Секаде се бараат, малку се ценат – работата како касиер значи и магационер, редар…

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Продавачите и касиерите се меѓу најбараните професии поради растечкиот тренд на нови дуќани и шопинг центри. И без разлика дали се работи за бутици или за продавници за храна, за нив секогаш има работа, бидејќи работат најмалку шест дена во неделата за плата што едвај ги покрива месечните трошоци. Најтешко им е на работниците во дисконтите, каде што се работи за тројца – се прима и реди стока, се услужува и се наплаќа. Затоа и не е чудно што во оваа професија има најголеми флуктуации и постојани селидби од еден во друг маркет, бутик или месарница. 

– И покрај тоа што во земјава има многу невработени, малкумина сакаат да работат како продавачи. Постојано има отворени нови работни места, но заинтересираноста е мала, а особено ако станува збор за продавач во трговијата со храна. Платите таму најчесто се минимални, а се работи  и на празник и на делник – велат дуќанџии за „Слободен печат“.

Големите трговски синџири постојано имаат отворени огласи, а работа за продавачи, касиери, работници за сортирање или магационери, има и на речиси секој вебсајт за вработување. Во моментот на веб-страницата на Агенцијата за вработување има 5.745 слободни работни места, од нив 3.879 се во Скопје, а слободни места во трговијата има 1.036. Најбарани се продавачите за кои има 402 слободни места. Специфично се бараат 82 касиери и 116 магационери. И ако просечната нето-плата во земјава за јули беше 28.540 денари, таа во трговијата на мало е само 22.148 денари. Некои од трговските синџири, освен платените изработени часови, дополнително нудат и повисоки дневници за сабота, недела и празник, регрес за годишен одмор над вообичаениот, приватно здравствено осигурување за лојалните вработени…

Но, да се пронајде добар продавач не е едноставно, а експертите се сложни дека еден од најважните фактори е ниската плата.

– Многу трговци веруваат дека може да заштедат на своите продавачи, а тоа резултира со постојани проблеми со вработените. Згора на тоа, не е секој подготвен да го следи  распоредот на смените, што понекогаш значи 12-часовно работно време. Особен проблем е и превозот, бидејќи продавачите се категорија вработени кои преферираат да работат во близина на својот дом, бидејќи малата плата не им дозволува да користат такси доколку останат по завршувањето на ноќната смена – објаснуваат искусните трговци.

Дел од продавачите се жалат и дека граѓаните „го истураат целиот стрес врз нив“. Особено сега во пандемијата, тие беа на првата линија на фронтот, па иако носеа визири, ракавици и маски, мал дел од нив добија можност за организирана вакцинација.

– Не смее да се згреши, оти се работи со пари. Граѓаните се нервозни, реагираат на секоја ситница, ама и ние сме луѓе. Некои се истураат врз нас ако има поголема редица, ама за да застане на касата, колешката треба да прекине со редење на стоката, а тоа значи дека ќе треба да остане прекувремено за да си ја доврши работата – вели вработена во еден дисконт.

Според последниот Попис на капацитетите во трговијата на мало, кој Државниот завод за статистика го спровел во 2016 година, во земјава имало 18.749 продажни капацитети во трговијата на мало. Од тоа, 18.266 биле продавници (сите видови) и 483 бензински станици. Најголема концентрација на продажни капацитети имало во Скопскиот регион – 23,8 отсто.

Продавачите не штрајкуваат!

Ако се изземат информациите за штрајковите во поранешните трговски гиганти „Славија“, „Центро“, „Земпромет“ итн. кои беа организирани за да се покаже дека нивните стечаи или ликвидации биле поради криминално работење, нема податоци дека во земјава продавачите се собрале на протест за нивните работнички права, услови и ниски плати, велат извори од ССМ за „Слободен печат“.

– Актуелно, мало е членството на Синдикатот на работниците од трговијата и тоа брои околу 1.500 лица. Вработените во овој сектор, иако се во голем број, сепак се слабо организирани, иако некои од нив се членови во алтернативните синдикати. Штрајковите во деведесеттите години пред расцепкувањето на некогашните трговски куќи, беа поради стечаите – велат дел од синдикалците.

Кој не сака да чека на каса, купува онлајн

За 60 отсто е зголемена вредноста на трансакциите во онлајн трговијата во првите шест месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Податоците на Асоцијацијата за е-трговија покажуваат дека за 6 месеци, македонските граѓани потрошиле речиси 170 милиони евра, што се направени во повеќе трансакции отколку за целата 2019 година.

– Во првото полугодие лани, просечната трансакција на правните лица била поголема (30,7 евра) во однос на физичките лица (23,8 евра). Во 2021 година е речиси изедначена помеѓу правните и физичките лица – покажуваат податоците на Асоцијацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот