Штетни наративи: Партиите „пукаат“ по противникот, а го „убиваат“ граѓанинот

Фото: EPA-EFE/Jeffrey Arguedas

Социолозите, комуниколозите, психолозите и политиколозите предупредуваат дека во чувствително општество со реторика што предизвикува поделби, а во кое медиумската и информациската писменост се недоразвиени, штетните наративи лесно можат да ги попречат демократските процеси, да ги заострат меѓуетничките односи и да ги урнисаат институциите

Политичките партии во недостиг на идеи за промена и без желба за позитивна комуникација секојдневно го загадуваат јавниот простор со напади, обвинувања и наведи кон противникот, а според експертите, со тоа драматично го оштетуваат оштеството и предизвикуваат несакани последици што водат кон регрес, наместо кон прогрес – апатија, политичка незаинтересираност, апстиненција од гласање, демотивираност за промена, па и иселување од државата! Социолозите, комуниколозите, психолозите и политиколозите предупредуваат дека во чувствително општествено со реторика што предизвикува поделби, а во кое медиумската и информациската писменост се недоразвиени, штетните наративи лесно можат да ги попречат демократските процеси, да ги заострат меѓуетничките односи и да ги урнисаат институциите. Во предизборен период како сега лесно можат да го дискредитираат изборниот процес!

Според големите партии, пак, тие самите никогаш не се директен извор на штетни наративи, туку тоа е политичкиот противник. Таков е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на владејачката ДУИ, а СДСМ не ни одговори на прашањата за оваа исклучително важна тема.

Токсична средина во која сите ќе се отруеме

Комуникологот Сеад Џигал вели партиите и нивната јавна комуникација преку функционерите, пратениците, прес-конференциите, соопштенијата, интервјуата, дебатите итн. се главен извор на политичките наративи, а во нив често се среќаваат и штетни особености како нетрпеливост, негативни стереотипи, малициозно етикетирање, погрешни или лажни информации и друго.

– Екстремно штетните видови на наративи кои користат нетолеранција и говор на омраза во јавните настапи се филтрираат, но во неформалната комуникација, особено на социјалните мрежи, се поттикнуваат и се охрабруваат. Нивната цел е да ги маркира политичките непријатели, да ги поврзе партиските симпатизери и членови, да ги мобилизира и да ги мотивира да преземат одредени акции, како што се учество во партиски настани, кампањи, партиска агитација, но и во ширење на конфликти помеѓу партиите и поларизација во општеството преку вербални и друг вид пресметки со нив – вели Џигал.

Професор Сеад Џигал – комуниколог/ прингскин – Youtube

Тој објаснува дека политичките актери за ширење штетни наративи најчесто ги користат социјалните мрежи или медиумските настапите но неретко тоа се и службените ресурси, како собраниската говорница, па дури и соопштенијата на институциите, каде јавното информирање или аргументираната дебата се заменуваат со напади или оцрнување на другите политичари, јавни личности, па дури и на новинари.

– Репертоарот на техники за ова, за жал, е богат и мошне разработен, а најчесто тоа се лични (ад-хоминем) навреди, негативно етикетирање и стереотипизација, потценување, омаловажување, исмејување, оцрнување, ширење на непроверени информации и шпекулации, поттикнување на нетрпеливот и нетолеранција, манипулирање со лични податоци и приватност, сѐ до прилагодени локални теории на заговор и прогласување, без докази, на поединци и групи за предавници, криминалци и слично – објаснува Џигал.

Според политикологот Петар Арсовски партиите се главен извор на негатвните наративи кои се појавуваат во мејнстрим медиумите, но на социјалните медиуми има многу прокси канали за кои не се знае од каде се, а кои пропагираат слични наративи, па дури дури и полоши.

– Тешко е веднаш да се измерат последиците од штетните наративи. Но, со текот на времето, капка по капка, тие го прават јавниот простор многу потоксичен. Докажан ефект од ова е симплификација, правење на политиката црно-бело, избегнување на длабински анализи, претворање на политиката во саундбајт – вели Арсовски.

Петар Арсовски за Утрински брифинг
Петар Арсовски / Утрински брифинг

Тој посочува дека доминира нападот на противникот наместо понудата на решенија, а тоа најчесто води до гласачка апатија.

– Сигурно води до цинизам кон политиката воопшто. Сигурно води до појава на антиестаблишпмент партии чиј главен наратив е „сè да изгори“, како Левица, на пример. И води кон апстиненција и апатија, повеќе кон дефетизам. Значи, им прават на луѓето да им се повраќа од политика, да немаат доверба во институциите и во политичкиот дискурс, да се селат од државата – вели Арсовски.

Социологот Илија Ацевски оценува дека последиците од штетните наративи се стравични, затоа што се губи елементарната човечка димензија и вербата во вредностите на животот.

– Според анкетите, 50 до 60 отсто од луѓето имаат психолошки проблеми, сиромаштијата е 20 до 30 отсто, третина од граѓаните се на преживување. Заостануваме зад многу земји од кои бевме понапред, сега сме една од најсиромашните во Европа. Владее страв од неизвесност, а тоа се одразува кај помладите, па се иселуваат. Јас ако не мислам да живеам тука, кој е мојот интерес да ја подобрувам околината, да создавам некоја атмосфера и слично? Е тоа е страшна последица и не знам дали може да се надомести – вели професорот Ацевски.

проф. д-р Илија Ацески – социолог /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Тој оценува дека граѓаните тешко може да се заштитат од штетните наративи од политичките партии, затоа што голем дел од медиумите се партизирани!

– Преполни се телевизиите со нив, а после тоа се чувствувате набиено, оштетено. Турските серии малку ги опуштаат граѓаните, а дебатите ги дотепуваат начисто, па ако пуштите вести и во 22 часот сте тотално поразен. Друг извор на информации нема, а социјалните мрежи се преполни со омраза – вели Ацевски.

„Рафална стелба“ од партиите

Според психологот Елеонора Серафимовска, една од посериозните последици од штетните политички наративи е поткопувањето на довербата во јавните институции, што потоа предизвикива намален граѓански активизам бидејќи поединците се чувствуваат немоќни и апатични, па е помалку веројатно дека ќе учествуваат во политички активности како што се гласање, волонтирање или ангажирање во иницијативи на заедницата.

– Ерозијата на довербата во јавните институции може да ја поткопа вербата во демократските процеси и принципи. Поединците може да се разочараат од самата идеја за демократијата, што ќе доведе до чувство на немоќ и исклучување од политичкиот процес. Сето ова не значи дека политичките субјекти и медиумите не треба да изнесуваат информации кои ќе ја поткопуваат довербата во институциите. Тоа задолжително треба да го прават! Но, неоснованото, пренагласено, генерализирано и постојано ширење на штетни наративи со кои се подрива довербата во јавните интитуции ќе има за последица крајно разочарани, беспомошни, безнадежни, апатични граѓани – вели професор Серафимовска.

На крај, но никако најмалку важно, додава таа, е тоа што штетените политички наративи често пренесувани од страна на медиумите ја поткопуваат довербата на јавноста и во медиумите.

Според неодамна објавениот извештај на Институтот за комуникациски студии за октомври 2023 година политичките актери имале 136 објави со штетни наративи, од кои 87 на сајтовите на партиите, а 49 на фејсбук-профилите на партиите и на владините членови. На интернет-страницата ВМРО-ДПМНЕ имала 55 објави, СДСМ 18, Левица 13 и Алијанса на Албанците една. На фејсбук, пак, најмногу вакви објави имале Левица и профилот на претседателот Димитар Апасиев – вкупно 19, потоа ВМРО-ДПМНЕ и профилот на Христијан Мицкоски – вкупно 12, СДСМ имале 5 објави, Демократско движење и профилот на Изет Меџити 5 и Алтернатива 4 објави.

„Владините министри, за разлика од нивните партии поретко посегнуваат по штетните наративи во фејсбук-комуникацијата, но има случаи кога го искористиле пристапот до официјалните канали на институциите со кои раководат за промоција на партиски цели. Такви штетни наративи се забележани на официјалниот фејсбук-профил на вицепремиерот Артан Груби, министерот за правда Кренар Лога, министерката за труд Јованка Тренчевска, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и др.“, се вели во анализата на ИКС.

Табела за бројност на штетни наративи во партиите / извор : Извештај за штетни наративи на ИКС

Партиите најмногу штетни наративи користат во соопштенијата (вкупно 73), на пресовите (16), во говорите (15) и тоа најмногу во областа на внатрешната политика (80) и економијата (17).

„Партиите најчесто се обвинувале за евроинтеграциите, уставните измени, Законот за амнестија, измените на Кривичниот законик, претстојните избори и меѓупартиските односи. Други теми се корупцијата, криминалот, особено наводите за криминал во бизнисот со игри на среќа, скандалот со Клиниката за онкологија, ценовната политика, порастот на ДДВ“, посочува анализата.

Од стрес, преку гнев до лош живот

Професор Серафимовска во детаљи објаснува како се може да влијаат зачестените штетните наративи врз поединците и кои психолошки ефеклти ги предизвикуваат:

Професор Елеонора Серафимовска

Анксиозност и стрес: Постојаната изложеност на политички наративи кои предизвикуваат поделби и страв може да ги зголеми чувствата на анксиозност и стрес. Ова може да биде особено изразено за време на политички немири, кризи или неизвесност.

Поларизација и трибализам: Штетните политички наративи кои често ги нагласуваат менталитетите „ние наспроти нив“, „нашето наспроти вашето“ доведува до зголемена поларизација и трибализам во општеството. Поединците може да станат повеќе „вкоренети“ во сопствените верувања и помалку подготвени да се вклучат во конструктивен дијалог со оние кои имаат различни гледишта.

Депресија и безнадежност: Негативните и песимистичките политички наративи можат да придонесат за чувството на депресија и безнадежност, особено ако поединците ја доживуваат ситуацијата како страшна или без решенија или излез. Ова може да доведе до чувство на беспомошност и повлекување или дури и исклучување од социјалниот живот.

Гнев и непријателство: Изложеноста на „запаллива“ политичка реторика може да ги поттикне чувствата на гнев и непријателство кон перцепираните противници или маргинализирани групи. Ова може да придонесе за социјални немири, па дури и насилство во екстремни случаи.

Цинизам и недоверба: Постојаното изложување на нечесни или манипулативни политички наративи може да ја намали довербата во институциите, лидерите и сограѓаните. Ова може да доведе до зголемен цинизам за политичкиот процес и чувство на исклучување од општеството.

Потврда за пристрасност: Поединците може да бараат медиумски извори кои се усогласуваат со нивните претходно постоечки верувања, зајакнувајќи го нивниот светоглед и доведувајќи до потврда за пристрасност. Ова може дополнително да ги зацврсти поделбите во општеството и да го попречи критичкото размислување.

Психолошка исцрпеност: Постојаниот наплив на негативни политички вести и дискурс може да доведе до психолошка исцрпеност, позната како „замор од сочувство“ или „замор од бес“. Ова може да го намали капацитетот на поединците за емпатија и нивната мотивација да останат информирани и ангажирани/активни.

Намалена благосостојба и квалитет на живот: Генерално, изложеноста на штетни политички наративи може да придонесе за намалена психолошка благосостојба и квалитет на живот за поединците и заедниците, што влијае на различни аспекти од нивниот живот, вклучувајќи ги односите, работата и здравјето.

 

Со овој текст „Слободен печат“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот