Шекеринска – Амендола: ЕУ има одговорност да ги обнови европските перспективи на земјите од регионот кои тоа го заслужија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Рим имаше средба со високиот претставник на италијанската Влада, потсекретарот за европски политики Винченцо Амендола.

Двајцата соговорници се согласија дека дека преговорите на Северна Македонија и Албанија за членство во Европската Унија треба да започнат што поскоро, за да се зачува кредибилитетот на процесот на проширувањето и да се обесхрабрат идеите за промена на границите на Балканот, што би значело дестабилизација на овој дел од Европа.

– Ветото на Бугарија го нарушува креидбилитетот на процесот на проширувањето на Европската Унија. Избледувањето на европската перспектива за земјите од регионот ги охрабрува идеите за прекројување на границите и го вклучува алармот. Ние ги делиме европските вредности и регионот не смее да се турне назад во национализми. ЕУ има одговорност да ги донесе вистинските одлуки и да ја обнови европската перспектива за земјите од регионот кои тоа го заслужуваат – тоа е најдобрата гаранција за стабилност и напредок на регионот како дел од Европа, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата со потсекретарот за европски политики во италијанската Влада, Винченцо Амендола.

Тој ја потврди позицијата на Италија како силен поддржувач на целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и оценката дека недоделувањето на датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена.

– Италија ќе продолжи активно да лобира за што побрзо отворање на пристапните преговори и одржување на првата меѓувладина конференција во најкус можен рок, рече Амендола.

– Италија е со вас, потенцираше Амендола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот