетот на белите дробови се намалува, а со тоа и внесот на кислород. Дури 80 отсто од дебелите луѓе имаат апнеа во сонот, која може да биде опасна.
Срцето е уште еден орган што може да страда од толкаво оптоварување. Дебелината кај децата е многу опасна затоа што кога детето многу ќе се здебели, ќе му биде многу потешко да ги изгуби килограмите во иднина.

Помогнете си со 5 едноставни чекори

1. Посетете психолог и со него разговарајте за проблемот.

2. Консултирајте се со нутриционист што се занимава со пресметување на калории според физичката активност за да се процени преку индивидуален пристап кои намирници не смеете да ги внесувате.

3. Посетете лекар што се занимава со дебелина за да се откријат евентуалните проблеми и да се исклучат патолошките причини.

4. Не прескокнувајте ја физичката активност.

5. Мерете се само еднаш неделно на вагата, никако почесто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот