Рецепт за тиква бомбици – мали, слатки задоволства од Стефанија Несторовска

Фото: Приватна архива

Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.

Денеска уживајте во неповторливиот вкус на овие мали, слатки задоволства – тиква бомбици (сирови).

Состојки:

– 110 грама (1/2 шолја) пире од тиква
– 2 лажици агаве
– 60 грама (1/4 шолја) путер од бадеми
– 150 грама (1 шолја) бадеми
– 50 грама (1/2 шолја) ореви
– 25 грама (1/4 шолја) кокос
– 1/2 лажичка цимет
– 1/4 лажичка ѓумбир во прав
– 1/4 лажичка морско оревче

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Во мал сад се додаваат пирето од тиква, агавето и путерот од бадеми. Убаво се промешува сѐ додека смесата не се соедини. Се остава настрана додека ја подготвуваме сувата смеса.
Во блендер се додаваат бадемите, кокосот и останатите зачини (без оревите). Се блендира сѐ додека смесата убаво не се иситни и не се добие текстура на „брашно“.
Оваа смеса се додава во голем, длабок сад.
Оревите се сечкаат на мали парченца. Може да користите и блендер за ова, но има шанси премногу да ги иситни. Потребна ни е текстура и малку крцкавост во бомбиците, па затоа најубаво е рачно со нож да се иситнат. Се додаваат во сувата смеса со бадемите.
Течната смеса се додава на сувата смеса и убаво се промешува за сѐ да се соедини. Бомбиците треба лесно да се оформуваат. Доколку има потреба, додадете повеќе брашно, но не откако убаво ќе се промеша целата смеса. Ќе делува малку како да е „мокра“; но без грижи, убаво ќе се впие.
Смесата ја ролате во бомбици. Мене ми излегоа околу 13-ина, но вие можете да ги правите во големина по желба.
По желба може да ги извалкате во кокос. Пред консумирање, најубаво е да ги оставите неколку часови во ладилник, за убаво да се зацврстат и за сите вкусови да се впијат еден од друг.
Бомбиците може да стојат во затворен сад во ладилник до 5-6 дена или замрзнати до 1 месец.

Фото: Приватна архива

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Пирето од тиква ми е од печена тиква. Само го пасирав и го користев така.

→ Путерот од бадеми може да се замени со кој било друг путер од јаткасти плодови или, пак, таан. Вкусот ќе варира во зависност од путерот што ќе го користите, но сигурна сум дека ќе биде превкусно.

→ Ако имате силен и голем процесор за храна/кујнски робот/блендер. Слободно може смесата да ја мешате во него. Прво ги мелете бадемите и кокосот па додавате сѐ останато и на крај рачно само ги додавате сечканите ореви. Јас ја правев постапката во мал блендер.

→ Агавето може да го замените со кој друг било течен засладувач. Но, ако ви е премногу густ и леплив, можеби ќе биде потребно претходно да ги загреете течните состојки за убаво да се измеша сѐ заедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот