Седлоски за инцидентите на дуелот Шкендија – Шкупи: Мечот не личеше на ништо, но благодарност до Шакири

Фото: ФК Шкупи, фејсбук

Тренерот на Шкупи Гоце Седлоски е крајно разочаран од инцидентите што се случија вчера во Тетово на мечот со Шкендија, во кои членови на гостинскиот состав беа повредени од неодговорни лица. Седлоски сепак му е многу благодарен на Артим Шакири, тренерот на Шкендија кој сторил се да ги заштити гостите

Првенствениот меч во Тетово помеѓу Шкендија и Шкупи (0-0) беше одбележан со повеќе инциденти и прекини иницирани од трибините, што го уништија дербито помеѓу поранешниот и сегашниот шампион. Уште пред мечот, пред влезот на стадионот во Тетово, играчите и стручниот штаб на Шкупи беа нападнати.

Инцидентите продолжија во текот на мечот. Меѓу другото со камен беше удрен и гостинскиот играч Ардит Иљази. Со тврд предмет беше погоден и еден од помошниците на главниот судија. Од трибините имаше и расистички испад, упатен кон играчот на гостите од Нигерија Адетунџи…

Срамни сцени во Тетово: Расизам на натпреварот Шкендија – Шкупи

Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски е разочаран од инцидентите кои не сакаше многу да ги коментира, но ја истакнува помошта од тренерот на Шкендија Артим Шакири, кон него и кон фудбалерите на Шкупи.

– Не е мое да коментирам, има надлежни во Федерацијата кои треба да решаваат. Немаше игра, на секои пет минути имаше прекини. Жалосно е што не се заврши онака како што треба еден дерби натпревар. Но тоа не е наша вина, ние се однесувавме максимално професионално. Не личи да се случуваат вакви работи на вакво дерби – вели Седлоски, кој истакнува дека уште пред да влезат на стадионот имало инциденти.

– Уште кога дојдовме на влезот се случија некои работи. Како тренер примарно ми беше да си ја заштитам екипата и стручниот штаб. Пред да влеземе на теренот масерот беше погоден со факел. Ардит (Иљази н.з.) уште на почетокот на второ полувреме го погодија со камен и момчето заврши во болница – вели Седлоски, кој посочува од каде доаѓала опасноста.

-Тоа доаѓаше директно од трибините. Благодарност до мојот колега Артим Шакири кој ги смируваше, кој не штитеше. Со Шакири заедно игравме во репрезентацијата, заедно живеевме… Благодарност и до капитенот Хасани. Цело време беа до нас и ги смируваа. Но тоа не можеше да се смири. Изгледа беа подготвени да не повредат, но ние издржавме машки. Немам никаква замерка во однос на луѓето кои беа на клупата доле. Ние ја игравме нашата игра. Штета што не се остави да се игра нормален фудбал – вели Седлоски, кој не може да си објасни што предизвика ваква несакана реакција од трибините, кон неговиот тим.

– Не знам, веројатно тоа што сме шампиони. По 21 година Шкупи освојува шампионска титула. Можеби тоа малку ги погоди. Јас кога дојдов во Шкупи реков дека доаѓам за шампионска титула. Тоа и го направив, секако, заедно со играчите – вели Гоце.

Фудбалот како да беше во втор план на натпреварот Шкендија – Шкупи/Фото: Принтскрин/Youtube/Shkëndija Channel

Од Фудбалската федерација на Македонија најавија епилог на инцидентите на овој меч што ќе го обезбедат надлежните органи на нашата куќа на фудбалот. Инаку, Шкупи ја обезбеди титулата во домашното првенство на четири кола до крајот со победата над Ренова дома (2-0). До крајот на првенството има уште едно коло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот