Разговор со Васко Марковски: Љубопитен запишувач на феномените на урбаното живеење

Васко Марковски, поет, хроничар и туристички водич

Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје“ се востанови практика на избор на „Книга на месецот“, а за ноември тоа е книгата „Урбани легенди“ од Васко Марковски.

Извесен период пред 12-13 години со Васко Марковски работевме во редакцијата што ги подготвуваше, сега згаснатите, неделник „Форум“ и месечен „Лајф магазин“. Од рубриките што тогаш ги подготвуваше, Марковски подоцна успеа да состави две книги, од кои едната е со наслов „Урбани легенди“ и е прогласена за „Книга на месецот“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје“. Оттука се појави и идејата за откривање на приказната поврзана со создавањето на книгата.

Како лично го доживеа изборот на твојата монографија „Урбани легенди“ за книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје“?

– Најкусо речено, како голема чест и голема радост. Не сум можел ни да помислам дека некогаш ќе бидам писател и дека некогаш Градската библиотека ќе препорачува моја книга како „Книга на месецот“. Чувството е посебно, кога ќе помислиш дека библиотеката во која првпат си ја доживувал возбудата на средбите со новите светови што ти ги откриваат книгите, денес препорачува за книга на месецот книга чиј автор е тоа исто дете. Како остварен детски сон што ти личел недостижен да го сонуваш…

Колку изданија има книгата и дали, можеби, имаш материјали за проширување на списокот на урбаните легенди?

– „Урбани легенди“ годинава го дочека второто издание, за што имаше интерес кај читателите, ценејќи по обраќањата до авторот, до „Бегемот“ како издавач, и од повратната информација што ја добивавме од книжарниците.

Списокот за нови епизоди остана недоистрошен уште со згаснувањето на неделникот „Форум“, каде што премиерно беа објавувани приказните, но и понатаму, чекорејќи секојдневно низ градот како туристички водич, во секојдневните разговорите со луѓето со кои се среќавам, се раѓаат идеи за нови места, личности и феномени на урбаното живеење.

Насловна корица на книгата „Урбани легенди“

Што своевремено те мотивираше да создадеш мозаична книга во која се застапени личности, места и предмети што со текот на времето го стекнале статусот „легенда“?

– Материјалот за книгата е настанат како рубрика во неделникот „Форум“, за кој работев како новинар во периодот од 2007 до 2011 година. Идејата беше на тогашното уредништво на неделникот, по чија одлука серијалот репортажи „Непозната Македонија“, на кој дотогаш работев, продолжи да се објавува во месечникот „Лајф магазин“, а во „Форум“ ми беше доделена рубриката „Урбани легенди“, која беше предвидена со новиот концепт на неделникот.

Возбудата да се документираат личности, места и феномени што ги препознаваме како нешто што ни е заедничко со луѓето со кои живееме во градот, без разлика дали се познаваме или не, сум ја чувствувал отсекогаш. Се сеќавам на сите тефтери и тефтерчиња во кои сум запишувал некои такви „семчиња“, чудни податоци, за кои како да сум насетувал дека некогаш ќе ги искористам во некаква форма на текст, или едноставно, сум ги запишал сакајќи да ги зачувам, за да не ги заборавам.

Веројатно влијание има и приказната на моето маало, во кое сум растен, населбата „Дексион“, настаната на местото на некогашните овоштарници кај Ѓорче Петров, каде што по земјотресот во 1963 година биле подигнати „англиските бараки“. Населба во која се измешале луѓе од различни делови на разурнатиот град, од разни краишта на Балканскиот Полуостров, со различни културолошки идентитети, различни нивоа на образованост, а сепак, живееја како едно големо хармонично семејство. Но, би ја споменал и Струга, каде што ги поминував летните и зимските распусти, која на свој начин е таква мешавина од инспирација и феноменолошки провокации.

Возбудата да се документираат личности, места и феномени сум ја чувствувал отсекогаш

На кој начин ги селектираше легендите што се дел од содржината на книгата?

– Бидејќи серијалот настана како дел од продукцијата на неделен весник, првото што го направив беше едно себепреслушување, составување список на места, личности или нешта од градот за кои ценам дека би можеле да влезат под наднасловот „Урбани легенди“, за кои во разговорите сум насетувал дека како генерација би сакале да им ги пренесеме на следните генерации или да им го покажеме на повозрасните како нешто што е „наше“ видување на градот.

Како што се составуваше листата, почнав и хиерархиски да ја подредувам, пред сè, на практично ниво, кои од приказните би можело побргу да се склопат, со оглед дека стануваше збор за неделник и дека треба да се акумулира резерва од контактирани соговорници, направени разговори, за да може да се постигне темпото и да се одржи континуитетот на процесот. Откако тркалото се затркала и откако рубриката почна да добива препознатливост и своја публика, веќе и читателите се вклучија во генерирањето идеи, а и соговорниците од веќе објавените приказни многупати беа од помош за да се најде соговорник, илустрација или тема за нови приказни.

Книгата е нешто што треба како целина да се гледа низ таа призма. Свесен сум дека имало и ќе има забелешки дека нешто друго заслужува можеби повеќе да биде тема, во споредба со нешто што е во книгата објавено. Се обидов тие нешта да ги појаснам во предговорот, кој го насловив „Повелете и простете“.

Работиш како туристички водич, повремено објавуваш книги, пишуваш и преведуваш поезија. Што е резултанта на сите овие дејности?

– Сметам дека тоа е одлуката да станам туристички водич, професија која на возбудлив начин ми ги вкрстува сите досегашни искуства и љубопитности: истражувањето, пишувањето, јазиците што ги зборувам и запознавањето секакви луѓе, од најнезамисливи краишта на светот. Работејќи во различни дејности научив една лекција, дека живееме во многу динамично време и дека е време кога мора да имаме и резервна професија. Мојата комбинација сега се туризмот, литературен преведувач, пишување и консултант.

Во библиотеката се одржа разговор со Васко Марковски за неговата книга „Урбани легенди“

Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ најавен си како современиот хроничар на градот Скопје. Каква „тежина“ носи оваа квалификација?

– Ќе бидам нескромен ако не речам дека таквата квалификација импонира, но ќе бидам искрен, се плашам од неа и гледам да ѝ побегнам дваесетина чекори подалеку. Да си „хроничар на градот“ е епитет што може да се заслужи со монашка посветеност и со незапирливи реки од продукција. Возбудата за да дадам таков придонес ја имам и се обидувам да дадам свој скромен придонес.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот