Сеќавање на Жени Лебл

Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, аналитичар/ Фото: Дојче Веле

Една шокантна сторија за животот на една Еврејка и за единствен настан, веројатно во светот, кога се промовира непрочитана книга во преполна сала. Ете тоа ми се случи мене ни крив ни должен.

Секогаш кога се одбележува холокаустот на Евреите или кога ќе прочитам нешто за големата трагедија на еврејскиот народ, не само во Втората светска војна туку низ целата историја, прво на ум што ми доаѓа е една шокантна сторија за една Еврејка. Малку е да кажам новинарка, историчарка, автор на 22 книги, сите напишани за страдањата на својот народ. Некои проучувачи на нејзиното творештво велат дека таа е всушност цел еден институт. Можам да кажам со гордост, моја пријателка по еден веројатно единствен настан во светот кога се промовира непрочитана книга во преполна сала, без примероци од книгата и без присуство на авторот. Ете тоа ми се случи мене ни крив ни должен. Така сакаше судбината.
Еве ја таа сторија врежана во моите сеќавања, иако поминаа повеќе од 30 години од овој неверојатен настан, кој може да го режира само животот. Доцна есен, мислам дека е 1990 година, приказната почнува како на филм. Голема раздвиженост во редакцијата тие историски денови пред распадот на Југославија. Заѕвони телефонот во дескот на „Нова Македонија“. Тоа е онаа голема просторија каде што се подготвува утрешниот број. Ве бараат од Белград, ми кажува колегата. Помислив дека е некој од новинарите од нашето дописништво. Тие денови настаните во Југославија навистина беа драматични. Беше тоа период на исчекување, дали ќе дојде до распад на државата или ќе се спаси и, според некои тогашни прогнози, многу бргу ќе стане членка на ЕУ. Наместо очекуваното членство во ЕУ по брза пруга, се случи крвав распад со војни, илјадници мртви и тешки разорувања.

Шокантна исповед пред Данило Киш

Не, тоа не беа дописниците, туку, како што се претстави соговорникот на чист српски јазик: јас сум, рече, Жени Лебл, дали зборувам со новинарот Ерол Ризаов. Да, реков воздржано, тоа име Жени Лебл во тој момент ништо не ми значеше, иако некако ми беше од некаде познато. Знаете, јас сум новинарка, напишав книга за погромот на Евреите од Македонија и по некои препораки од колегите во Белград, сакам вие да ја промовирате во Скопје мојата книга. Ви благодарам на честа, но јас не промовирам книги, реков, немам такво искуство, можам да ви препорачам многу посоодветни познати личности и писатели, кои таа работа ќе ја завршат многу подобро и попрофесионално.

Ме изненади категоричноста на женскиот глас, иако љубезноста беше запазена. Ви се молам, тоа е многу важно за Македонија, не само за Евреите во светот. Не знам дали ја гледавте документарната емисија „Гол живот“ на белградската телевизија емитувана и во Македонија. Во тој миг ми се преврти врз глава дескот на „Нова Македонија“. Настана молк. Низ главата ми прелета таа шокантна исповед на една жена Еврејка во интервју со познатиот писател Данило Киш, која ја потресе цела Југославија. Прво помислив дека станува збор за некоја несолена шега, понекогаш знаевме да претераме со тие наши новинарски патки во трката за ексклузивност, па некои колеги насамарени од таквите ексклузивни дојавувања трчаа до пошта први да објават за новиот изум видеофон. Но, ова беше сосема нешто друго.

Стануваше збор за една потресна животна драма на личноста со која разговарам по телефон и која инсистира да ја промовирам нејзината книга. Почнав внимателно да подраспрашувам. Жени тоа го почувствува и за неколку минути стана јасно дека се работи за автентичната личност од документарниот филм и за авторот на книгата „Плима и слом“ со документирана содржина за трагичната судбина на Евреите од „Вардарска Македонија“. Не помогна моето инсистирање дека, сепак, таа книга треба да ја промовира или некој историчар, или познат писател. Се обидов прво да се извлечам со мојата некомпетентност. Ме прекина со зборовите: колку што сум информирана, вие сте по образование историчар и по професија новинар, мој колега, тоа е доволна квалификуваност да кажете неколку зборови за што ќе се договориме заедно. Конечно немав каде, почна да станува непријатно моето наговарање дека некој друг треба да ја промовира книгата.

Виц тежок две и пол години затвор

Го одредивме и датумот на промоцијата во салата на НИП „Нова Македонија“ на четвртиот кат, чинам точно на пладне во 12 часот. Од тој ден почна мојата потрага на податоци за Жени Лебл. Тогаш го немаше Гугл, но од нејзиното интервју со мојот обожаван писател Данило Киш, за кој се очекуваше да ја добие Нобеловата награда, веќе знаев многу работи, но тие работи ги знаеше и речиси целата јавност. Жени Лебл, Еврејка од Србија, родена во Алексинац во познато еврејско семејство, зборува повеќе јазици. За време на војната била во концентрациони логори со сменето српско име и презиме. Но, и покрај тоа, иако не знаеле дека е Еврејка, е осудена на смрт. Но, во последен час се спасила кога руската армија го ослободува логорот.

По ослободувањето на Југославија, почнува да работи во белградска „Политика“. Во моментот кога станува извесно дека ѝ претстои блескава кариера како новинар, зборува течно англиски, германски и француски јазик, еден виц, една неумесна шега, наместо во странство ќе ја одведе на издржување затворска казна во повеќе логори за да заврши на крајот на Голи Оток.

Вицот тежок две и пол години одлежани затвор уште тогаш беше банален и прилично бениген. Колегата кој заминува за Париз ѝ го кажал: Југославија добила прва награда во светот за одгледување цвеќиња. Една бела љубичица станала сто килограми. Жени го кажала овој виц пред колегите во „Политика“, ама ете некој се потрудил во тие волнени времиња на Информбирото и судирот со Сталин да го пренесе на надлежно место. Алузијата била на песната „Друже Тито љубичице бела, тебе воли омладина цела“.
Страдањата по логорите Свети Гргур и на Голи Оток, кои долги години беа табу, јавно искажани од една жена, предизвикаа во Југославија силен одек. Подоцна по наговарање на Данило Киш, Жени Лебл ќе напише роман „Љубичице бела“, кој во Израел, каде што Жени набргу по излегување од затвор ќе се пресели, ќе стане бестселер.

Никогаш да не се повтори, ама се повторува

Но, сето ова немаше врска со промоцијата на книгата за судбината на македонските Евреи. Се договоривме барем два дена пред промоцијата да ја добијам книгата, а претпладне кога Жени Лебл ќе стаса во Скопје, да ги уточниме сите подготовки, се разбира поради големиот интерес таа да зборува подолго, не само за книгата и за нејзините истражувања и мотиви да ја напише, туку и за нејзиниот живот и страдања. Но, како биваат работите кога едно мисли камиларот, а друго камилата. Книгата на Жени Лебл не стаса воопшто во Скопје. Некаде исчезна. Не верувам во теории на заговор, но ете, не стигна во „Нова Македонија“ како што беше договорено. Остана утрината кога Жени ќе стаса во Скопје до пладне, како што рече таа, има доволно време, да се заврши работата како што треба.

На денот на промоцијата Скопје осамна во густа магла. Жени чекаше лет на белградскиот аеродром, јас кршев прсти и шетав во канцеларијата како ѕвер во кафез. Не беше можно ни да се откаже промоцијата. За сѐ беше доцна.

По двочасовен телефонски разговор со Жени Лебл, во 12 часот и 15 минути се качив во салата на четвртиот кат. Беше преполна, многумина стоеја простум. Дојдоа луѓето да ја видат и да ја чујат Жени Лебл. Како сега да им го приредам ова разочарување?

Имав трема како да го полагам најтешкиот испит. Промоцијата ја почнав со зборовите: почитувани присутни, денес ќе промовираме непрочитана книга, без присуство на авторот и без примероци од книгата. Не знам дали некаде во светот се случила ваква работа. Ве молам, за разбирање.

Им ја раскажав целата сторија за оваа промоција. Им ги кажав пораките на Жени од долгиот телефонски разговор од белградскиот аеродром, го кажав и она што јас го стокмив од историјата на погромот на Евреите во Македонија, делови од интервјуто со Данило Киш и, што е најважно и за што сите очекуваа информација, дека најверојатно до утре со првиот лет Жени Лебл ќе стаса во Скопје и ќе се одржи уште една промоција во Еврејската верска заедница. Кога го слушнав аплаузот искрен и долг, мислам дека ќе полетав од среќа. Си реков, никогаш повеќе.

Утредента Жени стаса во Скопје. Не беше тоа жената страдалничка од логори, од шокантното интервју со Киш. Расположена, весела, едноставна – својствено на сите големи личности. Беше радосна што сѐ добро се завршило и ми вети дека за промоцијата во еврејската заедница ќе се ангажира друг промотор. Се дружевме неколку денови во Скопје како да се знаеме цел живот. Разговаравме за книгата „Плима и слом“ за македонските Евреи да се преведе на македонски. За жал, прво излезе во Лондон на англиски јазик, а дури во 2013 година, четири години по нејзината смрт, беше промовирано македонското издание. Не ми е познато дали нејзината архивска прецизна документација за судбината на македонските Евреи во денешната актуелна ситуација некој ја користи. Штета ако не е така.

Жени Лебл почина во 2009 година, на 82-годишна возраст во Тел Авив. Остави зад себе големо наследство, не само за страдањата на својот народ. Никогаш да не се повтори, но, ете, уште се повторува во разни форми на воени страдања и егзодуси.

Одвреме-навреме се слушавме и правевме шеги на сметка на промоцијата на непрочитаната книга, без автор и без примероци од книгата.

(Авторот е новинар)

Преземено од Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот