Руинирани училници, секојдневие за учениците од ОУ „Димитар Македонски“ од Лисиче (ГАЛЕРИЈА)

Учениците од основното училиште „Димитар Македонски“ наставата ја следат во субстандардни услови, во бараки изградени во 1964 година. Нивниот престој во училишните клупи е небезбеден, пред неколку месеци падна кровот во салата, среќа немаше повредени, а неодамна имаше и хаварија во библиотеката.

Вака Васил Кироски, родител на ученик во трето одделение го започнува апелот за обезбедување на подобри услови за следење на наставата на неговото, но и останатите деца кои учат во „Димитар Македонски“.

Со цел овозможување достоинствени услови за престој во училишните клупи, група родители, меѓу кои и Васил летово се фатиле за работа, при што од сопствен буџет ја изреновирале училницата во која учат нивните деца.

– Сепак, тоа не е решение. Ние можеме далумно да ги санираме поголемите недостатоци, но тоа не е наша обврска – вели Васил, и во името на сите родители најавува протест и бојкот на наставата доколку наскоро не продолжи изградбата на училишниот објект.

Изградба на нова училишна зграда

Обид за изградба на нова училишна зграда имаше уште во градоначалничкиот мандат на Ивица Коневски, кога пред последните локални избори во 2017 година, беше најавен почеток  на изградбата. Но соработката со тогашниот изведувач беше прекината, во февруари 2019 година поради, како што велат од општината, непочитување на договорот, по што се распиша нов тендер. Крајниот рок за доставување на понудите беше 11 септември. Рокот на важност на понудите е 90 дена, а договорот ќе има времетраење од 16 месеци. Критериум за договор е најниската цена.

– Поради претседателските избори не можеше да се распише нов оглас за избор на фирма за довршување на започнатата изградба на ООУ „Димитар Македонски“ во Општина Аеродром. Според информациите со кои располагаме, сега постапката за избор на нова фирма е при крај и градежните работи ќе продолжат веднаш по завршување на оваа процедура – велат од општината, во форма на одговор.

И покрај оптимизмот на општинарите, до вселувањето во нов објект, децата се приморани да се навикнат на руинираните тоалети, искршените клупи, испуканите ѕидови и тавани.

Додека да се изгради новиот објект, се санира постоечкиот

Изградбата на новата училишна зграда е застаната кај изборот на нова фирма. За колку време учениците ќе влезат во нови училници не знае никој, но во меѓувреме се реновираат старите.

– Во текот на летниот период училиштето заедно со Општината го подготвија постојниот објект за новата учебна година. Се молерисаа училниците и ѕидовите на ходниците, а се сменија и старите со нови лед светилки. Општината има предвидено средства од сопствениот буџет за редовна санација и тековно одржување на основните училиште – велат од општина Аеродром.

[foogallery id=”83073″]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот