Шеесетина цртежи со мотиви од нашите села ќе бидат изложени во КИЦ – Скопје

Цртеж од Панде Петровски

Со наслов „Срце куќа најширока (мотиви од нашите села)“ изложбата на цртежи од Панде Петровски ќе биде отворена на 13 јули, во 20 часот, во салоните „Империјал 1 и 2“ во Културно-информативен центар – Скопје.

Сликарот Панде Петровски е роден на 25.9.1939 година во Брусник, Битола. Во 1963 година завршил Педагошка академија. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметници на Битола ), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработувал со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам.

Од основањето во 2005 година учествувал и како координатор ја раководи ликовната колонија „Де Ниро“ – Битола, а учествувал и на уште дваесетина други меѓународни ликовни колонии во Македонија (Велес, Нижополе, Кавадарци, Дојран, Гевгелија, Струга, Дрен, Белчишта), а исто така и во Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија.

Со создадените неколку илјади ликовни дела, започнувајќи од 1959 година, кога ја отвора првата самостојна изложба во Клубот на резервните офицери во Битола, досега има реализирано над 30 индивидуални изложби во Македонија (Битола, Кавадарци, Охрид, Скопје), како и во Србија, Шведска и Австралија. Со свои дела учествувал и на над стотина колективни изложби во Македонија, Бугарија и Турција.

На изложбата „Срце куќа најширока (мотиви од нашите села)“ ќе бидат изложени над 60 цртежи со мотиви од нашите села, а истата ќе може да се посети до 25 јули, известија од ЈУ Културно-информативен центар – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот