Што прави денеска: Фросина Пармаковска, писателка

Фросина Пармаковска
Фросина Пармаковска / Фото: Приватна архива /Златко Пармаковски

Фросина Пармаковска е македонска писателка. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за Општа и компаративна книжевност, a подоцна и магистрирала на Институтот за македонска книжевност, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.

Пармаковска во 2013 година го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“, а потоа следуваше и нејзиниот втор роман „Вишнова хроника“, кој влезе во финалето за наградата Роман на годината. Во 2017 година Фросина го објави својот трет роман насловен „Одбројување“, за кој ја доби наградата Роман на годината, која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Од февруари 2018 година таа е членка на Друштвото на писатели на Македонија. Истата година на Саемот на книга, Пармаковска го доби и признанието за најуспешен домашен автор, што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Фросина пред две години го објави и романот „На враќање“.

Фросина Пармаковска
Фросина Пармаковска / Фото: Приватна архива

Фросина ни раскажa како приближно изгледа еден нејзин ден.

– Еден мој ден, кај мене многу зависи од периодот во годината и, секако, од тековните обврски. Сега, на лето, сѐ се движи малку побавно, поинтимно и поспокојно. Денот го започнувам со кафе, цигари и скокнат појадок, а првите мисли му ги посветувам на мојот најнов роман со кого, дружбата во оваа рана фаза, е разнолика – преку лаптоп, преку скици на хартија и многу многу патувања со мислите на таа страна каде што се испитуваме со ликот и со тоа што тој го прави во неговиот ден и во животот.

Немам уште прецизно темпо, прецизен ритам, така што од почетокот на денот, па потоа во кој било временски интервал му се навраќам, вака или онака. Веќе кога фаќа најжешкото, го „палам“ тротинетот и одам до канцеларија каде што завршувам некои обврски (не секој ден, можеби, на два-три дена) по што гледам да си ги посетам пријателите низ центар, на понекое кафе или пиво-две-три.

Фросина Пармаковска
Фросина Пармаковска / Фото: Златко Пармаковски

Дома имам еден ритуален дел што сега гледам да не е подоцна од 18 часот, го пијам последното кафе, секогаш, покрај музиката што тековно ја уживам, моментално е турски рок што супер оди со турско кафе и слатко од зрела смоква. Негде попатно работам и на сајтот Лектира.мк што е своевидна електронска антологија на современата македонска проза.

Вечерите во најголема мера се за мене и за луѓето што ги сакам, небитно дали низ разговор, вечера, слушање музика или, просто, во тишина. На крај, сосем на крај, читам книги, во моментов тоа е романот „Чудноста на умот“ од Орхан Памук која е, верувам, последната преведена на македонски што не ми е прочитана, па затоа, по малку и ги штедам страниците за да го одолжам задоволството што ми го дава. Секогаш со книга, особено од вакви размери, полесно се поднесува несоницата која, особено на лето, ми кампува дома и не само таму, си ја носам често каде и да патувам…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот