Самсоненко ги шокира фудбалерите и фановите  на Вардар: Го враќа ли фудбалскиот клуб на градот?

сергеј самсоненко
Сергеј Самсоненко, Фото: Архива

Русинот по трет пат откако го презеде клубот во 2014 година ги известува фудбалерите дека нема средства за да продолжи да го финансира Вардар.

Сергеј Самсоненко вчера ги шокира фудбалерите и стрчниот штаб на Вардар, кажувајќи им дека нема да продолжи да го финансира клубот и дека сите фудбалери се слободни да си побараат нов клуб. Оваа вест на фудбалерите кои се наоѓаат на подготовки во Анталија, Турција, им ја пренел спортскиот директор на „црвено-црните“, Гоце Седлоски.

Ова не е прв пат Русинот кој исто така е сопственик и на европскиот ракометен шампион, РК Вардар, да крене раце од клубови и да најави заминување. Иако неколку пати јавно излегуваше пред медиумите и најавуваше дека си заминува од Македонија, Сергеј Самсоненко, досега го згасна само женскиот ракометен клуб на Вардар (2018).

фото: фк вардар

Во текот на минатата сезона, Самсоненко им најави на ракометарите на Вардар дека тоа ќе им биде последна и клубот ќе згасне, но откако „црвено-црните“ по втор пат ја освоија европската титула и добија одредена помош од државата (500.000 евра од Владата, 100.000 евра од АМС) тој се премисли и остана главен финансиер на РК Вардар.

Интересно е што Самсоненко сите најави за прекин на финасирање на двата најпрепознатливи бренда во Македонија, фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар, беа пред парламентарни избори кои треба да се одржат во Македонија.

Последниот пат Самсоненко јавно објави дека прекинува со спонзорирање на фудбалскиот клуб пред две години кога Вардар беше елиминиран во квалификациите за пласман во Лигата на Европа и тогаш најави дека ќе му го врати клубот на град Скопје.

Градот тогаш се согласи да управува со фудбалскиот клуб, но под само еден услов, да ја добијат чиста сметката, да нема никакви долгови како што во 2014 година му беше предаден ФК Вардар на Самсоненко.

„Слободен печат“ денеска контактираше со градоначалникот Петре Шилегов кој потврди Самсоненко побарал средба со градскиот татко.
– Господинот Самсоненко побара прием кај мене. Претпоставувам што би била темата на разговор, но да видиме прво што има да каже  – ни изјави Шилегов.

Вардар и покрај проблемите големите финансиски проблеми кои ги имаше во првиот дел од сезоната, успеа да стане есенски шампион со осум бода предност пред актуелниот шампион Шкендија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот