Што научивме оваа недела: Опасниот политичар

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Сите обвинувања што Мицкоски ги става, онака паушално и со леснотија, на товар на оваа власт, од корупција, недомаќинлук, неефикасност, па сè до неспособност, сме ги виделе во времето на владеењето на неговата партија, па дури и во многу полоши форми и во поголеми димензии.

Оваа недела (во четвртокот) имавме можност да го проследиме интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на „Канал 5“ и да насетиме во кој правец ќе се движат работите на домашната политичка сцена – кон натамошна затегнатост, нервоза и исчекување, и тоа без расплет во догледно време. И натаму „ќе го чекаме Годо“. Изгледа ќе мора да го прифатиме тоа како „нова нормалност“ во нашата политичка состојба, како „трајна привременост“, како што еден политичар ја опиша состојбата во Босна.

Мицкоски, очигледно, нема намера да се откаже од целта да издејствува предвремени парламентарни избори, а на оваа Влада, составена со тешки маки, разбирливо, ни во сон не ѝ паѓа на памет тоа да му го овозможи. Но, Мицкоски внесува и нов момент во равенката – како што рече, има намера да го „мобилизира незадоволството на граѓаните“, да создаде „општ фронт“, и со „протести и бунтови“, како што му потврди на водителот Гоце Михајловски, да издејствува предвремени избори. И уште нешто – паралелно со „случувањето народ“ опозицијата има намера да „вади“ скандали и афери за работењето на оваа власт. Тука пред сè на таргет ќе бидат претходните градоначалници во општините каде што опозицијата победи на локалните избори. Таму таа има пристап до документи, значи можност да открива скандали, како и можност со тие документи да манипулира, по потреба. И на тој начин постепено и упорно ќе ја цементира сликата на оваа власт како корумпирана, недомаќинска, неспособна…

Така се става себе си во една „вин-вин“ ситуација – ако добие предвремени избори, ќе поентира дека ја принудил власта да демисионира; а ако не добие, систематски и постојано ќе го „крцка“ нејзиниот рејтинг со секој изминат ден, така што редовните избори ќе ги дочека со полно „конто“. Башка, „вежбањето народ“ е добра можност за редовна гимнастика на „партиското тело“.

Скандалите кои, фала богу, се наоѓаат за секоја власт, може произволно да ги предимензионира и филува, а ако не може да ги докаже во законска постапка, ќе го прогласи целото судството за заробено и инструментализирано, притоа не давајќи пет пари колку таквиот пристап нанесува долгорочна штета. А и кој ќе има време да чека судски завршници и „расветлување“ на случаите, кога, како што и самиот Мицкоски рече, најважна е перцепцијата кај народот. А за тоа нему му се репер јавувањата на граѓаните во утринските контактни емисии.

Со други зборови, опозицијата има намера да создава масовна хистерија, со воопштени фрази и празни, но лепливи пароли, да организира протести и блокади, да предизвикува сообраќајни застои, кои ќе ги исцрпуваат граѓаните и ќе создаваат атмосфера на близок „пропаст на светот“. Зошто? Затоа што така ќе „ќарува“ во анкетите за перцепциите, за потоа истото да го ефектуира на предвремени или на редовни избори, сеедно.

Да не се залажуваме, тој пристап е „алфа и омега“ за политичари од форматот на Мицкоски, како што беше и за Груевски. Тешко ќе може некој да го убеди дека постојат некои виши интереси, поради кои тоа не е добро да се прави, дека се оштетува самото ткиво на државата – дека се создава општа недоверба во институциите, во правниот поредок, во демократијата воопшто, дека се дразни граѓанството, се внесува раздор и нетрпеливост. Дека сите обвинувања што ги става, онака паушално и со леснотија, на товар на оваа власт, од корупција, недомаќинлак, неефикасност, па сѐ до неспособност, сме ги виделе во времето на владеењето на неговата партија, па дури и во многу полоши форми и со поголеми димензии. Тој смета на синдромот на кусото паметење и импулсивниот нагон на „перцепцијата“ кај телефонските јавувачи во контактните емисии и за него тоа е доволно. Тоа е чист „трампизам“, или „груевизам“, а од тоа не може ништо добро да се изроди.

Ако на тоа го додадеме и „планот“ на Мицкоски, кој стана видлив од неговиот настап на Канал 5, да „игра“ тврдо и непопустливо во однос на Бугарија, да зазема поза на „патриот на стероиди“, јасно е дека станува збор за опасен политичар. Во вистинската, елементарна смисла на зборот опасен. Опасен е, ако не знае дека е лесно да изигруваш тврд преговарач, кога ти не си тој што треба да ги решава проблемите, туку некој друг; а уште поопасен е ако тоа го знае, но намерно „пумпа“ дози на непопустливост и национализам, за дополнително да им ја загорчи и онака тешката ситуација на преговарачите. Во првиот случај тој е наивен фанатик, а во вториот е перфиден хушкач кој вика „од баџа ура!“ (прилепчани ќе ме разберат).

Сепак, кога ќе се сетам на неговиот израз на лицето при една неформална средба со Бојко Борисов, документирана на Јутјуб, повеќе верувам дека е во прашање првото. Ако некогаш се соочи лично и персонално со македонско-бугарскиот проблем ќе пее друга песна, но се надевам дека тоа нема да се случи. Неговата јунаштина како опозиционер нема да му дозволи да се соочи со реалноста, иако милува да се смета за реалист, а уверен сум дека буквално ќе замижи пред проблемот, исто како што неговиот ментор Груевски замижа пред спорот со Грција. Исто како што дете, соочено со ситуација или опасност со која не може да се носи, замижува, во надеж дека опасноста ќе исчезне кога тоа не ја гледа. За децата тоа е природно, но кај политичарите инфантилноста е опасна појава, не само за нив, туку и за целото општество. Но, добро, нека остане нешто и во иднина да учиме и да научиме.

Во секој случај, на СДСМ не му е лесно. Како што ВМРО-ДПМНЕ „ќарува“ во секоја ситуација, така СДСМ „зијани“ и со предвремени избори и без нив. (Се разбира, овде се мисли на ќарување и зијанење само во теснопартиска смисла.) Затоа, СДСМ нема друг избор освен да размислува и да делува државнички. Стратегиски интерес на државата е да се реши спорот со Бугарија и да се отворат преговорите со ЕУ. Ако прифати избори, тоа нема да може да го направи. А ако тоа не го направи СДСМ, никако и никогаш нема да го направи ВМРО-ДПМНЕ. Го имаме искуството со Груевски, а Мицкоски е продолжение на таа матрица.

Од друга страна, јасно е дека решение со Бугарија, какво и да е, ќе биде непопуларно и СДСМ ќе мора да ја плати политичката цена за тоа. Особено со опозиција која ќе гледа од тоа да извлече максимум, која не се колеба да прогласува „предавници“, да глуми дека таа би постигнала многу повеќе или нешто поповолно. Ако дозволи избори, СДСМ ќе изгуби можеби помалку, но за „џабе“, а ако не дозволи избори ќе изгуби повеќе, но во долгорочна корист на државата.

Нашите гласачи се инертни, тоа нема да го сфатат веднаш, но ќе го сфатат еден ден. Ако решението се постигне брзо, ако почнат преговори со ЕУ и ако дојдат некакви опипливи придобивки од нив, тој период може значително да се скрати. Можеби и до редовните избори во 2024 година, но СДСМ нека не спие на тоа уво. Нека смета дека „ќе гине“, ама барем ќе гине за Македонија!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот