Се злоупотребуваат поштенските оператори – онлајн измамите стануваат сè помасовни и поагресивни

Измамите добиваат епидемиски размери и очигледно сме оставени сами на себе да се браниме, велат граѓаните. Експертите советуваат дека на пораките кои ги добивате стои линк кој ве води до некаде каде што треба да оставите податоци од картички што никогаш не смеете да ги дадете

Не престануваат обидите за онлајн измами, туку напротив стануваат сè помасовни и поагресивни. Теркот е ист како и во претходните наврати – добивате порака дека ви стигнал пакет и ако кликнете на неа ќе ве олеснат за триесетина евра. Деновиве има голем број граѓани што се таргетирани во најновата „смишинг-кампања“ со лажни пораки добиени преку СМС. Во нив пишува дека поради „погрешна адреса артиклите ќе бидат вратени“ и тоа е придружено со линк. На ваквите пораки наседнале и некои, кои велат дека не направиле никаква нарачка и не очекуваат пратка. Од друга страна, граѓаните што навистина нарачале и чекаат пакет од странство, се во недоумица дали пораката што ја добиле е лажна. Дел од нив се јавуваат во поштенските оператори за да добијат потврда дека навистина им стигнала пратката.

– Добив порака од поштенскиот оператор кај кој ми е нарачката. Бидејќи бев во дилема дали е вистинска или лажна, се јавив во поштенскиот оператор и откако добив потврда дека е мојата нарачка, отидов да ја подигнам. Измамите добиваат епидемиски размери и очигледно сме оставени сами на себе да се браниме – вели една скопјанка. Експертите советуваат дека на пораките што ги добивате стои линк што ве води до некаде каде што треба да оставите податоци од картички што никогаш не смеете да ги дадете.

На веб-страницата на АД „Пошта на Македонија“ има десеттина известувања за злоупотреба на нивното заштитено име, а последната е од пред неколку денови и ви светнува веднаш кога ќе ја отворите страницата.

– Ве известуваме дека повторно се злоупотребува заштитеното име на АД „Пошта на Северна Македонија“. Деновиве граѓаните добиваат пораки со невистинита содржина, со кои се известуваат за пристигнати пратки и се повикуваат да ја потврдат својата адреса на понуден линк. АД „Пошта на Северна Македонија“ не стои зад овие известувања. Секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и подлежи на кривична и друга законска одговорност. За сите информации во врска со вашите пратки и работењето на Пошта, Ве молиме да го посетите нашиот официјален веб-сајт www.posta.com.mk. Ви благодариме што го пријавувате секој обид за измама и злоупотреба на Пошта – стои во нивното известување.

Од банките за „Слободен печат“ неодамна истакнаа дека личните податоци на граѓаните сѐ повеќе се шират, а причината за тоа масовниот онлајн шопинг. Оттаму потсетуваат дека изминатиот период објавуваат совети до граѓаните како да ги заштитат своите платежни картички од можна злоупотреба и да не кликаат на линк добиен преку СМС или имејл порака за наводна „погрешна адреса“ или „вратена пратка“.

– Проверете дали називот на трговецот и износот во СМС-пораката се совпаѓаат со називот содржан во адресата на страната каде се врши плаќањето (УРЛ), ако податоците се идентични, внеси го кодот во прозорецот што се отвора на интернет-страницата и го содржи истото име на трговец како она во СМС-пораката, кликни испрати и почекај потврда за (не)успешно реализирана трансакција. Доколку се сомневаш за можна злоупотреба на твојата картичка, веднаш треба да ја блокираш или да ги намалиш лимитите за нејзино користење преку м-банка, интернет-банка или со јавување на телефонскиот број (+ 389 2) 3247-474, кој е достапен 24/7 – стои во објавеното соопштени на Комерцијална банка Ад Скопје.

Од Македонската банкарска асоцијација (МБА), чии клиенти пријавувале „смишинг-пораки“, дополнително во апелите советуваа граѓаните да ги проверуваат состојбите на платежните сметки поврзани со нив и да си постават лимити за користење на картичките.
„Сите можни злоупотреби веднаш пријавете ги во вашата банка и во надлежните институции“, апелираа претходно од МБА.

И од Организацијата на потрошувачи редовно предупредуваат на онлајн измамите и советуваат да се купува од сертифицирани трговци. Според испитувањето на јавното мислење, објавено од Агенцијата за електронски комуникации во јули минатата годинава, во земјава 99,6 отсто од граѓаните користат интернет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот