Санстефанскиот мрачен сон секојпат е пат кон пораз!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Ако геополитичките околности го дозволуваа тоа и доколку источниот сосед ја имаше моќта и силата на Русија во меѓународниот свет, јас воопшто немам дилема дека Бугарите би постапиле исто како Русите и би спровеле „специјална воена операција“ во Македонија.

Уште кога ја напишав првата колумна, гневен и бесен против руската воена агресија врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, военото насилство и терор врз украинските градови и села, каде што најголеми страдалници ќе бидат и се украинските цивили, мажи, жени и деца, таквиот воен пир на кремљовскиот врховен командант го споредив со бугарската „политика“ кон Македонија како државно-правен ентитет, кон македонските граѓани и македонскиот народ.

Многумина сметаа дека претерувам и дека не може да се извади соодветна паралела на двете состојби и односите помеѓу Руската федерација и Украина и тие помеѓу Бугарија и Македонија. Да, ама не! Неколку месеци подоцна, експертот за управување со конфликти Едвард Џозеф, кој воедно предава на школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“, ја потврди оваа моја (точна) теза. Имено, негирањето на македонскиот културен, јазичен и национален македонски идентитет, тој го поистоветува со руското негирање на украинскиот и, во една метафоричка компарација, тој воената агресија на Русија во Украина ја споредува со таа (психолошка агресија) на Бугарија кај нас.

Верувајте дека, доколку геополитичките околности го дозволуваа тоа и доколку источниот сосед ја имаше моќта и силата на Русија во меѓународниот свет, јас воопшто немам дилема дека Бугарите би постапиле исто како Русите и би спровеле „специјална воена операција“ во Македонија. Колку и да звучи неверојатно, Струмица, Делчево или Крива Паланка ќе требаше да ја „одиграат улогата“ на Мариупол. Нејсе.

Ќе се разбудат ли од неотсонуваниот санстефански сон?!

Таа политика на Русија кон Украина и таа на Бугарија кон Македонија потекнува од националните историски комплекси и фрустрации што Русите ги имаат кон Украина како држава, Украинците како народ (нација) и нивното „непостоење“ во светогледот на руската научна, политичка и општествена мисла. Истото важи и за бугарската кон сè што означува Македонија и македонско. Во историскиот мит на Русија за Украинците оваа земја е вештачка творба создадена од Ленин во 1917 година, веднаш по Октомвриската револуција, тие се вештачка творба/нација што има исклучиво руски етничко-идентитетски и културолошко-јазични карактеристики и еве, по повеќе од сто години, руската политичка елита (предводена од неприкосновениот В.В. Путин) пробува да ја исправи „историската неправда“.

Што е тоа поразлично од бесмислените тврдења, обвинувања и историски негирања на безмалку целокупната бугарска политичка елита, почнувајќи од Каракачанов, завршувајќи со Захариева и Радев, дека Македонија е вештачка творба создадена од Коминтерната и од „диктаторот“ Тито во 1945 година и дека сè што денеска атрибутски означува македонско има бугарска карактерна основа и подлога?! Апсолутно ништо. Затоа и не верувам дека некогаш, некако и некаде ние ќе се најдеме на половина пат со Бугарите и ќе може да имаме вистински добрососедски односи врз база на искрено пријателство и доверба. Како што тоа беше и во минатото, особено сега е невозможно некогаш во иднина за навек да има добрососедски и пријателски односи меѓу Русите и Украинците.

Тие (Русија) не може да го одживеат императорско-царскиот сон во кој Русија територијално се простирала длабоко во копното на европскиот континент (заземајќи ја територијално половина Полска), на Скандинавскиот Полуостров (цела Финска), Подунавјето (Молдавија), а за балтичките земји (Естонија, Летонија и Литванија) и денешна Украина не станува збор: сите тие без исклучок си биле векови „природно“ во составот и во рамките на Руската Империја. Да го прашате денеска Путин, ладнокрвно ќе ви одговори дека сите тие се вештачки нации и држави и дека историска неправда е тие да бидат надвор од државно-правната територија на Руската Федерација. Би сакал да ја имаат улогата на Дагестан, Чеченија, Татарстан и други внатрешно руски републики во кои живеат посебни јазично-идентитетски народи и нации, но кои по „околностите“ на геополитиката не се стекнале со полна политичка и национална независност, туку останале да суштествуваат во рамките на етатистичкиот систем на најголемата светска држава.

Нашите, пак, драги источни соседи во нивниот неотсонуван санстефански сон сè уште „сонуваат“ за враќање на изгубените „исконски“ бугарски територии, кои според нивната историографија и нивниот (денешен) национален светоглед во вековите до Балканските војни (првата национална катастрофа на Бугарија) и до Првата светска војна (втората национална катастрофа на Бугарите), биле населени исклучиво со етнички Бугари. Станува збор за безмалку целата територија на денешна (Вардарска) Македонија, без северозападот, денес, посебна држава вцртана во рамките на светската мапа, огромен дел од денешна Егејска Македонија (без Солун и Халкидики), територија во рамките на соседна Грција, Поморавјето, нишко и пиротско, кои се дел од северниот сосед, дури и северна Добруџа, регион денеска во територијалните рамки на Романија. Сите овие наброени територии Бугарите ги сметаат за исконски свои и неправедно откинати преку војни и на зелена маса од нивните соседи со помош на великите сили.

Никако од поразите да извлечат поука!

И како вие со ваква политика може да зачекорите во модерниот дваесет и први век, да напредувате развојно, технолошки и економски, кога сте завладеани од психопатолошката опсесивно-компулсивна потреба да ги исправате „грешките“ од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век?! Неверојатно како, но бугарската политичка елита, без исклучок, овие три децении на демократизација на Бугарија, дури Бугарија како земја членка во ЕУ и во НАТО, не излезе од националистичкиот кожурец, не се помири со актуелната реалност и тие мрачни фантазмагории не ги закопа длабоко во својата потсвест. Бидејќи тие ја водеа само од војни во војни, со катастрофални воени и цивилни жртви, разрушување и децениски мизерии.

Денес оваа слична политика кон Македонија во ѓомити модерниот дваесет и први век кон Македонија ја носат кон перпетуирање на политичките кризи (постојани предвремени парламентарни избори) и наместо стабилизирање на политичката сцена, насочување на севкупната национална и институционална енергија кон решавање на напластените проблеми (борба против организираниот криминал и неверојатно ендемската корупција, подигнување на ужасно нискиот животен стандард, решавање на проблемот со масовното иселување и демографската  чума и ред други реални егзистенционални проблеми), тие опсесијата со „македонското прашање“ ја плаќаат скапо: им создава внатрешни турбуленции  и кризи од кои најмногу патат обичните бугарски граѓани, а не политичарите. Бидејќи тие се милионери што милионите ги стекнаа преку масовно крадење и корумпирање на целиот институционален систем на Бугарија. И пак и пак не им доаѓа памет. Ниту на политичарите, а богами ниту на народот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот