
Се бараат унгарски кртови по бриселските канцеларии
Европската комисија соопшти дека „многу сериозно“ ги сфаќа тврдењата за постоење унгарска разузнавачка мрежа која со години ги шпионирала институциите на Европската Унија, најавувајќи формирање интерна група за проверка на ваквите обвинувања.
Препорачано
– Донесена е одлука да се формира интерна група за да ги испита овие обвинувања, но таа сè уште не е воспоставена. Работиме на тоа и нејзините параметри треба допрва да бидат дефинирани – изјави портпаролот на Европската комисија Балаж Ујвари, пренесуваат медиумите.
Тој истакна дека Комисијата сериозно ги сфаќа можните безбедносни импликации и е решена да го заштити својот персонал, информациите и системите од нелегално собирање разузнавачки податоци.
Неколку водечки европски медиуми: белгискиот Тајд, германскиот Шпигел и австрискиот Стандард објавија заедничка истражувачка сторија во која се тврди дека Унгарија со години ги шпионирала институциите на ЕУ преку тајна мрежа на агенти, координирана преку Постојаната мисија на Унгарија при ЕУ.
Во извештајот се наведува дека активностите се одвивале дури и во времето кога актуелниот еврокомесар Оливер Вархеји бил унгарски амбасадор во Брисел.
На новинарско прашање дали претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе побара објаснување од Вархеји, главната портпаролка Паула Пињо изјави дека таа „планира да го покрене прашањето пред комесарот што е можно поскоро“.
Случајот предизвика реакции во Европскиот парламент. Белгискиот европратеник Елио Ди Рупио побара формирање ад-хок истражен комитет кој би ги разгледал изнесените наводи, оценувајќи дека доколку се потврдат, тоа би бил „еден од најголемите скандали во историјата на ЕУ“.
Слична реакција имаше и европратеничката од редовите на Зелените, Сара Матије, која истакна дека случајот мора „да се истражи од корен“, особено во однос на улогата на Вархеји.
– Ако навистина бил активно вклучен во шпионажа, тој не може да остане на функцијата – изјави Матије, повикувајќи ја Фон дер Лајен да спроведе независна истрага и да обезбеди „строги последици“ доколку се потврдат обвинувањата.