Семејството на Белчовска бара соодветна казна за возачот: Усмрти девојче, доби 15 месеци затвор?

ФОТО: Архива/ Верица Белчоска

Нашата Верица ништо нема да ја врати, но 15 месеци затвор за одземен млад живот се навистина премалку – вели мајката на Верица.

Преку нашиот адвокат ќе ја обжалиме малата казна со која струмичкиот суд му пресуди само 15 месеци затвор на 18-годишниот струмичанец И.Ч., возачот што на 7 април годинава на пешачки премин ја усмрти нашата Верица, вели за „Слободен печат“ Душка Белчовска, мајка на Верица.

Пресудата ја одмери судијката Цона Каламерникова. Младата Верица Белчовска кобниот ден преминувала на обележан пешачки премин на булеварот „Ленинова“ во Струмица. Токму тогаш автомобил „нисан“ што го возел И.Ч. удрил во неа и по несреќата избегал од местото на несреќата, а подоцна, истиот ден, самиот се пријавил во полициска станица.

Белчовска почина од тешките повреди во болница. По загинувањето, семејството ги донираше нејзините органи, кои спасија три животи.

– Нашата Верица ништо нема да ја врати, но 15 месеци затвор за одземен млад живот се навистина премалку – вели мајката на Верица.

„Прегази човек и не му ја мисли“ или „Не пукајте во душманите, прегазете ги“ – вакви и слични пораки од револтирани граѓаните беа објавени на социјалните мрежи по повод пресудата што му е изречена на возачот на автомобилот, кој ја усмрти македонската хероина Верица Белчовска.

– Ако има и смртни последици, возачот се обвинува и по член 300, каде што во став 4 е предвидена казна затвор од една до пет години доколку настапи смрт на едно или на повеќе лица. Но, пред сè, предвид се земаат и олеснителните околности за возачот, како, на пример, дали претходно бил осудуван, дали укажал прва помош, дали се кае за делото и така натаму. Мора да се земе предвид дека и на возачот не му е баш сеедно кога ќе усмрти друг учесник во сообраќајот, вината ќе го следи цел живот – вели адвокатката Ана Поповска.

Како последица на непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, во изминатата 2020 година во Република Северна Македонија 125 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди, а 5.774 лица се повредени.

Статистиката потврдува дека најголем број од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во летниот период. Годишно, во сообраќајни несреќи загинуваат повеќе од 140  лица.

Горан Наумовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот