Роди ме, мајко, пратеник и фрли ме на буниште

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Кој може да го натера парламентот да работи, кога истите тие пратеници треба да ги изгласаат промените? Нив пратеничкиот имунитет и понатаму ќе ги штити од редовна работа, а ние што ги плаќаме може само да им плукнеме под собранискиот прозорец. Што би се рекло – роди ме, мајко, пратеник и фрли ме на буниште.

Народните избраници во текот на минатата година одморале дури два месеца, а во другите месеци одржале само по неколку седници. Во ноември 2021 година пратениците само двапати влегле во пленарната сала, во септември 4 пати, во февруари 5, во мај 6, а во јануари 7 пати. Малку поактивни биле во март, декември и во јуни, кога одржале по 10 седници. Најмногу работеле во април, замислете: цели две недели! Во август беа на платен одмор, а во октомври воопшто не работеа поради изборите. За цела 2021 година пратениците одржале само 77 седници. Од вкупно 59 закажани пленарни седници, 39 се завршени, а 20 останале за оваа година.

Се претргнале од работа, што би се рекло. Замислете некој вработен во приватен сектор да не работи два месеца, да си одмора, а при тоа да зема плата. Или, на пример, месецов да се појавите само два или три пати на работа. Знаете што ќе ви се случи, нели? Веднаш ќе ви биде врачен отказ. Ако сакате да одморате два месеца во текот на годината, ќе мора да земете неплатен одмор.

Но, тоа така функционира во приватниот сектор. Во јавниот не е така. Затоа сите се тепаат да се стават на државна цицка. Затоа и имаме нефункционална јавна администрација и нефункционален парламент.

И народот е навикнат на тоа, со години наназад, и затоа секогаш останува индиферентен кон ваквите појави и ситуации, а ваквите вести одекнуваат во јавноста без да кренат голема прашина.

Пратениците лани освен што слушавме дека блокираат и не можат да соберат мнозинство за да заседаваат, друго речиси и ништо да не работеа. Кога се носеа клучни закони што требаше да помогнат во услови на економска и здравствена криза, тие блокираа и се натегаа со илјадници амандмани. Но, затоа, кога треба да гласаат за патни трошоци и за закони што се од нивни интерес, веднаш се цртаат во пленарната сала и постигнуваат согласност, апсолутно мнозинство.

А и зошто би мислеле на народот кога си седат удобно во фотелјите, си одат на работа кога сакаат, а контото месечно им се полни? Кој не би сакал така да работи?

Еве, и во новата година почнаа веднаш со блокади. Вицепремиерот Бујар Османи вчера се пожали дека опозицијата со 180 амандмани го блокира предлогот што се однесува на еден член од Законот за надворешни работи, кој претставува ограничување при селекцијата на дипломати за претседавањето со ОБСЕ. А, да не зборуваме дека со месеци е заглавено именувањето амбасадори во клучни држави и тоа се поради самоволието на еден пратеник од опозицијата. Решение за ваквите ситуации нема.

Можеби би имало кога народот би ги избирал пратениците на отворени листи, кога граѓаните ќе одлучуваат кој од нив ќе седне во пратеничката фотелја и ќе може да ја оценуваат неговата работа преку целата година. И, да биде реизбран само ако се покаже добар, кон гласачите, а не кон партискиот лидер. Ако не, да си бара друга работа, да не го троши залудно народните пари. Вака имаме пратеници што со години седат во Собрание, некои работат помалку, некои повеќе, некои не се појавуваат воопшто, имињата не им ги знаеме, а уште помалку сме ги слушнале нешто да бекнат на собраниска говорница. А и понатаму ги плаќаме. Немаат никаква почит кон институцијата што ја претставуваат, не почитувајќи го на тој начин и работодавецот, народот што ги плаќа.

Нешто во оваа држава мора да се смени. Само, кој да го смени тоа, кој може да го натера парламентот да работи кога повторно истите тие пратеници треба да ги изгласаат промените? А кој би гласал нешто во корист на сопствената штета? Никој, нормално. Нив пратеничкиот имунитет и понатаму ќе ги штити од редовна работа, а ние може само да им плукнеме под нивниот собраниски прозорец. Што би се рекло – роди ме мајко пратеник и фрли ме на буниште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот