Серија нови дојави за бомби во училиштата во Бугарија: Ќе ве клекнеме на колена, смрт на државата и на целото општество

Текстовите на заканувачките пораки испратени во бугарските училишта/Фото: БТВ/Фејсбук

Над 100 училишта од Бугарија и утрово се евакуирани откако во 9 часот по локално време пристигнаа дојави за поставени експлозивни направи, по вчерашниот бран лажни дојави кога над 50 училишта ја прекинаа наставата, а учениците итно беа евакуирани.

„Целата човечка раса ќе биде уништена. Ќе ве клекнеме на колена, во сите училишта во Софија има импровизирани експлозивни направи и и наскоро ќе ве разнесат сите. Смрт на државата и на целото општество“, е заканувачкиот текст испратен преку gmail, со потпис „телеграма: @flum23“, кој пристигна утринава во училишта во Софија, но и во Сливен.

Вчера идентична заканувачка порака беше испратена во повеќе основни и средни училишта во Софија, но и во Бургас и Варна.

Бугарските експерти за сајбер безбедност, за тамошните телевизии истакнаа дека заканата најверојатно е на глобално ниво и не доаѓа од Бугарија.

„Е-поштата беше срочена преку Google Translate и испрратена до повеќе примачи, не само во Бугарија, туку и на голем број други адреси на училишта, кои најверојатно беа преземени од пробиени бази на податоци во текот на годините во Македонија, Грција, а веројатно и во други европски земји. Анализирајќи ја ситуацијата, се чини дека сум повеќе склон да верувам дека заканата не е реална, туку експертите за национална безбедност и заканите со бомби треба да се произнесат“, изјави експертот за сајбер безбедност Љубомир Тулев.

Според Асен Александров, директор на ОУ „Елисавета Багријана“ во вчерашните заканувачки мејлови меѓудругото пишувало:„Човечкиот род мора да се уништи, во сите училишта е ставен ТНТ, наскоро ќе експлодираат, а испраќачот е Егор Сињански.

Во мејловите по ова име стои дека тој е претставник на организацијата „Слободна мизантропска легија на унибомбери“, чија цел е „да го уништи човештвото“ и да ги разнесе училиштата и факултетите.

Името на организацијата „Free Misanthropic Unabombers Legion“ е позајмено од приказната за американскиот терорист, инаку генијален математичар Теодор Качински, кој е осуден на доживотен затвор откако убил тројца и ранил 23 цивили. Тед Качински е познат по прекарот „Unabomber“, акроним за универзитетски и авио-бомбардер и потрагата по него траеше речиси две децении, а тој во периодот од 1978 до 1995 година испратил стотина писма бомби, од кои загинале 3 лица, а 23 се повредени. Неговото име се актуелизираше последниот период и преку тв сериите на Нетфликс во кои се прикажува како ФБИ му влегува во трага на овој терорист.

„Сигналите се апсолутно идентични, се множат и се испраќаат до што е можно повеќе примачи. Изворите и пристапите на нападот се исти. Партнерските служби во Европа и САД се предупредени и работат на утврдување на изворот. Заканите доаѓаат од е-пошта регистрирана во мрежата на Гугл. Само американските служби можат да го одредат изворот, бидејќи Гугл е нивна одговорност. Во моментов со истото се соочуваат голем број европски земји. Водечката верзија е дека станува збор за хибридни напади поврзани со Русија“, рече в.д. министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев.

Тој додаде дека ова што се случува во Бугарија, во моментов им се случува на многу европски земји.

„Изворите на нападот се исти, а дејствата на оригиналниот извор откриваат употреба на истата шема. Ги алармиравме партнерските служби во Соединетите Американски Држави и Велика Британија, каде беше констатирано дека се регистрирани мејловите и телефоните од кои дошле заканите“, рече Демерџиев.

„Според мене, ваквите напади во контекст на војната и влошената меѓународна ситуација ќе станат секојдневие и ќе бидат насочени кон различни институции. Очекувам и во болниците каде што има болнички пациенти“, рече бугарскиот експерт за безбедност Јавор Колев кој коментираше дека мејловите ипратени до училиштата се напишани на бугарски јазик со помош на „Гугл транслејт“ и дека испраќачот најверојатно е група од Руската Федерација која ги поддржува воените дејствија во Украина. Една од целите на ваквите групи е да се прослави со користење на ваков агресивен текст, додаде Колев за БТВ.

Бугарија и претходно, речиси истовремено кога и Македонија беше постојана мета на хибридни напади, но главно беше таргетиран софискиот аеродром, судовите и други институции, но не и училиштата.

„Последната инструкција од сличен карактер што ја добија училиштата беше од почетокот на 2000 година. Оттогаш, до сега, нема одредба или закон со кој точно и јасно би се регулирало што треба да се прави во ваква ситуација“, коментирааше директорот на училиштето „Акад. Михаил Арнаудов“ Дијан Стаматов, но одговорните во училиштата сепак постапија по постоечките протоколи и ги евакуираат учениците надвор од училишните згради и ги повикаа родителите да ги земат помалите деца по што беа испратени антитерористички екипи. Сите вчерашни дојави по проверките беа оценети како лажни.

„Имаме фејс контрола на влезот, имаме обезбедување, можете да влезете само со чип. Незамисливо е аутсајдери да влезат незабележано“, додаде директорот Александров од ОУ „Елисавета Багријана“ од реонот Красно село во Софија за безбедносните мерки кои веќе се применуваат во ова училиште каде немало голема паника и учениците се вратиле на настава.

Во пресрет на парламентарните избори на 2. април отворено е прашањето што ќе се случи доколку пристигне дојава за бомба на избирачко место, дали ќе се прекине гласачкиот процес, па техничкиот министер за внатрешни беше дециден дека изборниот процес ќе биде прекинат само доколку постои реална закана од таква закана.

„Доколку се прими таков сигнал во дел, мора да се известат органите на прогонот. Мора да процениме дали има или не“, изјави Иван Демерџиев.

 

Директор на училиште во Софија помош побарал од ChatGPT

Директорот Асен Александров кој е поранешен заменик министер за образование за бугарската НОВА вчера изјави дека реално и не знаел како да реагираат по добиената дојава, па побарал помош од вештачката интелегенција.

„Кога го добив мејлот, се јавив на 112 каде ми рекоа да се јавиме во полиција. Ги прашуваме надлежните што да правиме бидејќи немаме инструкции. А одговор не добиваме“. Ја прашав вештачката интелигенција што да прави во случај на дојава за бомба и ми кажа 2-3 работи. Првата беше да се остане смирен, а втората да се праша и да чека детални инструкции од полицијата и локалните власти, рече Александров за своето искуство со сервисoт ChatGPT но и со бугарските полициски служби.

Тој додава дека ниту полицијата не ги извршила потребните проверки во училиштето каде Александров директорува „Елисавета Багријана“ во Софија.

Наместо да ни дадат инструкции, дојде полиција и дадовме докази за тоа што сме направиле. Дури и увидот во училиштето за сомнителни пакети, во кои евентуално може да има бомба, го направиja наставниците, а не полицијата, рече Александров и додаде дека по извршениот увид решил да го продолжи процесот на учење за попладневната смена.

Нема правила ниту за евакуација на децата, објасни директорот на училиштето. Нема упатство каде треба да се кријат учениците, заклучува овој директор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот