САД не кажуваат дали ќе го отповикаат својот амбасадор во Москва: Ќе имаме поинаков пристап кон Русија

Фото: EPA-EFE/Chris Kleponis / POOL

Белата куќа одби да соопшти дали ќе го повика својот амбасадор во Москва, откако Русија го отповика својот амбасадор во Вашингтон.

Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов најави дека ќе отпатува за два дена. Во моментот нема коментар за можно повлекување на американскиот амбасадор во Русија. Администрацијата на САД најави дека ќе го промени својот пристап кон руската влада.

Потегот на Москва следеше по интервјуто на претседателот Џо Бајден за телевизијата „Еј-Би-Си“, во кое тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе плати за своите злосторства” и потврдно одговори на новинарското прашање дали смета дека рускиот претседател е „убиец”.

Бајден, исто така, соопшти дека му рекол на Путин дека „нема душа”, на што рускиот претседател одговорил дека „се разбираат” еден со друг.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки одби да објасни дали Бајден сметал дека Путин е убиец и буквално. На прашањето за повлекување на амбасадорот, таа рече дека администрацијата на Бајден ќе има поинаков пристап кон Русија од претходно.

Портпаролката на Стејт департментот, Џалина Портер изјави дека САД, додека работат на унапредување на своите интереси со Русија, исто така ќе побараат Русија да одговара за злосторствата.

Администрацијата на Бајден изрази интерес за соработка со Русија за прашања од заеднички интерес, како што се нови договори за нуклеарно оружје или климатски промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот