Шлаканица и за образованието и за воспитанието

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Дали во нашава држава се прави психолошки профил на луѓето кои работат во образование и кои воспитуваат деца? Или важно е само да се политички подобни? Сите сме луѓе, сите имаме некакви проблеми. Разговара ли некој со наставниците, кој им помага?

Јавноста деновиве беше згрозена од видеото на кое се гледа како наставник крвнички му удира шлаканици на седмоодделенец, а притоа и насилно го крева и спушта со рацете. Инцидентот се случил во основно училиште во Бутел, а наставникот насилник предавал англиски јазик и бил вработен 13 години. Претходно јавноста беше згрозена од нервниот испад на една наставничка, исто така во основно училиште, која им викаше на децата бидејќи за време на одморите шетале низ ходниците. Учејќи ги дека не смеат тоа да го прават поради ковид мерките и протоколите, наставничката децата ги нарекуваше стоки. Интересно е како овие наставници си дозволуваат да излезат од кожа до таа мера, иако се свесни дека сите деца во денешно време носат на училиште мобилни телефони, сите деца снимаат видеа што потоа веднаш ги објавуваат на социјалните мрежи. Зарем наставниците мислат дека можат да се изживуваат врз децата без никој да дознае за тоа?

Што овие наставници ќе кажат во своја одбрана? Дека не било така? Нивниот збор против зборот на децата? Умреа тие времиња. Во време на технологија и социјални мрежи, ниту една работа не може да остане скриена. Сега веќе сè е јавно. И секој треба да го има предвид тоа.

Ги читам реакциите на јавноста за оваа вест на социјалните мрежи и она што особено ме остави без зборови се коментарите на дел од нив од типот: а што да прави наставникот, знаете ли вие колку невоспитани деца има, па наставниците не можат веќе да издржат?! Па зарем тоа е оправдување за некој наставник да крене рака врз дете? Зборуваме за дете, малолетник. Разбирам дека наставниците се под стрес, особено во услови на пандемија, дека попуштаат со нервите секојдневно, но тие во никој случај не смеат да си дозволат да удрат дете. Невоспитани деца секогаш имало. Секогаш постоеле поединци што го прекршувале редот и мирот во некое одделение, но не секој наставник си дозволил да удира шлаканици или да треска деца од земја. Во наше време наставникот бил авторитет, бил почитуван. Наставник ќе те укорел, па некои си дозволувале и да те потегнат за коса, да те стават на магарешка клупа или во ќош, да те посрамат пред соучениците, но вакво насилство не се случувало. За што постојат педагошките и психолошките служби во училиштата? Дали овие служби воопшто работат со децата? Дали им помагаат? Дали се запрашале зошто некое дете е толку немирно, дали можеби тоа дете има некаков проблем поради кој се однесува така? Зошто затајуваат стручните служби? И не само во односот со децата. Очигледно е дека овие служби затајуваат и во односот со наставниците.

Дали во нашава држава се прави психолошки профил на луѓето кои работат во образование и кои воспитуваат деца? Или важно е само да се политички подобни? Психолошки тестови треба да се прават барем еднаш годишно. Сите сме луѓе, сите имаме некакви проблеми. Но, зошто со наставниците никој не разговара и не им помага?

Проблемот е подлабок и треба да се бара во системот, кој очигледно не функционира, не само во овој дел, туку речиси на сите нивоа од општеството. А за да почне општеството да функционира, за тоа треба да се погрижат оние што владеат. Ние имаме систем на вредности и правила нацртан на хартија, но во практика тој не се спроведува. Наставници како оној од Бутел верувам дека се реткост, но не смееме да дозволиме да се појавуваат повторно. За да градиме здрави генерации, треба сите заеднички да делуваме, вклучувајќи ги и родителите кои, секако, имаат голем удел – и во образованието и, особено, во воспитанието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот