Што прави денеска – Огнен Неделковски, драматург и текстописец

И ова утро ми е како повеќето утра. Особено во работните денови. Станувам околу 6.20 часот, неколку минути пред да ми заѕвони алармот на мобилниот, кој е вклучен за секој случај. Ретко ме изневерил утринскиот биоритам. За жал, или за среќа, слично се будам и во викендите. Не сум некој спанко. И никогаш не сум бил.

По воведните ритуали во бањата, варам силно македонско кафе, без шеќер, за мене и за сопругата Соња. До пред три години, кафето го пиев со две лажички шеќер, а пред тоа пиев шеќер со кафе, со дури четири лажички. Прво ми беше многу гадно кафето без шеќер, ама некако се навикнав. Признавам, од пред три години пред кафето пијам задолжително и едно апче за притисок (Копренеса од 4 мг, за дебитанти!), сувенир од изминатите повеќегодишни наталожени убавини.

Ако работам од дома, појадувам редовно (освен во петок, кога постам!) омлет со две јајца од „Јајцата на Ненад“ со сланина и кашкавал. Инаку, Ненад е братучед на Соња, кој е инженер, а во слободно време чува кокошки во Раштак, кои даваат вкусни органски јајца. Ова не е реклама, тој има мала, избрана клиентела, и ги носи јајцата од врата на врата.

Преку цела година, а не само за време на изборна кампања. Ако тој ден работам во АВМУ, набрзина се облекувам во алиштата, кои претходната вечер уредно ми ги испеглала и наместила Соња, им оставам три варени јајца за појадок и брзам кон моето сиво Мече, кое верно ме служи веќе десетина години. Ако не ме остави некаде по пат, се паркирам во близина на Цветниот пазар, па веслам уште околу 15 минути пешки до просториите на АВМУ. Таму работам 8 часа, со половина час пауза, на работното место Раководител на Одделението за културен идентитет. Организирам надзор на радијата и телевизиите, гледам ТВ, слушам радија, принтам разно-разни извештаи, потпишувам опомени и (не дај Боже) казни итн. Кога има избори, најчесто имам група соработници со кои ја мериме секоја секунда која радијата ја емитувале на својата програма, во форма на платено политичко рекламирање. Во животов најмногу мразев две работи: политика и математика. Е, баш тоа го работам овие денови… Инаку, на работа начесто појадувам бурек со месо или пица бурек, а во петоците – ѓеврек и / или симит погача. По завршувањето на работното време, пак бодро веслам до возилото и потоа со него се пробивам до Карпош 4, каде што неформално живеам.

Ручам тоа што ми зготвила Соња или што донел Влатко (тоа е еден прекрасен угостител, кој за среќа стопанисува со кафеана во близина на нашата зграда). Се мисли зградата во која живееме! Често готвам некој специјалитет „ала Оги“, на општо задоволство. По ручекот, практикувам кратка турска гимнастика (мал одмор), а вечерните часови ми се резервирани за гледање фудбал, ракомет или кошарка на ТВ или за пишување некој текст за песна. Го завршувам текстот според нова мелодија на син ми Филип, која треба да ја пее еден нов млад извонреден пејач, а се вика Александар Здравков. Запомнете го тоа име, секогаш сум имал нос за големи пејачки имиња. Ако остане сила и енергија, во ноќните часови ќе подработам и на вториот дел од мојата книга за тинејџери „Ловци на лажни вести од зграда 39“. Досега првиот дел го имаат прочитано десетина луѓе. Барем толку ми се јавија дека го прочитале. Другите се кријат. Се мислам да им го земам подарениот примерок од книгата и да го дадам на некој што навистина ќе ја прочита… Си легнувам околу 23 часот и заспивам ѓоа бебенце. Сонувам соништа од разни жанрови…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот