Саздовски: Ни една мајка не треба да го закопа својот син
Ни една мајка не треба да го закопа својот син, казната е толкава колку што е предвидено во законот. Не можам да кажам дека не сум задоволен. Од ова видовме дека колку толку правдата може да биде задоволена. Се надевам дека друг повисок суд нема да ја преиначи казната, рече таткото на Никола Саздовски, Тони Саздовски, по денешната пресуда на лицата кои Кривичен ги осуди за насилната смрт на неговиот син.
На родителите би им порачал да го кажат и третиот осомничен кој е во бегство, сигурен сум дека знаат, да не останат нивните деца сами во затворот.
– За Никола повеќе нема враќање, сите што го знаеа, знаат дека не беше насилник сакаше да другарува со сите. Материјалната оштета доколку биде исплатена ќе биде донирана во хуманитарни цели. Другарите на Никола организираат турнир во мал фудбал, се надеваме дека ќе биде традиционален. Парите ќе одат во оваа насока и за останати хуманитарни акции. Треба да остане сеќавање за вакви работи повеќе да не се случуваат – рече Саздовски.
Кривичниот суд во Скопје им одреди по 19 години затвор на Бесим Беља и Скендер Демири кои на 29 јуни безмилосно го претепаа 20-годишниот Никола Саздовски на автобуската станица во Автокоманда.