Сѐ е чисто кај филмските работници, само се со нерешен статус и со скратен буџет за филм

Постер за „Златна рамка“ 2024

Сѐ е чисто во Друштвото на филмски работници и не постои незаконско финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм, тврди претседателот на Друштвото, Игор Иванов Изи, реагирајќи на неодамна објавениот извештај на Работната група за утврдување на состојбите и на можностите за унапредување на работата на Агенцијата за филм, формирана од министерката за култура во заминување Бисера Костадиновска Стојчевска.

– Уште еднаш потенцираме дека во ДФРМ, по пријавите поминаа сите можни инспекции од министерството за култура, финансиската полиција, полицијата, Државниот завод за ревизија, Комисијата за спречување корупција и како што е евидентно и познато, кај нас е се чисто!, дециден е Иванов.

Внатрешната ревизија на Министерството за култура утврди дека 39 проекти добиле околу 813.000 евра, а не снимиле филмови, ниту дека ги вратиле парите, дека се толерирани фалсификувани документи од повластени продуценти, дека се местени конкурси од лица со судир на интереси, незаконски исплати на пари кон ДФРМ, не биле поднесувани финанасиски извештаи за Фестивалот „Браќа Манаки“ и дека незаконски се извлекувани преку фестивалот „Златна рамка“.

-Овие чудни, насилни и избрзани реакции, евидентно укажуваат на намера да се уништи македонскиот филм, да се уништат македонските филмски продукции, да се уништи Друштвото на филмски работници, а особено да се разединат продуцентите од секцијата Продукија при ДФРМ, кои веќе втора година по ред водат сизифовска борба со Агенцијата за филм и Министерството за култура, барајќи еднаков третман на сите продуценти и подобри услови за филмските професионалци, соопштија денеска од ДФРМ.

Во соопштението испратено до медиумите ДФРМ нагласува дека „главниот генератор на ова „кризно сценарио“ е токму Милчо Манчевски, бидејќи тој, овој извештај го цитираше во јавноста, неколку дена пред самиот да го објави во целост“, а „целта на неговото здружување со Костадиновска Стојчевска, укажува на концентрација на моќ чија единствена цел е реваншизам кон успехот на домашната кинематографија и афирмирање на лажната неприкосновеност на Манчевски“.

Филмските работници интегрирани во најстарото и најистакнатото здружение на филмската фела размислуваат за тужба за клевета и евентуално за кривична пријава за фабрикување на информации од страна на одговорните во Министерството за култура, па претходно преку соопштение, го повикаа идниот министер за култура Зоран Љутков приоритетно да ги расветли до крај сите клевети кои стигнуваат од ресорното министерство.

Филмските работници кои денеска одржуваат Собрание на Друштвото редовно подготвуваат извештаи за својата тековна работа кои се усвојуваат на Собранието, но ниту Министерството за култура ниту Агенцијата за филм не ги побарало од нив, па Иванов ги отфрли како смешни сите обвинувања наведени во Извештајот.

Од друга страна, тој констатираше дека е катастрофална состојбата во која запна македонскиот филм, со постојано намалување на буџетот за филм, а филмските професионалци се наоѓаат во тешка ситуација поради нивниот нерешен статус и токму тоа е во фокусот на денешното годишно Собрание на ДФРМ.

-Слободните уметници како што се режисерите, сценаристи, директори на фотографија, монтажери, сценографи и костимографи имаат право на субвенции, но има и голем број професионалци (шарфери, грид – мајстори, асистенти на шминка) кои не се директни автори во процесот на создавање на филмот, но се важни чинители за секоја филмска продукција и овие луѓе не се некаде вработени, односно станува збор за фриленсери што заслужуваат да имаат решен статус, рече Иванов.

Од вечерва во МКЦ стартува шестото издание на ревијата на македонскиот филм „Златна рамка“ на кој ќе бидат прикажани сите македонски филмови, финансирани од Агенцијата за филм во 2023 година.

-„Златна рамка“ е славење на македонскиот филм и отчет за тоа што е сработено во претходната година. Проекциите се бесплатни и публиката може да ги види македонските долгометражни, документарни и краткометражни филмови кои минатата година ги поминаа филмските фестивали низ светот, а ревијата е одлична можност да се слушне и критика за филмовите поради присуството на авторите, режисерите и процентите, нагласи Ана Василевска, уметнички координатор.

Публиката ќе има можност да ги види трите играни филмови кои излегоа минатата година: „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова, „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски.

Трите почесни награди на церемонијата во среда ќе ги добијат: Тони Михајловски за истакнат актер, Владимир Анастасов како истакнат автор и Марина Колоска за истакнат филмски работник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот