Сараевчани со аплауз го дочекаа гласањето на резолуцијата за Сребреница

Жителите на Сараево се собраа за да ја проследат седницата на Генералното собрание на ОН, каде беше усвоена резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Здруженијата на жртви од војната заедно со амбасадори од различни земји се вклучија за да им честитаат на Обединетите нации за усвојувањето на оваа резолуција.

„Конечно, дојде време луѓето кои се жртви да ја добијат својата правда. Никој веќе не може да ги омаловажува или негира што се случи во Сребреница“, порачаа жители на Сараево.

Обединетите нации ја одобрија резолуцијата со која се воспоставува годишен ден за комеморација на геноцидот на повеќе од 8.000 босански муслимани од страна на босанските Срби во 1995 година, потег на кој жестоко се спротивставија Србите кои стравуваат дека сите нив ќе ги означи како „геноцидни“ поддржувачи на масовното убивање.

Гласањето на Генералното собрание со 193 члена беше 84-19, а 68 нации беа воздржани, што е одраз на загриженоста меѓу многу земји за влијанието на гласањето врз напорите за помирување во длабоко поделената Босна.

Резолуцијата го утврдува 11 јули како „Меѓународен ден на размислување и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година“, кој ќе се одбележува секоја година почнувајќи од годинава.

Резолуцијата, спонзорирана од Германија и Руанда, не ја споменува Србија како виновник, но тоа не ја спречи интензивната кампања за лобирање за гласање „против“ од претседателот на босанските Срби, Милорад Додик и претседателот на соседна Србија, Александар Вучиќ.

Убиствата во Сребреница беа крвава кулминација на војната во Босна од 1992 до 1995 година, која дојде по распадот на поранешна Југославија.

И Србија и босанските Срби негираа дека се случил геноцид во Сребреница, иако тоа е утврдено од страна на два суда во ОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот