Руиниран објект со години „заборавен“ во центарот на Скопје

Од Општина Центар потврдуваат дека оваа локација е приватен имот што сопственикот е должен да го одржува и да се грижи за него.

Во строгиот центар на Скопје покрај булеварот „Свети Климент Охридски“ со години стои напуштен објектот, кој одамна, последен пат го користеше една во тоа време многу позната сендвичарница. Сега од него е останата руина, со искршени прозорци и врати, преполна со ѓубре, пропадната од времето и од негрижата. Околината е со неуредено зеленило, израснато и запуштено, слика што не прилега во урбана инфраструктура.

Жителите од околните згради велат дека е срамно што никој ништо не презема со овој објект, ниту сопственикот ниту општината.

– Со години е вака и секојдневно се повеќе пропаѓа. Не само што е грдо на „око“, туку е и опасно. Прозорците се искршени, стакла искршени има насекаде околу, а да не зборуваме за ширење зарази, бидејќи внатрешноста е претворена во депонија. Не можам да разберам никој ништо да не преземе за да се тргне оваа урнатина од тука. Не е битно дали е приватно или државно земјиште. Срамота е вака, среде центар е! Па и приватен имот да е, нека му наложи Општината да си го среди просторот. Па не може во градов кој што сака да прави, мора да има некаков ред! – вели Горан, кој живее во близина на руинираниот објект.

Од Општина Центар потврдуваат дека оваа локација е приватен имот што сопственикот е должен да го одржува и да се грижи за него.

– Според член 99 од Законот за градење, отстранување објект или негов дел се врши во случај на оштетување на објектот ако постои опасност за негово уривање. Сопственикот на објектот е должен и да преземе итни мерки за отстранување на објектот односно да го означи како опасен со соодветни ознаки, да постави заштитна ограда до отстранувањето на опасноста и да поднесе барање за добивање на одобрение за отстранување до општината – велат од Центар.

Повеќе од очигледно е дека сопственикот не ја исполнува законската обврска и дека никој друг ништо не презема, иако во Законот, кој го наведуваат од локалната власт, исто така стои и можноста доколку сопственикот не ги почитува законските обврски, тоа да го изврши надлежниот орган, во случајов Општина Центар, на трошок на сопственикот на објектот.

Овој простор во постојниот ДУП е зацртан како градежна парцела со намена за изградба на станбена зграда.

– Според Деталниот урбанистички план Голем ринг-запад (Одлука бр.07-5569/18 од 18.7.2012 година) усогласен со ГУП на Град Скопје од 2002 година, кој е дел од Одлуката за начинот на применување на урбанистичките планови (мораториум) бр.08-1859/2 и од 27.3.2019 година тој простор е дефиниран со градежна парцела бр. 5.1 со намена А2 – домување во станбени згради П+6+Пк со Х=21м – објаснуваат од Центар.

Оттаму додаваат дека во моментов се води постапка за донесување на ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници, во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022, во чиј опфат се наоѓа и горенаведената локација и постапката е во претпоследната фаза, односно се чека да се добие согласност од Министерство за транспорт и врски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот